Економија
(Видео) Новата Toyota Aygo X – Инспирација за новата генерација!
□ Целосно нов компактен урбан кросовер, уникатен за А-сегментот на возила
□ Концептот на “зачинети бои” и извонредниот дизајн му додаваат нова димензија на карактерот на Aygo X
□ Компактен, а сепак простран, истовремено нуди одлична агилност, нешто што доликува на модел од А-сегментот на возила
□ Самоуверено возење и подобрена видливост со високо ниво на комфор при возењето
□ Целосно спакуван со напредна технологија, истовремено останувајќи економичен
Целосно новата Toyota Aygo X е уникатен кросовер во А-сегментот на возила, дизајниран и произведен за европскиот купувач за да ги задоволи барањата на градскиот и приградскиот живот.
Со цел да го направи новото Aygo X најдобриот производ што се нуди во сегментот, Toyota презеде темелно истражување на барањата за возење во град низ целиот континент, слушајќи ја желбата на клиентите за стилски, компактен и безбеден автомобил.
Резултатот е најновиот компактен автомобил во линијата на Toyota, конструиран врз добро познатата GA-B платформа на Toyota Global New Architecture (TNGA), за првпат претставена во новиот Yaris – автомобилот на годината за 2021 година во Европа – а од неодамна и во Yaris Cross.
Без разлика дали е во град или на отворен пат, автомобилот од А-сегментот мора да се истакне со својата компактност и агилност за да му ја пренесе довербата на возачот. Исто така, треба да создаде и пренесе чувство на емоции, а истовремено да ги интегрира најдобрите технолошки достигнувања во компактен пакет што е економичен за возење.
Целосно новото Aygo X го испорачува сето ова, па дури и повеќе, за да биде сè она што го посакуваат европските клиенти од еден автомобил од А-сегментот.
МИРИС НА ЗАЧИНИ
Дизајнерите на новото Aygo X сакаа да внесат чувство на смелост и зачинетост кај купувачите на компактни автомобили во Европа.
Откако Aygo за првпат пристигна на пазарот во 2005 година, не само што беше најпристапниот автомобил на Toyota во Европа, туку ги воодушеви и клиентите со својот младешки и забавен карактер. Овие квалитети привлекоа многу нови европски купувачи кои се свесни за стилот и квалитетот на возилата на Toyota.
Повеќе од кога било, новите клиенти на Toyota бараат стил, оригиналност и шанса да го покажат својот личен израз. Секој заслужува кул автомобил!
По презентирањето на концептот на Aygo X во „Sparkling Chilli Red“ бојата, проектот Aygo X беше префрлен во одделот за “Styling” во Toyota Motor Europe во Белгија, каде дизајнерските тимови тесно соработуваa со тимот за планирање, истражување и развој на производите за да го претворат новиот автомобил од А-сегментот од концепт до реалност.
Храбрата изведба со двобојна каросерија на Aygo X, заедно со новиот концепт на “зачинети бои”, создава уникатен графички профил што го привлекува вниманието и ја нагласува подготвеноста на новиот модел веднаш да стапи во акција.
Новиот концепт на бои е инспириран од различни зачини каде секоја боја ги доловува вкусовите на купувачите но и карактерот на автомобилот.
Кардамон остава впечаток на стил и елеганција, давајќи префинета и дискретна естетика
Чили е огнена и висококвалитетна боја што ги привлекува погледите на минувачите
Ѓумбир е софистицирана беж боја што навестува дух на авантура
Џунипер е младешки израз на мажественост и е сина боја создадена специјално за моделот давајќи му ледена свежина

Секоја од овие моќни зачинети бои во контраст со црна боја на покривот и задниот дел го прави Aygo X веднаш да се истакне и да биде препознатлив.
