Црна хроника
Кривични пријави за лице од Јордан и службеници кои нелегално му обезбедиле македонски документи
Единицата за финансиски криминал поднесе кривична пријава до ОЈО Скопје против Н.А. (28) од Ирбид, Јордан, поради сомнение дека сторил кривични дела поднесување лажни докази и употреба на исправа со невистинита содржина, како и Е.Ј. (50) од Скопје и И.Ј. (39) поради сомнение дека сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.
„Првопријавениот Н.А. кривично дело го сторил на начин што како државјанин на Јордан во текот на јуни 2019 преку поднесување лажни податоци дека наводно е син на македонската државјанка В.Ш. од Скопје, се стекнал со македонско државјанство, македонски единствен матичен број и извадил извод на родени, кој го употребил во постапка за добивање македонска патна исправа. Истиот аплицирал за постапка за издавање патна исправа каде покрај останатите документи го приложил, односно употребил и изводот за родени изваден од Управа за водење матични книги – Подрачно одделение Скопје.
Второпријавената Е.Ј., во текот на јуни 2019 година, во својство на службено лице матичар во Управата за водење матични книги – подрачно одделение Скопје, по приемот на Барањето за определување на единствен матичен број со податоци на првопријавениот Н.А., ја злоупотребила својата службена положба со неизвршување на својата службена должност и постапувајќи спротивно на чл.21 од Законот за матична евиденција.
Истата без да изврши проверка на точноста на поднесените податоци содржани во документацијата и без да направи дополнителни проверки и да ја утврди точноста на податоците, проследила барање до Одделението за управни работи за определување матичен број, со што го сторила кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување“, посочуваат од Обвинителството.
Третопријавениот И.Ј. во својство на службено лице виш референт-матичар, пополнил и доставил барање за определување матичен број за првопријавениот Н.А. до Одделот за граѓански работи – Секторот за управно надзорни работи, без да ја провери точноста на поднесените податоци, што како матичар бил должен да го стори согласно чл.21 од Законот за матична за евиденција.
И.Ј. го завел првопријавениот во Матичната книга на родени, преку својата шифра одредена од информатичкиот систем во Управата за водење матични книги, ги внел податоците во електронскиот систем на Управата и на тој начин му овозможил да му биде изготвена и издадена македонска патна исправа, со што сторил кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Штипјанец со туѓа картичка подигнал 31.000 денари, МВР поднесе кривична
Полицијата поднесе кривична пријава против Џ.К.(24) од Штип, поради сомнеж за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“.
Според истрагата, на 20 октомври 2025 година, пријавениот, без согласност и дозвола од едно женско лице од Штип, неовластено ја прибавил и употребил нејзината банкарска картичка.
Со неовластен пристап до сметката, тој извршил четири успешни трансакции на два различни банкомати во Штип. На овој начин, од жената одзел вкупно 31.300 денари.
Црна хроника
Државјанин на Камерун фатен на Табановце со туѓа француска лична карта, купена во Скопје за 1.000 евра
Полицијата, вчера, на Граничниот премин Табановце, на излез од државата, го приведе П.М.Ф.Б. (29) од Камерун.
При рутинска гранична контрола, утврдено е дека мажот при увид приложил туѓа француска лична карта. Веднаш потоа, преку проверка, евидентирано е дека документот е предмет на меѓународна потрага од страна на Интерпол.
Од понатамошната истрага констатирано е дека државјанинот на Камерун претходно бил регистриран во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово. Во неговите изјави, тој признал дека француската лична карта ја набавил од едно лице во Скопје, за која платил сума од 1000 евра.
Од МВР велат дека тој е предаден на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Малолетници од Радовиш подметнале пожар на автобус паркиран во училиштен двор
Синоќа во полицијата во Радовиш било пријавено дека настанал пожар на автобус паркиран во дворното место на Основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во овој град.
На местото на инцидентот веднаш пристигнала екипа на Територијалната противпожарна единица Радовиш, која успешно го локализирала и изгаснала пожарот и нема повредени лица.
По преземените истражни постапки, полициските службеници утврдиле дека пожарот бил намерно предизвикан од страна на двајца малолетни лица од Радовиш. Со нив, во присуство на нивните родители, се извршени службени разговори, при што тие го признале делото.
Како доказен материјал, од малолетниците е одземена запалката со која го подметнале пожарот.
Со случајот е запознаен јавен обвинител при Основното јавно обвинителство во Струмица и по документирањето ќе следува соодветна пријава.
Фото: илустрација

