Македонија
Група интелектуалци со отворено писмо му се заблагодарија на Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј
Ваша Сесветост, сепочитуван Татко на Православните и Вселенски Патријарх Г. Г. Вартоломеј,
Ние, долу потпишаните граѓани, општествени, научни, просветни, здравствени, културни работници од повеќе сфери на општеството во Република Северна Македонија, со нескриена радост ја поздравуваме и силно Ви благодариме Вам и на членовите од Вашиот Свет Синод за Вашата историска одлука од 9 мај 2022 година. Според неа нашата возљубена Црква, нејзината свештена јерархија, клирот и народот, повеќе не се во шизма и раскол и во меѓународна изолација, туку во канонско и литургиско општење со Првопрестолната Мајка Црква, Вселенската Патријаршија, а преку неа и со сите останати помесни православни цркви. Истовремено, границите на црковната власт на нашиот Архиепископ, Неговото Блаженство г. г. Стефан и на нашиот Свет Синод се најпосле омеѓени и загарантирани, за што ние сме особено среќни.
Со Вашата одлука се поплочува патот до зацврстување на добрите односи и знаците на заемно братољубие меѓу црковните достоинственици, свештенството и верниците од сите помесни цркви, како резултат на отстранувањето на расколот.
Оваа одлука Ве преставува Вас како вистински Татко кој се бори за доброто на сите Православни и Архипастир кој се грижи за добриот поредок и успевањето на едната, света, соборна и апостолска Црква.
Како просветлен Првојерарх на Великата Христова Црква, Вие храбро и трпеливо го понесовте крстот да бидете, според зборовите на Господ Исус Христос, „прв во служење на другите“ (Сп. Мк. 9, 35) и достојно одговоривте на својот историски призив. На тој начин се уподобивте на своите славни претходници, големите патријарси на Константинополскиот престол.
Ви благодариме особено и заради тоа што на нашата Црква ѝ го признавате легитимитетот како на духовна и преемствена наследница на древната и историска Охридска Архиепископија. За неа слободно може да се каже дека е срцето со кое пулсира духот на нашиот православен македонски народ и сите други граѓани кои се црквуваат во неа.
За нејзиното возобновување се бореле поколенија и поколенија наши духовни и општествени дејци. Патем, како што некогаш древната Охридска Архиепископија била во силна духовна врска со Константинопол, така денес, со Вашето признавање, воскреснува и таа заемна врска со сечесниот Центар на Православието.
Примањето на Охридската Архиепископија во канонско единство е чин со кој Вие изградивте одбранбен ѕид против агресивната политика за духовна колонизација на Балканот, спротивна на црковните канони и традициите на Православието.
Ваша Сесветост, Вие се покажавте достоен сомолитвеник на Синот и Словото Божјо, кој во Својата првосвештеничка молитва во Гетсиманија, Го молеше Бога Отецот, „да бидат сите едно“ (Јн. 17, 21). Ние веруваме во Вашата мудрост и просветление, како и во мудроста и просветлението на нашиот почитуван и свет Архиепископ г. г. Стефан и на нашите свети архиереи и се надеваме дека наскоро ќе дојде до историското сослужение на Вселенскиот Патријарх со Охридскиот Архиепископ г. г. Стефан. Потем, со Господ напред, го очекуваме и конечното решавање на административниот статус на нашата Црква, а тоа е доделување на Томос за автокефалност од Ваша страна, бидејќи единствено Вселенскиот Патријарх има историско и канонско право да доделува автокефалност. Со тоа практично ќе се потврди црковниот суверенитет, како државотворност на нашата татковина и на верниот македонски народ и на сите граѓани во неа.
Ви благодариме и Ви целиваме света десница!