Оваа тема на зачини не е само површинска. Внатрешните детали се совпаѓаат со зачинетите бои на надворешноста за да дадат препознатлив дизајн и на внатрешноста. Ако одблизу ги видите седиштата, ќе се забележи симболот „X“ дискретно зашиен во ткаенината. Името на моделот Aygo X исто така суптилно се проткајува во остриот изглед на фаровите за да се обезбеди силен и кохерентен идентитет.
Двобојноста на Aygo X веднаш го привлекува вниманието на луѓето. Јасно е дека не се работи само за
детаљ. Тоа е составен дел од дизајнот.
КОМПАКТЕН И АГИЛЕН
Со должина од 3700 mm, новиот Aygo X е за 235 mm подолг од неговиот претходник, додека меѓуоскиното растојание е зголемено за 90 mm. Карактеристично е што моделот ќе се нуди со 17” и 18” тркала.
Дизајниран за најтесните градски улици, Aygo X има и исклучително мал радиус на вртење од само 4,7 метри, еден од најдобрите во сегментот.
Вкупната ширина на каросеријата е зголемена за 125 mm на 1740 mm во споредба со Aygo. Како резултат на тоа, предните седишта се поместуваат за 20 mm поназад, зголемувајќи го просторот на рамената за 45 mm. Багажниот простор е исто така водечки во сегментот, и истиот е зголемен за 60 литри (на 231) во споредба со претходната генерација. Висината на возилото е зголемена за 50 mm на 1510 mm.
Системот за управување е приспособен за урбано и приградско возење, при што новиот CVT менувач обезбедува најдобра реакција во класата, интуитивно менување на брзини, истовремено одржувајќи силна рамнотежа на потрошувачката на енергија и гориво.
БЕЗБЕДЕН
Без разлика дали се движи низ градски сообраќај или вози по автопати, секој возач сака да се чувствува безбедно, а Aygo X го обезбедува тоа на повеќе начини.
Како компактен кросовер со висока позиција на возење, растојанието од подлогата е зголемено за 11 mm од претходната генерација.
Положбата на седење е подигната за 55 mm што овозможува лесен визуелен контакт со другите учесници во сообраќајот, особено со велосипедистите и пешаците. Понатаму, аголот на А-столбот е зголемен за 10 % на 24º за подобра видливост.
ТЕХНОЛОШКИ НАПРЕДЕН
Aygo X е компактен автомобил опремен со најсовремените технолошки достигнувања.
Најновиот мултимедијален систем на Toyota исто така нуди и навигација базирана на “cloud” за да обезбеди информации за рутата во реално време. Новите услуги ќе се воведуваат со текот на времето преку безжични надградби, така што новиот софтвер и поврзаните услуги автоматски ќе се внесуваат во системот. Мултимедијалниот систем нуди исто така и жична и безжична врска со паметни телефони преку Android Auto и Apple CarPlay.
Aygo X прави голем чекор напред во однос на безбедноста, воведувајќи го Toyota Safety Sense како стандардна опрема ,за прв пат кај компактен модел од А-сегментот.
Најновиот Toyota Safety Sense користи комбинација на камера и радар, а системот за предупредување од судир (PCS) сега работи и при поголеми брзини. Aygo X стандардно е опремен и со сензори за откривање пешаци во дневни и ноќни услови, откривање велосипедисти во дневни услови, систем за помош за ублажување на судир, интелигентен адаптивен темпомат како и систем за помош при одржување коловозна лента.

ЕКОНОМИЧЕН
Aygo X е придвижуван од повеќекратно наградуваниот 1.0-литарски мотор којшто е значително подобрен за да ги исполни европски регулативи, а истовремено нуди високи нивоа на безбедност и перформанси, со потрошувачка на гориво од само 4,7l/100km и емисија на CO2 од 107 g/km.
Aygo X има најниска тежина на каросеријата од кој било автомобил од А или Б сегментот, што помага да се испорача одлична економичност на горивото.
