Свет
Проруските сили: Уште 50 цивили евакуирани од Азовстал
Проруските сили соопштија дека уште 50 луѓе биле евакуирани во саботата од фабриката за челик Азовстал во Мариупол, каде стотици цивили беа заробени со недели заедно со украинските борци кои се кријат во мрежата на подземни тунели од советската ера.
Штабот на територијалната одбрана на самопрогласената Народна Република Доњецк (ДПР) објави на Телеграм дека од фабриката за челик сега се евакуирани вкупно 176 цивили. Ројтерс не можеше веднаш да ги потврди тие тврдења.
Околу 50 цивили беа префрлени во петокот во прифатен центар на територијата на ДПР, чии сили се борат заедно со Русите. Минатиот викенд беа евакуирани десетици цивили.
Мариупол го доживеа најразорното бомбардирање во десетнеделната војна. Фабриката е последниот дел од градот, стратешко јужно пристаниште на Азовското Море, сè уште во рацете на украинските борци.
Десетици цивили се заробени покрај нив со недели во фабрика со малку храна, вода или лекови. Претседателот Володимир Зеленски во доцното ноќно видео обраќање во петокот рече дека Украина работи на дипломатски напори да ги спаси бранителите забарикадирани во фабриката за челик. Не е јасно колку украински борци останале таму.
Украинскиот Генералштаб во саботата соопшти дека руските сили спроведуваат офанзива во источна Украина за да воспостават целосна контрола над регионите Доњецк и Луганск и да одржат копнен коридор меѓу тие територии и Крим.
Во близина на Харков, руските сили продолжуваат со артилериско гранатирање на населени места во близина на градот во североисточниот дел на земјата.
Русија денеска соопшти дека уништила голема залиха воена опрема од САД и европските земји во близина на железничката станица Боходухив во регионот Харков. Министерството за одбрана соопшти дека во текот на ноќта погодило 18 украински воени објекти, вклучително и три складишта за муниција во близина на јужниот пристанишен град Одеса.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Венецуела ѝ се заблагодари на Русија за поддршката на Мадуро
Министерот за надворешни работи на Венецуела, Иван Хил Пинто, изрази благодарност до Русија за поддршката за лидерот на таа земја, Николас Мадуро, и за осудата на мешањето на САД во внатрешните прашања на Каракас.
„Венецуела и Русија се братски земји и стратешки сојузници. Владата на Боливарската Република изразува длабока благодарност за изјавата на Русија со која ги поддржува барањата на суверената нација и ослободувањето на претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес“, напиша тој на својот канал на Телеграм, пренесува „ТАСС“.
Нагласи дека Венецуела, исто така, го цени повикот на Русија да се почитува правото на самоопределување на венецуелскиот народ и нејзината осуда на странското мешање на Соединетите Американски Држави.
Постојаниот претставник на Русија при Обединетите нации, Василиј Небензја, на 5 јануари изјави дека Русија изразува силна солидарност со Венецуела и го поддржува курсот на владата во соочувањето со надворешната агресија.
Шефот на руската дипломатска мисија изрази надеж дека „меѓународната банда“ на Вашингтон ќе добие „објективна и сеопфатна оценка во меѓународно-правна смисла, со користење на универзалните механизми на ОН и други мултилатерални формати“.
Небензја, исто така, го повика американското раководство веднаш да го ослободи легитимно избраниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро, и неговата сопруга.
Соединетите Американски Држави на 3 јануари нападнаa цели во Венецуела, заробувајќи го претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес.
Свет
Мерц му порача на Зеленски: Младите Украинци да ѝ служат на својата земја, а не да бегаат во Европа
Од Украина, меѓу другото, се очекува да создаде услови младите мажи да ѝ служат на безбедна и економски здрава Украина, наместо да заминуваат во европските земји, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц обраќајќи му се на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Економскиот капацитет ќе биде неопходна гаранција дека Украина ќе може уверливо да ја одврати Русија во иднина. Драг Володимире, сакам ова отворено да го кажам: тоа подразбира и одредени очекувања за Украина. Тоа вклучува – и вие го знаете тоа, веќе разговаравме за ова во Брисел – дека Украина мора да биде организирана на таков начин што нејзините млади мажи ќе ѝ служат на безбедна и економски здрава Украина, а не да заминуваат во Германија, Полска или Франција, како што е случај сега“, нагласи Мерц во Париз по состанокот на Коалицијата на подготвените, пренесува „Укринформ“.
Според неговите зборови, тоа е очекување кое Украина „може и мора да го исполни“.
Украинската влада на седница одржана на 26 август ја ажурираше процедурата за преминување на државната граница. Мажите на возраст од 18 до 22 години сега можат непречено да ја преминуваат границата за време на воената состојба. Соодветните измени стапија на сила на 28 август, еден ден по официјалното објавување на резолуцијата.
Во Германија живеат околу 1,2 милиони Украинци. Нивниот број во последните години се зголемува, главно поради младите мажи помлади од 22 години, наведува украинската агенција.
Фото: Depositphotos
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

