Македонија
Петровска: „Брз одговор 22“ е комплексна воена вежба на која ги покажуваме сите наши способности
Министерката за одбрана Славјанка Петровска заедно со амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј, денеска на „Криволак“ присуствуваа на брифинг на кој детално информираa за целта и за активностите за време на вежбата „Swift Response 22“ (Брз одговор 22), која се реализира на армискиот полигон.
Mинистерката Петровска истакна дека станува збор за една од најголемите вежби која синхронизирано се изведува на неколку локации во различни земји од Алијансата.
Во нашата вежбата вклучува 4.600 војници и таа веќе е во тек на армискиот полигон „Криволак“.
Целата на оваа вежба, истакна Петровска, е развојот на капацитетите на армиските припадници како и етаблирањето на „Криволак“ како тренинг центар со огромен капацитет и можности за извежбување.
„На ваков тип на комплексни вежби кои ги изведуваме заедно со сојузниците ја покажуваме подготвеноста на нашата армија, нивото на интероперабилност, но се разбира и начинот на кој што се соработува со останатите армии во рамките на НАТО алијансата. Вториот аспект кој е значаен за нас како држава, е да ги покажеме капацитетите и способностите на тренинг центарот ‘Криволак’“, рече министерката.
Таа истакна дека полигонот е од исклучително значење за Армијата, и затоа Министерството за одбрана со поддршка на стратешките партнери, особено, Велика Британија и САД инвестира во негово опремување и модернизација.
Британската амбасадорка Галовеј истакна дека оваа вежба ќе ја покаже колективната подготвеност и способност и дека ќе ја прикаже трансатлантската врска која ја прави НАТО алијансата најсилната алијанса во модерната историја.
Галовеј информираше дека Обединетото Кралство во оваа вежба учествува со 1.800 падобранци, за кои рече дека се способни, високо обучени, добро опремени и дека сакаат да извежбуваат на полигонот „Криволак“ кој нуди уникатни услови.
Министерката Петровска упати и повик до граѓаните на Скопје и на Северна Македонија да го посетат Отворениот ден за воздухоплови, кој ќе се реализира на осми мај, во недела на спортскиот аеродром „Стенковец“, каде ќе бидат прикажани дел од хеликоптерите кои се користат на вежбата, а ќе бидат извршени и прелети на авионите А-10 и Ф-16.
Вежбата „Swift Response 22“ чиј домаќин е нашата земја ќе се реализира во периодот од 2 до 20 мај.
На вежбата учествуваат околу 4.600 припадници од вооружените сили на осум земји членки на НАТО: САД, Обединетото Кралство, Италија, Франција, Црна Гора, Албанија, Грција и Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.

