Свет
Отфрлена тужбата на Трамп против Твитер
Судија во Сан Франциско ја отфрли тужбата на поранешниот претседател Доналд Трамп, во која тој ја оспори неговата трајна забрана за користење на Твитер.
Американскиот окружен судија Џејмс Донато во петокот рече дека Трамп не покажал дека Твитер го прекршил неговото право на слобода на говор од Првиот амандман. Правото на слобода на говор не важи за приватните компании, а Трамп не покажа дека Твитер работи како државен актер во име на демократите, пренесува Курир.рс.
Трамп ги тужеше Твитер, Фејсбук и Гугл Јутјуб во јули 2021 година, тврдејќи дека бил незаконски цензуриран.
Платформите го суспендираа Трамп по бунтот на 6 јануари 2021 година, во кој неговите следбеници насилно упаднаа во зградата на Капитол во обид да го спречат Конгресот да ја потврди претседателската победа на Џо Бајден.
Компаниите изразија загриженост дека ќе поттикнат дополнително насилство.
Пресудата е донесена откако Илон Маск, најбогатиот човек на светот, е во процес на купување на Твитер за 44 милијарди долари. Договорот покрена прашања за тоа дали Маск, самопрогласениот апсолутист за слобода на говорот, ќе го врати поранешниот претседател на функцијата.
Трамп, кој продолжи да повторува лаги во своите говори за неговиот пораз на изборите во 2020 година, започна своја социјална мрежа Truth Social. Минатата недела тој рече дека нема повторно да се приклучи на Твитер ако му се даде шанса.
Во тужбата се бараше враќање на сметката на Трамп, која имаше околу 89 милиони следбеници, како и оние на уште петмина кои тврдеа дека и тие биле цензурирани од Твитер. Групата бараше неопределена отштета и статус на колективна тужба во име на други отстранети од платформата.
Правните експерти предвидуваа дека тужбата ќе пропадне, но сугерираа дека Трамп ќе ја искористи за политички цели. Комитетот за политичко дејствување на Трамп веднаш почна да собира пари по објавувањето на тужбата минатата година.
Во тужбата се бараше и изјава дека членот 230 од Законот за пристојност во комуникацијата од 1996 година е неуставен.
Законот вели дека провајдерите како Твитер можат да ги модерираат услугите со отстранување на непристојни објави кои ги прекршуваат нивните стандарди и не можат да бидат одговорни за содржината објавена од други, пренесе Курир.рс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп побарал да се изработи план за инвазија на Гренланд – воени команданти се спротивставиле
Американскиот претседател, Доналд Трамп, им нареди на американските воени команданти да изготват план за инвазија на Гренланд, но високи воени претставници се спротивставуваат на тоа, објави „Мејл он Сандеј“, повикувајќи се на извори.
Извори велат дека политичките „јастреби“ околу американскиот претседател, предводени од политичкиот советник Стивен Милер, се толку охрабрени од успехот на операцијата за апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро што сакаат брзо да дејствуваат за да го заземат Гренланд, пред Русија или Кина да преземат потези во врска со арктичкиот остров.
Според извори, Трамп побарал од Заедничката команда за специјални операци да подготви план за инвазија на Гренланд, но командантите се спротивставуваат на тоа, тврдејќи дека тоа би било нелегално и дека Конгресот нема да поддржи таков план.
Свет
Стејт департментот им препорача на Американците во Венецуела веднаш да ја напуштат земјата
Стејт департментот им препорача на американските граѓани во Венецуела веднаш да ја напуштат земјата поради безбедносни ризици.
Стејт департментот објави и дека меѓународните летови од Венецуела се обновени и дека има извештаи за вооружени милитантни групи кои поставуваат блокади на патиштата и пребаруваат возила за докази за американско државјанство или поддршка за Соединетите Американски Држави.
– Безбедносната ситуација во Венецуела останува флуидна – се наведува во соопштението, објави Си-Би-Ес.
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес беа уапсени на почетокот на јануари во меѓународна операција предводена од САД и префрлени во притвор во Њујорк.
Свет
Сопствениците на барот во Кран-Монтана признаа дека немало систем за гаснење пожар, а излезите за итни случаи биле блокирани
Сопствениците на швајцарскиот бар каде загинаа 40 лица, а 116 беа повредени, Жак и Џесика Морети, признаваат дека во објектот немало спринклер-систем и дека вработените не биле обучени за постапување во случај на пожар. По првото сослушување, во јавноста излегуваат нови детали.
Пожарот го предизвикале прскалки, излезите за итни случаи биле блокирани, а меѓу повредените имало и малолетници. Според телевизијата BFMTV, двајцата во одделни сослушувања дале детални искази за случувањата таа кобна ноќ.
Според исказите на Џесика и Жак Морети, вечерта во клубот „Ле Констелејшн“ започнала мирно. Џесика пристигнала околу 22:30 часот, додека Жак се наоѓал во друг локал што исто така е во нивна сопственост – барот „Сенсо“.
– На полноќ имаше многу малку луѓе. Подоцна клубот се наполни и во еден момент имаше околу 100 гости – рекла Џесика.
До пожарот дошло кога келнери на рамењата носеле шишиња со запалени прскалки до масите.
– Одеднаш почувствував немир во толпата. Видов портокалова светлина во еден агол од барот. Веднаш извикав: „Сите надвор!“ и ги повикав пожарникарите – раскажала Џесика Морети.
Жак Морети, кој во тој момент бил во барот „Сенсо“, околу 1:28 часот добил паничен повик од сопругата:
– Му реков: „Гори, дојди веднаш!“ Разговорот траеше единаесет секунди.
Кога пристигнал на местото, клубот веќе бил полн со чад. Главниот влез бил непрооден, а задната врата заклучена одвнатре. Заедно со уште две лица ја обиколил зградата и ја отклучил вратата.
– Кога се отвори вратата, повеќе луѓе лежеа без свест на подот – навел тој.
Истрагата брзо се насочила кон безбедносните мерки во клубот. Според BFMTV, сопствениците навеле дека локалот го презеле во 2015 година и темелно го реновирале. Електричните инсталации и вентилацијата ги поставувале надворешни фирми.
Клубот имал еден главен излез и еден излез за итни случаи, кои, според Жак Морети, биле соодветно обележани. Фотографиите до кои дошол BFMTV ги потврдуваат тие тврдења.
Сепак, Морети признаа дека во објектот немало спринклер-систем и дека вработените не биле специјално обучени за постапување во случај на пожар. Прскалките што го предизвикале пожарот, како што велат, биле вообичаени на роденденски прослави.
– Прскалките горат 30 до 40 секунди, доволно за да се донесат од барот до масата, без никој да биде повреден – рекол Жак Морети.
Дополнителен проблем било присуството на малолетници во барот. Сопствениците изјавиле дека на лица помлади од 16 години не им дозволуваат влез, додека за гостите од 16 до 18 години бараат придружба од возрасен.
– Правиме сè што можеме за тоа да го обезбедиме, но не е исклучено во поединечни случаи да дојде до грешки – признал Жак Морети.
Сепак, ноќта на трагедијата во клубот имало повеќе малолетници, вклучувајќи и деца помлади од 16 години. Дел од нив не го преживеале пожарот.
Против Џесика и Жак Морети во меѓувреме е подигнато обвинение за убиство од небрежност, ненамерно предизвикување пожар и нанесување телесни повреди.
Истрагата сè уште е во тек.