Скопје 14.05.2022 година
Проф. д-р Марјан Ѓуровски с.р. Проректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола
Академик проф. д-р Вера Битракова Грозданова с.р. Македонска академија на науките и уметностите
Проф. д-р Методи Чепреганов с.р. редовен професор во пензија, Медицински факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
Проф. д-р Цане Мојаноски с.р. редовен професор во пензија, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола, поранешен Претседател на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи
Академик Газанфер Бајрам с.р. Потпретседател на Македонската академија на науките и уметностите
Проф. д-р Зоран Матевски с.р. Филозофски факултет, Институт за социологија, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје
Генерал Мирослав Стојановски с.р. генерал потполковник во пензија, поранешен началник на Генералштабот на АРСМ
Проф. д-р Татјана Стојановска Иванова с.р. Филозофски факултет, Институт за социологија, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје
Проф. д-р Драган Зајковски с.р. црковен историчар и медиевист, Институт за национална историја – Скопје
Проф. д-р Борче Илиевски с.р. црковен историчар, Институт за национална историја – Скопје
Проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ с.р. славист, редовен професор во пензија, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје
Проф. д-р Аспазија Софијанова с.р. Медицински факултет, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје
Проф. д-р Ацо Гирески с.р. редовен професор во пензија, поранешен Декан на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
Проф. Д-р Милица Миркуловска с.р. Филолошки факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
Проф. д-р Валериј Софрониевски с.р. Филозофски факултет, Институт за класични студии, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
Проф. д-р Људмил Спасов с.р. Филолошки факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје
Проф. м-р Весна Ѓиновска Илкова с.р. Факултет за музички уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
Проф. д-р Крсте Најденкоски с.р. ФЕИТ, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
Проф. д-р Веле Смилевски с.р. поет, есеист, литературен критичар и научен работник
Проф. д-р Емилија Црвенковска с.р. Филолошки факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје
Проф. д-р Апостол Трпески с.р. Факултет за драмски уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
Раде Силјан с.р. поет, писател, литературен критичар
Бранко Ѓорѓески с.р. новинар
М-р Влатко Деловски с.р. етнолог и културолог
М-р Душан Пецаковски с.р. бизнис сектор
М-р Илија Ико Каров с.р. режисер и писател
Благој Веселинов с.р. актер
Петар Костовски с.р. актер
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа-Габриел: Стратешко партнерство за европски инвестиции во животната средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска оствари работна средба со Бјорн Габриел, раководител на Канцеларијата на Европската инвестициска банка (ЕИБ) во Северна Македонија.
На средбаta, Хоџа и Бјорн разговараа за продолжување на досегашната соработка меѓу Министерството и ЕИБ, со посебен фокус на имплементацијата на стратешките проекти во областа на животната средина и водната инфраструктура.
Хоџа ја истакна важноста на континуираната поддршка од ЕИБ во реализацијата на проекти кои имаат директно влијание врз подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните и заштитата на животната средина.
Бјорн нагласи дека Европската инвестициска банка, како банка во сопственост на земјите членки на Европската Унија и како најголема мултилатерална финансиска институција, поддржува одржливи проекти кои придонесуваат кон остварување на стратешките цели на ЕУ, со посебен фокус на Европа.
Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата на Република Северна Македонија имаат потпишано два кредитни договори со ЕИБ, и тоа 68 милиони евра за проектот „Изградба на станица за третман на отпадни води за градот Скопје“ и 50 милиони евра за проектот „Подобрување на водната инфраструктура во општините“, кој опфаќа 80 општини во државата.
Покрај кредитите, ЕИБ обезбедува и грантови за техничка помош, а во рамки на проектот за станицата за третман на отпадни води во Скопје се обезбедени 69 милиони евра грантови од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан (WBIF), кои се администрираат преку ЕИБ како водечка банка на проектот.
Бјорн повторно ја потврди посветеноста на ЕИБ за целосна поддршка во реализацијата на проектите, потенцирајќи ја тесната соработка со проектните тимови, редовното учество на координациски состаноци и улогата на ЕИБ како мост помеѓу институциите на Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија.
Двете страни се согласија да продолжат со интензивна соработка со цел успешна имплементација на приоритетните проекти во областа на животната средина.
Македонија
Хоџа–Солстром: Шведска, клучен партнер во еколошките реформи
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, на која беше разговарано за унапредување на билатералната соработка во областа на животната средина и поддршката за европската интеграција на државата.
Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Шведска ја обезбедува преку бројни проекти од областа на животната средина, кои придонесуваат за усогласување со европските стандарди и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Притоа беше нагласено дека Шведска е трет најголем донатор на Министерството, по Европската унија и Швајцарија.
На средбата беа презентирани тековните и планираните заеднички проекти, со посебен акцент на управувањето со отпад, зајакнувањето на институционалните капацитети за Поглавје 27 и активностите за подобрување на квалитетот на воздухот.
Посебно внимание беше посветено на регионалните и националните иницијативи за справување со загадувањето на воздухот, вклучително и проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој се реализира со поддршка од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida) и УНДП.
Хоџа ја потврди заложбата на Министерството за продолжување и продлабочување на соработката со Кралството Шведска, во насока на заштита на животната средина и забрзување на европската интеграција на Северна Македонија.
Македонија
Државните патишта проодни, поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење
AМСМ информира дека сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај. Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење.
„Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот период, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот“.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година, потсетуваат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

