Македонија
Екосвест: Во Новаци речиси нема денови со здрав воздух
Здружението Екосвест во соработка со регионалната мрежа CEE Bankwatch изработи анализа за загадувањето во општината Новаци од ТЦ Осломеј и РЕК Битола.
Нивните податоци, како што укажуваат, се во насока на тоа дека комплексот РЕК Битола е еден од најголемите загадувачи во Европа, а општина Новаци и Битолскиот Регион го примаат главниот удар.
Анализата покажува дека електраната предизвикува до шест предвремени смртни случаи само во општината Новаци.
„Новообјавената анализа ‘Загадување на воздухот и поврзани здравствени последици во Новаци, Северна Македонија’ подготвена од CEE Bankwatch Network во соработка со Екосвест уште еднаш ги потврдува претходните наоди дека РЕК Битола е главниот причинител за надминување на граничните вредности за загадување на воздухот во Новаци и околината. Според анализата, направена целосно според независни мерења извршени од Bankwatch, надминувањата на ПМ10 и ПМ2.5 честичките се главно во зимските месеци и потекнуваат од насоката на електраната, рудникот за јаглен и депонијата за пепел. Надминувањата, пак, на вредностите на сулфур диоксид доминантно потекнуваат од насоката на оџаците на електраната кои испуштаат неколку пати повеќе гасови од дозволеното“, велат од Екосвест.
„Собраните измерени податоци ги споредивме со законските граници, но и со тие препорачани од Светската здравствена организација како оптимални за заштита на здравјето. Резултатите покажаа дека речиси нема ден во Новаци во кој концентрацијата на некој загадувач не е над нездравите вредности“, изјави Давор Пехчевски, еден од авторите на студијата.
Се наведува дека ваквата концентрација на загадувачи предизвикува сериозни здравствени последици. Само ПМ2.5 честичките во Новаци предизвикуваат до 6 смртни случаи годишно, или пренесено на популација од 100.000 тоа би биле 152 предвремени смртни случаи. Тоа е 50% поголема смртност од аерозагадување отколку во Тузла, друго место со високозагадувачка електрана на јаглен.
И покрај ваквата ситуација, велат од Екосевест, властите и АД ЕСМ и понатаму не преземаат сериозни активности за намалување на загадувањето од РЕК Битола и за заштита на здравјето на жителите од Битолскиот Регион, но и во целата земја.
„Плановите за продолжување на работниот век на ТЕЦ Битола по 2030 година преку отворањето на рудникот Живојно значат и дека битолчани ќе треба да го жртвуваат своето здравје за термоелектраната која работи нелегално и без еколошка дозвола. Ситуацијата во која се ставени битолчани покажува крајна негрижа за човековото здравје“, потенцираше Невена Смилевска од Екосвест.
Целата публикација – Загадување на воздухот и поврзани здравствени последици во Новаци, Северна Македонија може да се преземе на следниот линк: https://bankwatch.org/wp-content/uploads/2022/05/Regular-Zagaduvane-na-vozduhot-i-povrzani-zdravstveni-posleditsi-vo-Novatsi-Severna-Makedonija.pdf
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со дожд за Божик, на планините снег
Времето денес променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта.
На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 12 степени.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.

