Македонија
(Видео) Арсовски: Луѓе блиски до врвот на СДСМ и ДУИ го оштетиле буџетот на државата, МВР и ЈО да не молчат и да ги обелоденат
МВР и ЈО со денови молчат за оштетувањето на буџетот на државата преку фиктивни фактури за поврат на ДДВ во висина и до 30 милиони евра, во кои главни актери се луѓе блиски до врвот на СДСМ и ДУИ. Молчат и не преземаат буквално ништо, изјави на денешната прес-конференција Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека според новните сознанија, за кои постојат и докази преку фиктивни фактури за поврат на ДДВ од УЈП на фирми блиски до СДСМ и ДУИ, шемата одела со две фирми во кои едната се јавувала како фиктивен побарувач на ДДВ од УЈП, а другата се јавувала како должник на ДДВ во УЈП. Фирмата што е фиктивен побарувач ѝ приоѓа на фирмата што е вистински должник и со правење договор за цесија, со цел пребивање на долгот што реално го должи фирмата должник кон УЈП, за определен надомест се оштетува буџетот и целата таа операција на оштетен буџет од тие фирми што се вмешани достигнува висина и до 30 милиони евра.
Арсовски истакна дека овие 30 милиони евра се пари што се на штета на буџетот на македонските граѓани на македонската држава и требало да завршат во буџетот и со нив да бидат реализирани капитални инвестиции, но наместо тоа, најголем дел од тие пари завршил во џебови на луѓе што се во врвот на власта.
Оттука, уште еднаш сакаме да ги повикаме МВР и ЈО да ја откријат оваа злосторничка шема што има проневерено 30-ина милиони евра од буџетот на Република Македонија и од буџетот на граѓаните и доколку не ги обелоденуваат и продолжат да ги кријат, тоа ќе го стори ВМРО-ДПМНЕ, а по промена на власта, одговорност за овој и за сите други криминални случаи ќе има буквално за сите и никој нема да биде спасен. Никој нема да биде заборавен, кој се огрешил пред законот, како за вистинските реализатори на овој криминал, директните сторители, така и за прикривачите и за оние што помагале“, изјави Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