Моделот на македонскиот пазар ќе се понуди со почетна цена од 13.490 Евра и 10 годишна гаранција на возилото.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Народната банка и Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија (SECO) потпишаа меморандум за соработка и јакнење на институционалните капацитети
Народната банка и Државниот секретаријат за економски прашања на Швајцарија – СЕKО (SECO) потпишаа Меморандум со кој се воспоставува рамка за соработка во периодот 2025 ‒ 2028 година. Меморандумот го потпишаа гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и амбасадорот на Швајцарија во земјава, Кристоф Зомер.
Соработката опфаќа обезбедување техничка помош и размена на знаење заради унапредување на истражувачката активност, модернизација на алатките неопходни за водење монетарна политика, зајакнување на стабилноста на финансискиот сектор, како и за понатамошно јакнење на институционалните капацитети на Народната банка.
„Воспоставената соработка претставува значаен поттик за натамошно зајакнување на капацитетите на Народната банка во повеќе важни области на работењето и потврда на долгогодишното партнерство меѓу нашата земја и Швајцарија“, истакна гувернерот Славески нагласувајќи ја улогата на централната банка во обезбедувањето макроекономска стабилност и поддршката на одржливиот економски развој.
„Швајцарија е посветен партнер за развој на Северна Македонија повеќе од 30 години. Преку овој меморандум за соработка, ја потврдуваме нашата поддршка за економските институции и реформите во земјата, како и за силна, независна и кредибилна централна банка којашто ги применува меѓународните и европските стандарди. Швајцарија го почитува ова партнерство и е посветена на унапредување на макроекономската стабилност и на одржливиот економски развој“, истакна амбасадорот Зомер.
Во рамките на Програмата, активностите се насочени кон унапредување на спроведувањето на монетарната политика, промовирање стабилен и сеопфатен финансиски сектор, зајакнување на отпорноста, одржливоста и ефикасноста во работењето. Поддршката опфаќа анализа и спроведување на монетарната политика, макроекономски податоци и статистика, истражувања, финансиска стабилност и вклученост, развивање нови дигитални решенија за модернизација на платежната инфраструктура преку подобрување на пристапот до платежните услуги, еколошката одржливост, управувањето со ризиците, како и управувањето со човечките ресурси и меѓународната соработка.
Соработката се остварува во рамките на Програмата за билатерална помош и градење капацитети за централните банки (Bilateral Assistance and Capacity Development for Central Banks – BCC), финансирана од СЕКО и спроведена од Женевскиот институт за меѓународни и развојни студии. Програмата има за цел да ги зајакне капацитетите на централните банки во земјите во развој преку унапредување на нивната аналитичка и техничка експертиза за водење ефикасна монетарна политика и одржување стабилен финансиски систем. Со потпишувањето на Меморандумот, Народната банка ќе биде дел од оваа мрежа на институции коишто преку оваа програма инвестираат во знаење и напредок.
Економија
Божиновска пред Енергетската заедница: Македонија ја забрзува интеграцијата во европскиот енергетски пазар
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, се обрати на состанок на Енергетската заедница, каде што ја презентираше реалната и мерлива динамика на напредокот на Северна Македонија во усогласувањето со европското енергетско и климатско законодавство и во јакнењето на регионалната енергетска интеграција.
Во своето обраќање, министерката истакна дека изминатата година била обележана со предизвици, но и со конкретни институционални резултати, пред сè во делот на законодавните реформи и стратешките инфраструктурни чекори.
Како клучна пресвртница, Божиновска го нагласи усвојувањето на новиот Закон за енергетика, со кој во голема мера е транспониран Пакетот за интеграција на електричната енергија. Според неа, Законот создава јасна правна основа за активна интеграција на националниот електроенергетски и гасен систем во регионалниот и во внатрешниот пазар на Европската Унија и претставува најзначајниот чекор кон идното спојување на македонскиот пазар со европскиот пазар на електрична енергија.
