Македонија
Ѓоргиевска: Со заеднички труд да создадеме праведно општество ослободено од предрасуди
Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, се обрати на панел-дискусијата по повод 17 Мај – Меѓународниот ден за борба против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата, што беше организирана од страна на ЕУ Делегацијата и американската амбaсада, а се одржа во ЕУ резиденцијата во Скопје.
Во своето обраќање, Ѓоргиевска посочи дека е потребно да зборуваме за чувствителните теми за да имаме реална слика за предизвиците на нашето заедничко општество. Таа истакна дека сите сме различни по разни основи, но сите живееме во еден заеднички дом – којшто сите имаме обврска да го градиме како отворено и демократско општество.
„Потребно е сите заеднички да работиме на унапредување на правата на секоја заедница, а особено кога станува збор за ранливите заедници. Еднаквоста во уживањето на основните права, пристапот до правдата, социјалната и здравствената заштита, еднаквите можности при образование и вработување се потребни за да овозможиме секој член на нашата заедница, без разлика на сексуалната ориентација и родовиот идентитет да има предвидлива и стабилна иднина“, порача сопругата на Претседателот.
Ѓоргиевска во обраќањето ги посочи Истанбулската конвенција која дава широка рамка за подобри законски решенија, подигање на свеста, зајакнати капацитети на институциите и поголема соработка со граѓанскиот сектор и Законот за спречување и заштита од дискриминацијата како алатка кога станува збор за загрозување на правата на лицата на основа на сексуална ориентација.
Сопругата на Претседателот подвлече дека во справувањето со предизвиците добро е да се остварува соработка помеѓу државните институции и граѓанскиот сектор, активистите, затоа што не секогаш ЛГБТИК+ лицата се чувствуваат комфорно за да зборуваат отворено или, пак, да се пожалат или пријават доколку сметаат дека некое право им е загрозено, доживеале дискриминација или преживеале насилство.
Ѓоргиевска рече дека развивањето на отворено и демократско општество е долгорочен процес и дека работите не се менуваат преку ноќ, но посочи дека со заеднички труд ќе успееме да создадеме праведно општество ослободено од предрасуди во кое ранливите сограѓани ќе бидат заштитени.
На настанот свои обраќања имаа и Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија, Кејт Мери Брнс, амбасадорка на САД во Република Северна Македонија, Кире Василев, претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како и активисти за правата на ЛГБТИК+ лицата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 10.00 до 13.00 часот, корисниците од улиците Михаил и Ефтихиј и Георги Димитров. (општина Кисела Вода)
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), со услови за невреме со појава на грмежи и силен ветер. Во текот на денот ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 12, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во делови од котлината со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Во деновите од викендот ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Во сабота наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), локално со услови за невреме со силен ветер и појава на грмежи. Во недела поради продор на постудена воздушна маса на повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Во понеделник и вторник ќе има стабилизирање на времето, а утринската температура значително ќе опадне.
Македонија
СДСМ: Со милошевичко – орбанистички пристап, власта го загрози проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“
Од ВМРО-ДПМНЕ да не се прават на Тошо. Ако денес го признаваат хаосот во проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, тогаш нека кажат и кој го создаде тој хаос. Муцунски, Орце Ѓорѓиевски и Љутков се на власт. Тие го заглавија проектот, го водеа спротивно на закони, без транспарентност, без консултации и без вклучување на културниот сектор. Денес сами признаваат дека бил блокиран, а од кого, од нив, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека со нивниот милошевичко – орбанистички пристап кон невладиниот и независниот културен сектор, оваа власт не само што го загрозила кредибилитетот на проектот, туку ги срушила и неговите темели:- плурализам, уметничка слобода и европски стандарди.
„Видовме и која е нивната визија: Скопје престолнина на кичот. Затоа Љутков, наместо да го турка овој европски проект, откако е министер, само се жали дека СДСМ не го одржувала скапо платениот стиропор од Скопје 2014. Културната престолнина не е партиски плен за блиски фирми и „клиенти“, туку европски процес што треба да го води целата културна фела – уметници, институции, независна сцена, академска заедница. Затоа, должни се пред македонската јавност да одговорат: Кoja е нивната визија за проектот? Што точно образлагале во Брисел? Каква програма презентирале? Кои реформи ги гарантираат?“, велат од СДСМ.
Од опозицијата наведуваат дека досега се виделе само импровизации, затвореност, игнорирање на секторот и манипулации за дневнополитички потреби.
„Скопје ќе биде европска престолнина на културата само ако се врати духот на европските вредности: отвореност, транспарентност, професионализам и вистинска поддршка на уметниците. А тоа е невозможно со власт која ја става културата во кафез и ја води како партиски проект, без концепт и без одговорност“, сметаат од СДСМ.

