Македонија
Порака на Пендаровски по повод Меѓународниот ден за борба против хомофобија, бифобија и трансфобија

По повод 17 Мај – Меѓународниот ден за борба против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата, претседателот на државата, Стево Пендаровски, ја упати следната порака:
„На Меѓународниот ден за борба против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата се потсетуваме на потребата за подигање на свесноста, континуираната борба за повеќе права и еднакви можности на ЛГБТИК+ луѓето. Многумина од нив сѐ уште живеат во страв за општествената прифатеност, тие се предмет на дискриминација, вознемирувачки говор или, пак, се жртви на насилство како дела од омраза.
За жал, како општество не сме имуни на предрасуди, стигматизација и говор на омраза кон лицата што се дел од ЛГБТИК+ заедницата.
Неприфатлива е дискриминацијата базирана на сексуална ориентација или родов идентитет. Сите луѓе треба да ги уживаат основните човекови права и не смее да има исклучоци по ниту еден основ.
Сите ние треба да придонесеме кон унапредување на инклузијата во нашето заедничко општество, прифаќање и почитување на различноста.
Да создаваме општество во кое сите ќе ги уживаме фундаменталните права, заедница во која маргинализираните сограѓани ќе бидат заштитени, соодветно на демократиските вредности во кои веруваме“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сајкоски: Собранието е дом на граѓаните, законот за финансирање донесе нова поддршка

На денешниот Саем-Отчет „4 години работа за тебе“ учествуваше генералниот секретар и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, кој порача дека Собранието останува клучен претставнички дом на граѓаните и преку носење квалитетни закони работи за подобрување на нивниот живот.
„Собранието претставува претставнички дом на граѓаните и со самото тоа се труди најмногу да врати на граѓаните преку носење на квалитетни закони, подобрување на законите и сè она што во делот на локалната самоуправа треба да се направи, за да се подобри таа легислатива“, изјави Сајкоски.
Тој посочи дека изминатата година биле донесени суштински закони кои овозможиле на општините дополнителни средства за реализација на значајни проекти. Како пример го наведе законот за финансирање на локалната самоуправа, преку кој општините добиле повеќе средства за развој.
„Собранието донесе и закон за заем со кој се овозможија средства на секоја општина, што до сега не било. Вкупно 80 општини добија поддршка од Владата за да реализираат проекти. Овие проекти што сега се спроведуваат се суштински и неопходни за граѓаните“, истакна Сајкоски.
Македонија
Гори депонија кај Ново Село, под контрола пожарот во „Јасен“, осум се изгаснати

На територијата на Македонија до 18:00 часот се регистрирани вкупно десет пожари на отворен простор, од кои еден сè уште е активен, еден е ставен под контрола, а осум се целосно изгаснати, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Најтешка е состојбата во општина Ново Село, каде што пожарот кој зафатил депонија и сува трева кај селото Колешино сè уште гори и ги мобилизира екипите на терен. Додека таму битката продолжува, во Македонски Брод, во повеќенаменското подрачје „Јасен“, огнената стихија што зафати мешана шума е ставена под контрола, но пожарникарите и шумската полиција и натаму внимателно го следат теренот за да спречат повторно разгорување.
Останатите осум пожари кои денеска предизвикаа сериозни грижи се целосно изгаснати. Во Илинден, кај клучката Инџиково, беше запалено ѓубре на обиколницата, додека во Студеничани и во селото Подвис во општина Кривогаштани огнот зафати сува трева. Слична слика имаше и кај селата Турново и Секирник во општина Босилово, каде што беше зафатена депонија и тревна површина. Во Струга, пак, пожарот во селото Дрслајца, каде што гореше ѓубре, е изгаснат со брза интервенција на екипите.
И во Кичево, кај селото Цер, беше забележан пожар во ѓубре, додека во Куманово, на локацијата Пчињски Пат, огнот зафати сува трева, дрва и дури четири моторни возила на еден авто плац. Во општина Липково, кај селото Ваксинце, беше запалено стрниште, но пожарот таму е ставен под целосна контрола.
Според ЦУК, иако голем дел од пожарите се изгаснати, вниманието останува на теренот, особено во Колешино, каде што пламениците и натаму се шират.
Македонија
Коњановски вети големи проекти, како реконструкција на улици, нов мост и инвестиции во спортот

На денешниот Саем-Отчет под мотото „4 години работа за тебе“, свое обраќање имаше градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој ги претстави проектите и инвестициите што се реализираат во градот.
Коњановски истакна дека општината вложува во инфраструктурата преку целосна реконструкција на улици со водоводна и канализациона мрежа. Според него, веќе е завршена првата третина од комплетната реконструкција на 800-метарскиот влез во Битола – долгогодишен проблем на градот.
„Направивме над 50 километри улици и во урбаните и во руралните средини. Улицата Бурса го решава густиот транспорт, влезот спрема Охрид е дооформен со нов мост, а реконструирани се и неколку поголеми улици како Крушевска Република и Стив Наумов“, изјави Коњановски.
Градоначалникот најави и големи инвестиции во спортот – реконструкција на стадионот „Петар Милошевски“, изградба на нова боксерска сала, велосипедски патеки и памп трака за рекреација.
„Стадионот го подготвуваме во полн сјај за претстојните натпревари, реконструкцијата на јужната трибина е огромен проект за градот. Во непосредна близина изградивме нова боксерска сала на местото на старата руина, а реконструиравме и спортска сала која по многу години повторно ги исполнува условите за Лигата на шампионите“, рече Коњановски.
Покрај тоа, општината веќе изгради два нови паркинга, а со проектите поддржани од Владата се очекуваат уште пет. Битола издвојува и значителни средства за спортските клубови – над 1,5 милиони евра годишно.
„Првите велосипедски патеки се завршени – повеќе од 5,5 километри со комплетно обележување, но тука не застануваме“, додаде градоначалникот.