„Со овој закон се редефинираат улогите, обврските и одговорностите на институциите, операторите на преносните системи и пазарните оператори – не само во имплементацијата, туку и во активното учество во креирањето на заедничките правила за регионалните енергетски пазари“, беше истакнато во обраќањето.
Дополнително, министерката информираше дека во 2025 година е усвоен и Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетска ефикасност, со кој се отстрануваат регулаторните и нерегулаторните бариери за реализација на проекти за енергетска ефикасност, се зајакнува соработката меѓу сите чинители, се поттикнува користењето обновливи извори на енергија кај крајните корисници и се овозможува поефикасно користење на финансиски механизми и стимулации.
Во делот на стратешкото планирање, Божиновска информираше дека Ревидираниот Национален енергетски и климатски план (НЕКП) за периодот 2025–2030 се наоѓа во финална фаза пред усвојување. Јавната консултација со сите релевантни засегнати страни, вклучително и со Енергетската заедница, е завршена, а усвојувањето се очекува во најкраток можен рок.
Посебно беше истакнат и пристапот на МЕПСО кон Заедничката канцеларија за алокација (JAO) – заедничката европска платформа за аукција на прекугранични преносни капацитети, што, како што кажа Божиновска, претставува стратешки исчекор за националниот електроенергетски систем и практична интеграција во најголемата и најтранспарентна европска платформа од овој тип.
Во таа насока, министерката најави дека МЕПСО има намера да номинира еден преносен инфраструктурен проект во рамки на процесот за избор на Проекти од интерес на Енергетската заедница / Проекти од заемен интерес (PECI/PMI) во циклусот за 2026 година, како дел од заложбите за јакнење на регионалната поврзаност и усогласување со европските плански рамки.
На крајот, Божиновска подвлече дека државата паралелно работи на критични инвестиции во регионалните електроенергетски и гасни интерконекции, со цел зголемување на енергетската безбедност, вклучително и проектот за гасен интерконектор со Грција и продолжување на разговорите со Србија.
Економија
Николоски: Се работи на нов просторен план на Македонија, стратешки документ за развој на државата
Изработката на новиот просторен план на Македонија треба да ги даде насоките за просторниот развој на државата со што ќе се овозможат бенефити за целокупното општество. Планот кој го изработува Агенцијата за просторно планирање, а во соработка со надлежни институции треба да понуди нов инфраструктурен концепт за развојот на Македонија, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на настанот по повод 20 години постоење на Агенцијата за просторно планирање.
Како што потенцира тој, Агенцијата има централна улога во обликување на идниот развој на државата.
„Би сакал да ја потенцирам важноста на новиот просторен план од следните причини: Македонија како природна крстосница меѓу Југоисточна и Централна Европа, има геостратешка важност која произлегува од положбата на коридорите Исток–Запад и Север–Југ, односноа Коридорите 8, 10 и 10 – д. Понатаму близината на јужните пристаништа и улогата како транзитна земја за транспорт, енергија и трговијата. Гледаме во овие глобални предизвици колку е важно Македонија енергетски да се поврзува и во таа насока изградбата на интерконекторот кој не поврзува со Грција како и планираниот интерконектор со Србија, ќе значи дека Македонија ќе стане и енергетска раскрсница. А во меѓувреме интензивно се работи и на далноводно поврзување и со Албанија преку далноводот Охрид-Елбасан. Тука се автопатите, железничките поврзувања, логистичките центри, мултимодуларните јазли особено јазолот со вкрстувањето на коридор 10 со коридор 8, подобрување на меѓуграничната поврзанот и др. И затоа сметам дека треба да постои добра соработка со сите институции на изработка на тој документ кој ќе се почитува и со кој ќе се следи развојот на државата”, кажа Николоски.
Тој го потенцира институционалното партнерство со Министерството за транспорт во спроведување на стратешките политики на Владата, а најави дека министерството работи на изработка на софтвер за развој и управување со геопросторни податоци. Вицепремиерот упати честитки за јубилејот на Агенцијата.

