Култура
Драган Маринковиќ-Маца во Скопје и во Битола со хит-комедијата „Каква ти е жената, таков ти е животот“
Познатиот комичар Драган Маринковиќ-Маца доаѓа во Македонија со својата хит-претстава „Каква ти е жената, таков ти е животот“, и тоа во Скопје на 27 мај во Филхармонија и во Битола на 28 мај во Домот на културата.
Претставата што го освои регионот досега ја имаат гледано повеќе од 40.000 луѓе, а Маца вели дека е среќен што ќе се дружи и со македонската публика. Билетите се продаваат на касата на Филхармонијата и онлајн преку Mktikets.mk, а веќе следната недела почнува и продажбата на билетите за претставата во Битола.
Во приказната на претставата, Драган Маринковиќ-Маца го претставува бракот на посебен начин, кој никого не остава рамнодушен, а со шегите за односот помеѓу мажот и жената и вечните прашања на оваа тема насмеа многубројна публика. Актерот уште еднаш покажа зошто е препознатлив како еден од омилените комичари на овие простори.
„Морам да кажам дека секоја претстава што ја играм во разни градови во регионот помина, можеби не е скромно да се каже, совршено. Коментарите и реакциите на публиката се секогаш одлични, над моите очекувања. Знаев дека претставата е добар, но дека е толку добра, ме изненади. Зборувам за тема што нè засега сите, таа е проткаена со мноштво емоции, независно што во одреден момент ја доведува и публиката до солзи. Приказната е за машко-женските односи од сите агли, ја отсликува нивната реалност, но и времето во кое живееме“, вели авторот на претставата и актер во неа, Драган Маринковиќ-Маца.
Претставата „Каква ти е жената, таков ти е животот“ ќе ве натера добро да размислите за себеси и за светот околу вас бидејќи сме генерации што не сакаат врска. Со поучната порака дека љубовта е смислата на животот, Маца на свој начин ја доближува оваа симпатична претстава до публиката прикажувајќи човек, кој, веднаш по разводот, сопругата го избркала од дома и отишол во кафеана, каде што почнал да си го преиспитува својот живот. Наспроти сè, додека ги прелистуваме апликациите со надеж дека ќе ја најдеме вистинската личност, посакуваме нашата сродна душа да ја нарачаме преку интернет додека читаме „Пет начини да дознаете дали му се допаѓаш“ и „Седум начини како да ја освоиш“ мислејќи дека можеме да ја програмираме и личност за врска како и онлајн-проектот, доаѓаме и до сознанието дека ние сме тие што на крајот не сакаме врска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.



