Македонија
Се укинуваат сите ковид-мерки, oсвен маските во неколку случаи

Владата на денешната редовна седница ги прифати предлозите на Главниот координативен кризен штаб утврдени според препораките на Комисијата за заразни болести.
Во согласност со овие предлози Владата донесе заклучок според кој престануваат да важат сите рестриктивни мерки, освен задолжителното носење заштитни маски во здравствените установи, аптеките и во установите за згрижување возрасни лица и лица со попреченост.
Со заклучок од седницата Владата ги реафирмира препораките за почитување и практикување на основните превентивни мерки за заштитам како што се негрупирање и одржување физичка дистанца, носење заштитни маски на јавни места, особено во затворен простор кога нема можност за физичка дистанца, како и редовна лична хигиена, проветрување на затворените простории и самоизолација во домашни услови при услови на симптоми на заболувања на респираторниот систем.
Со заклучоците од седницата на Владата им се препорачува на здравствените домови да ја интензивираат теренската вакцинација на возрасните лица над 80 години поради нискиот опфат со имунизација на оваа старосна група, како и да продолжи вакцинацијата меѓу здравствените работници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Милевски: Виница 4 години назадува, катастрофално владеење на Петков и ВМРО-ДПМНЕ

Така наречениот отчет на градоначалникот Миле Петков и ДПМНЕ е најдобар доказ за четири години катастрофално и досега невидено лошо владеење на една локална власт во Виница, изјави кандидатот на СДСМ за градоначалник на Виница, Гоце Милевски.
Наместо вистински отчет, додаде тој, видовме обид за замачкување на очите на јавноста и бегање од одговорност за неисполнетите ветувања.
„Затоа таканаречениот отчет беше во скап хотел а не на улиците, во градот и селата во Виница. Затоа што реалноста е разочарувачка. Ниту еден од капиталните проекти од програмата на Петков и ДПМНЕ за Виница не се реализирани“, рече Милевски.
Според Милевски, Петков се фалел со наследени проекти од претходната власт на СДСМ и неколку асфалтирани улици.
„Но фактите говорат: сегашната власт нема реализирано ниту 20 километри улици, наспроти 45 километри изградени во времето на СДСМ. Виница денес изгледа како мала депонија од не собереното ѓубре и смет, собирен центар за кучиња скитници, со небезбедни кратери од вода и хаос од неправилно паркираните возила, со запуштени зелени површини и ниту едно ново засадено дрво. Тоа сликата за Виница после 4 години неспособна локална власт на ВМРО-ДПМНЕ. Да не дозволиме оваа казна да продолжи уште четири години! Локалните избори се шанса за промени во Виница“, рече Милевски.
Македонија
Голема акција на Финансиската полиција: уапсени седум лица за даночни измами и перење пари, го оштетиле буџетот за 430 милиони денари

По двегодишна опсежна предистражна постапка, во текот на денешниот ден Управата за финансиска полиција спроведе акција во која беа извршени претреси на повеќе локации на подрачјето на општина Липково, Куманово и Желино.
Се работи за сложена предистрага, која опфаќа повеќе правни и физички лица, а целта е целосно разоткривање на криминална група, која дејстувала подолг временски период и имала цел вршење на кривичните дела злосторничко здружување, даночно затајување, даночна измама и перење пари и други приноси од казниво дело, со намера организаторите и припадниците на групата да стекнат противправна имотна корист во висина од над четиристотини триесет милиони денари, со што е предизвикана огромна штета на буџетот на Република Македонија.
По налог на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во акцијата со асистенција на САЕ „Тигар“ од слобода се лишени седум лица и тие се изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд, а едно лице не е достапно на органите на прогонот.
Македонија
Утре сончево време, со температура до 34 степени

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во источните делови ќе има услови за локален краткотраен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 32 степена.
До петок времето ќе се задржи претежно сончево и топло со постепен пораст на дневните температури. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
За време на викендот времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. В сабота ќе дува умерен до засилен југозападен, а в недела ветерот ќе го смени правецот во северен.