Свет
УНИЦЕФ: Учебната година во Украина се ближи кон трагичен крај
Стотици училишта низ Украина, наводно, биле погодени од тешка артилерија, воздушни напади и друго експлозивно оружје во населените области, „подвлекувајќи го драматичното влијание што конфликтот го има врз животите и иднината на децата“, соопшти Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ), пренесуваат светските медиуми.
– Почетокот на академската година во Украина беше една од надежите и ветувањата за децата по нарушувањето Ковид-19. Наместо тоа, стотици деца беа убиени, а учебната година завршува во услови на затворање на училниците поради војната и уништувањето на образовните објекти, рече Мурат Сахин, претставник на УНИЦЕФ во Украина.
Меѓу училиштата оштетени или уништени од гранатирањето е и единственото „безбедно училиште“ во Мариупол, соопшти УНИЦЕФ, додавајќи дека две училишта биле погодени од напади само минатата недела.
Програмата „Безбедни училишта“ е воспоставена со украинското Министерство за образование и наука како одговор на нападите врз градинките и училиштата во регионот на Донбас, каде што вооружениот конфликт врие од 2014 година, соопшти УНИЦЕФ.
УНИЦЕФ посочува дека училиштето им обезбедува на децата погодени од кризата не само безбеден простор и илузија на нормалност во најтешките времиња, туку и пристап до информации за опасностите од смртоносните експлозивни направи.
Војната во Украина има „погубни последици“ врз 7,5 милиони деца во земјата, соопшти УНИЦЕФ, бидејќи „децата продолжуваат да бидат жртви, повредени и длабоко трауматизирани од насилство насекаде околу нив.
Повеќе од 5,4 милиони бегалци ја напуштиле Украина до 1 мај, од кои половината се деца, покажуваат најновите податоци на УНИЦЕФ. Милиони луѓе се внатрешно раселени, рече УНИЦЕФ, додавајќи дека „ваквото големо раселување може да има трајни последици за генерациите што доаѓаат“, пишува Си-ен-ен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Зеленски е главната пречка за постигнување договор
Американскиот претседател Доналд Трамп во средата изјави дека лидерот на иранската опозиција Реза Пахлави „изгледа многу пристојно“, но изрази неизвесност дали Пахлави ќе може да добие поддршка во Иран за на крајот да ја преземе власта. Во ексклузивно интервју за Ројтерс во Овалната соба, Трамп рече дека постои можност иранската влада да падне.
Тој исто така го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски за застојот во разговорите со Русија околу војната во Украина.
На прашањето која е главната пречка, тој едноставно одговори: Зеленски. „Мора да го натераме претседателот Зеленски да се согласи“, рече тој.
Трамп повеќе пати се закани дека ќе интервенира во поддршка на демонстрантите во Иран, каде што, според извештаите, илјадници се убиени во антирежимските немири.
Свет
Данска по средбата со САД: Не се согласуваме за иднината на Гренланд
Соединетите Американски Држави, Данска и Гренланд ни по денешниот состанок во Вашингтон не се приближија до договор за иднината на Гренланд. Данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен изјави дека и понатаму постои, како што рече, фундаментално несогласување со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, која се залага за американска контрола врз овој автономен територијален дел од Кралството Данска.
Состанокот бил одржан со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и со американскиот државен секретар Марко Рубио, по изјавата на Трамп дека „сè помалку од американска контрола врз Гренланд е неприфатливо“.
Расмусен по разговорите изјави дека тој и претставниците на Гренланд воделе „искрена, но конструктивна дискусија“ со Венс и Рубио, но дека ставовите остануваат суштински различни.
„Претседателот јасно го изнесе својот став, а ние имаме поинаква позиција“, рече Расмусен на прес-конференција во Вашингтон, додавајќи дека Данска смета оти долгорочната безбедност на Гренланд може да се обезбеди во рамки на постојниот политички и уставен поредок.
„Идеите што не би го почитувале територијалниот интегритет на Кралството Данска и правото на народот на Гренланд на самоопределување се целосно неприфатливи“, истакна тој.
Расмусен додаде дека е договорено формирање работна група на високо ниво, која треба да се обиде да најде заеднички пат напред, иако, како што рече, „фундаменталното несогласување останува“. Првиот состанок на оваа група се очекува во наредните недели.
Паралелно со дипломатските разговори, Данска и нејзините сојузници ја зајакнуваат воената присутност на Гренланд поради, како што наведуваат, влошената безбедносна состојба на Арктикот.
Шведска денеска, на барање на Данска, испрати неопределен број војници на Гренланд. Шведскиот премиер Улф Кристерсон објави дека шведските офицери ќе бидат дел од поширока група сојузнички сили кои ќе учествуваат во подготовките за претстојната воена вежба „Operation Arctic Endurance“.
Германското министерство за одбрана соопшти дека Германија во четврток испраќа извиднички тим од 13 припадници на Бундесверот во Нуук. Станува збор за тридневна мисија, од 15 до 17 јануари, чија цел е проценка на условите за можни идни воени придонеси за безбедноста на регионот, вклучително и надзор на поморскиот простор. Германските војници доаѓаат на покана на Данска и во соработка со други европски земји.
Данското министерство за одбрана претходно потврди дека ја зголемува воената присутност на Гренланд поради „безбедносни тензии“, додека разговорите со САД за иднината на територијата продолжуваат без приближување на ставовите.
Расмусен заклучи дека, и покрај длабокото несогласување, дијалогот со САД ќе продолжи.
„Се согласуваме дека не се согласуваме, но ќе продолжиме да разговараме“, рече тој, нагласувајќи дека Данска нема да отстапи од црвените линии, кои вклучуваат почитување на територијалниот интегритет и правото на народот на Гренланд на самоопределување.
Фото: depositphotos
Свет
Ројтерс: Можно американско воено интервенирање во Иран во наредните 24 часа
Американска воена интервенција во Иран станува сè поизвесна и би можела да се случи во наредните 24 часа, изјавиле европски претставници за „Ројтерс“.
Според еден европски функционер, можноста за американска воена акција значително се зголемила и временската рамка сега се мери во часови, а не во денови. Друг европски извор оценил дека интервенцијата изгледа веројатна.
Израелски функционер изјавил за Ројтерс дека се чини оти американскиот претседател Доналд Трамп веќе донел одлука за интервенција, иако сè уште не е јасно кога би започнала и колкав би бил нејзиниот обем.
Според Ројтерс, САД и Обединетото Кралство повлекле дел од персоналот од воздушна база во Катар, по заканите на Иран за одмазда врз американските бази во регионот. Истовремено, Иран ги предупредил соседните земји дека евентуален американски или израелски напад би имал регионални последици.
Напнатоста дополнително се зголемила по изјавите на Трамп, кој ги повикал демонстрантите во Иран да продолжат со протестите, наведувајќи дека помошта е на пат без дополнително објаснување.

