Македонија
Отворена реновираната спортска сала во ООУ „Невена Георгиева-Дуња”, инвестиција вредна 4 милиони денари
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, сопственикот на „Адора инженеринг“, Ванчо Чифлиганец, и ракометарот Борко Ристовски денес ја пресекоа лентата и ја пуштија во употреба целосно реновираната спортска сала во ООУ „Невена Георгиева-Дуња“. Се работи за инвестиција во вредност од речиси 4 милиони денари, кои се искористија за темелна реконструкција на руинираниот објект изграден по катастрофалниот земјотрес.
„Се наоѓаме во училишната спортска сала на ООУ ‘Невена Георгиева-Дуња’, која за нешто помалку од 3 месеци претпре сериозна реконструкција за децата, за разлика од минатото, да имаат далеку подобри услови за спортување. Инаку, оваа сала е изградена непосредно по земјотресот и во неа изминативе 60 години не беше вложено буквално ништо. Бидејќи Општината не можеше сама да го направи овој финансиски чекор, сакам да ѝ се заблагодарам на компанијата „Адора инженеринг“ и на нејзиниот сопственик Ванчо Чифлиганец, кои се приклучија во цела оваа работа за денес да добиеме ваков убав, нов спортски бисер во Кисела Вода, кој ќе го користат младите генерации. За нив сме должни да создаваме подобри услови за живеење и подобра иднина“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски наведувајќи ги извршените градежни зафати во овој објект.
Во училишната спортска сала е извршена целосна термоенергетска обнова на ѕидовите. На подот, кој има површина од 430 квадратни метри, е поставен паркет. Целосно се променета електричната инсталација и осветлението, саниран е и системот за вентилација. Соблекувалните и помошните простории се варосани и обложени со плочки, а променета е и влезната врата. Санација претрпе и постојната покривна конструкција. Спортските реквизити беа санирани и репарирани, а извршено е дополнување со нови. На барање на Општина Кисела Вода, БЕГ постави нов приклучок со потстаница, со што салата доби и парно греење.
„Концептот на покажување општествена одговорност токму ова го подразбира – кога помошта се дава на вистинското место и во вистинскиот момент“, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски, кој му додели благодарница на Ванчо Чифлиганец – „Адора инженеринг“ за финансиската поддршка при реализацијата на овој проект. Благодарница за континуираната поддршка на развојот на спортот во општина Кисела Вода доби и голманот Борко Ристовски.
На настанот присуствуваа и познатиот ракометар Аце Станковски и судијата Ѓори Начевски. По свеченото отворање, во салата влегоа основците од ООУ „Невена Георгиева-Дуња“, кои во ведра атмосфера го одржаа часот по физичко заедно со спортистите и градоначалникот на општината.
По онаа во ООУ „Партенија Зографски“, oва e втората училишна спортска сала што целосно е реконструирана за овие шест месеци откако на чело на Општина Кисела Вода е градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Тој најави сериозни инвестиции и во периодот што следува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Велес е нормализиран во двете ленти
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес е нормализиран во две коловозни ленти, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.
Македонија
Одрон во должина од 80 метри на патот Скопје-Велес: сообраќајот кај Сопот се одвива по една лента
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес, околу два километри пред Сопот, од 21 часот се одвива по една коловозна лента (десната) поради поголем одрон.
Како што информираат oд АМСМ, одронот е во должина од 80 метри.
Фото: илустрација (depositphotos)

