Свет
Судот на Фиџи одобри САД да запленат суперјахта на руски олигарх

Судот на Фиџи денеска пресуди дека Соединетите Држави можат да запленат суперјахта во сопственост на руски олигарх, објавија медиумите 21 ден откако луксузниот брод пристигна во оваа островска држава на Тихиот Океан, по што беше приведен од локалната полиција.
Американските власти тврдат дека „Амадеа“ е во сопственост на рускиот олигарх Сулејман Керимов, кој е под санкции на САД и на Европската Унија, пренесува „Ројтерс“.
Работната група „Клепто Капчер“ на американското Министерство за правда се фокусираше на запленување јахти и друг луксузен имот во сопственост на богати Руси со цел да се изврши притисок врз рускиот претседател Владимир Путин да ја запре војната во Украина со запленување на имотот и парите на руските олигарси.
Адвокатите кои ги застапуваат интересите на сопственикот на јахтата од канцеларијата на Ханиф Туитога не одговорија на барањето на „Ројтерс“ за коментар, но медиумите објавија дека адвокатите на сопственикот на јахтата „Амадеа“ потврдиле дека ќе бараат привремен престој за да спречат бродот да биде влечен.
Луксузниот брод „Амадеа“ пристигна на Фиџи минатиот месец по 18-дневно патување низ Пацификот од Мексико.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Се нуди награда од 50.000 долари за осомничен за двојно убиство во Минесота

Американските власти во Минесота и натаму трагаат по 57-годишниот Венс Лутер Бетлер, осомничен за убиство на демократската пратеничка Мелиса Хортман и нејзиниот сопруг, како и за ранување на сенаторот Џон Хофман и неговата сопруга.
Државното Биро за кривични дела на Минесота објави дека Бетлер е висок 195 см, тежи околу 100 килограми, има кафеава коса и очи, и последен пат бил виден вчера во Минеаполис, облечен во светол каубојски шешир, темна кошула со долги ракави и светли панталони, носејќи темна торба.
– Не знаеме дали има соучесници, можно е да бил со други лица. Сакам да ги сослушаме сите што можеби биле во контакт со него, изјави полицискиот претставник Дру Еванс.
ФБИ објави фотографија од Бетлер како стои пред домот на еден пратеник маскиран како полицаец, и понуди награда од 50.000 долари за информации што ќе доведат до негово апсење и осуда.
Бетлер живее во округот Сибли, близу градот Грин Ајл, и работи како директор за безбедносни патроли во приватна фирма. Во минатото бил генерален менаџер во синџир продавници и фабрика за храна.
Во 2016 година бил назначен од тогашниот гувернер Марк Дејтон за претставник од приватниот сектор во Советот за развој на работната сила, организиран од гувернерот. Во истиот совет членувал и сенаторот Хофман, жртвата на нападот.
Засега не е јасно дали Бетлер и Хофман имале лична поврзаност.
Американските власти нападите ги опишаа како „чинови на политичко насилство“.
Свет
Германија, Франција и Велика Британија нудат итни преговори со Иран

Германија, Франција и Велика Британија се подготвени веднаш да започнат разговори со Иран околу неговата нуклеарна програма во обид да се намали тензијата на Блискиот Исток, изјави германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул.
– Се надевам дека ова сè уште е можно, изјави Вадефул за германската јавна телевизија АРД, додавајќи дека Техеран претходно ја пропуштил можноста за конструктивни разговори.
Тој нагласи дека деескалацијата и долготраен мир во регионот се можни само ако Иран престане да биде закана за регионот, Израел и Европа.
Свет
Еден загина откако се урнаа два воздушни балони над долината Ихлара, дел од познатата туристичка област Кападокија

Два воздушни балони се урнаа во централна Турција, при што загина најмалку едно лице, а 19 се повредени, јави турската државна телевизија ТРТ.
Загинатиот бил еден од лицата што управувале со балоните.
Несреќата се случила при лет над долината Ихлара, дел од познатата туристичка област Кападокија, која е позната по балонските летови и живописниот пејзаж.