Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Просветните работници треба да знаат до каде е дијалогот меѓу СОНК и Владата
Просветните работници треба да знаат до каде е дијалогот СОНК-Влада и за колку проценти ќе пораснат нивните плати, смета опозициската партија.
„СДСМ со притисоци, закани и крајно манипулативно го прекина штрајкот на просветните работници. Притоа се повикаа на помирувач кој е пристрасен, односно е вработен во кабинетот на еден министер чиј ресор е директно засегнат од штрајкот. Тоа направи невидена манипулација и понижување на просветните работници.
Од прекинувањето на штрајкот со манипулативни методи до денес помина недела дена, а јавноста нема никаква информација дали и што договориле двете страни, СОНК и Владата со посредство на помирувачот вработен во кабинет на министер.
Очигледно целта на власта е што е можно повеќе и подолго да се пролонгира и да се забошотат легитимните барања на просветните работници. Наставниот кадар легитимно бараше согласно колективниот договор нивните плати да се нивелираат според порастот на минималната плата. Тоа ќе овозможеше поголема и достоинствена заработка на лицата кои се грижат, ги воспитуваат и едуцираат нашите деца. Навистина е понижувачки наставниот кадар да зема плата која е едвај повисока од минималната плата во земјата. Изговорите на власта дека нема пари, дека покачувањето ќе предизвика инфлација и слично беа обични лаги, бидејќи јавноста виде дека биле трошени милиони евра за криминални физибилити студии, криминални договори во 4 очи, набавки на цвеќиња, кафиња, жардиниери, фстаци службени возила и какви ли не други непродуктивни трошоци.
Јавноста и просветните работници треба да знаат каков е епилогот од преговорите на СОНК и Влада и за колку ќе се зголеми платата?
Колку повеќе кријат, толку поочигледно станува манипулативното ‘задушување’ на штрајкот на просветните работници од страна на Владата на СДСM и ДУИ“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со утринска магла и температури над просекот
Денешниот ден носи претежно сончево и стабилно време во целата земја. Утрото на повеќе места почна со појава на магла и зголемена облачност, особено во котлините, но во текот на денот се очекува разведрување. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Утринските температури се ниски и се движат од минус 4 до 3 степени, додека дневните ќе пораснат и ќе достигнат од 10 до 15 степени.
Во Скопје, делови од котлината утрово се зафатени со магла, но во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко, со мала до умерена облачност. Минималната температура се очекува да се спушти до минус 2, а максималната да достигне околу 11 степени.
Стабилното и сончево време ќе продолжи и во текот на следната седмица. И понатаму, во ноќните и утринските часови, по одделни котлини и речни долини ќе се задржува магла, додека дневните температури ќе останат над просекот за овој период од годината.
Македонија
Ахмети од протестот на плоштадот „Скендербег“: Процесот во Хаг треба да заврши со ослободителна пресуда
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска се обрати на протестот што се одржа на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, организиран во знак на поддршка за поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои им се суди во Хаг за воени злосторства.
Ахмети порача дека судскиот процес треба да заврши со ослободителна пресуда, оценувајќи дека обвинетите се соочуваат со обвинувања за дела кои, како што рече, не ги сториле.
Тој нагласи дека ОВК не била насочена против ниту еден народ, туку дека се борела за слободата на албанскиот народ.
„Време е нашите синови да се вратат дома. Нашите синови се невини, нашата борба е чиста. Војната на ОВК е света и затоа сите ние, големи и мали, мажи и жени, сме ОВК“, рече Ахмети .
Лидерот на ДУИ оцени дека, по Тирана и Приштина, и Скопје го покажало својот став со поддршката за, како што наведе, слобода и правда за поранешните припадници на ОВК.
Меѓу обвинетите во Хаг се поранешниот косовски премиер Хашим Тачи и поранешниот косовски претседател Јакуп Красниќи.
Македонија
Затворен сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 11:00 часот граничниот премин Евзони (ГП Богородица) е затворен за сообраќај, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

