Економија
Создавање широк фронт за поддршка на стручни вештини и зелени иновации
Стручните вештините се клуч за побрза зелена транзиција на економијата и општеството воопшто и затоа e неопходно сите засегнати страни активно и интензивно да работат на нивно развивање и вклучување во наставните програми и образовните процеси, беше заклучокот од трибината која на тема „Вештини за зелен град“ се организираше во рамки на иницијативата Европска недела на стручни вештини и проектот ,,Европска платформа за извонредност за зелени иновации и стручно образование и обука – GREENOVET”.
Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Христина Оџаклиеска истакна дека во последните неколку години е видливо созревањето на општествената свест за улогата на здравата животна средина за подобар и поквалитетен живот на граѓаните.
„Заштитата на животната средина треба и мора да биде интегрирана во сите сектори и во сите секторски политики. Зелениот развој бара брза и праведна транзиција кон зелена економија која наложува користење обновливи извори на енергија и воведување циркуларна економија во насока на одржлив развој на општеството. Овие промени условуваат и промени во образовниот процес, односно преквалификација и доквалификација на стручните вештини. Стручната подготовка и усовршувањето мора да ги следи потребите, да обезбеди разбирање и знаење, развивање на иновативниот пристап и примена на иновативни техники и технологии во производните процеси. Од таа гледна точка сметам дека проектите како што е Гриновет се од исклучителна важност“, изјави Оџаклиеска.
Таа истакна транзицијата кон зелената економија наметнува и потребата за отворање нови зелени работни места и тоа речиси 80.000 до 2030 година и 10.000 до 2035 година. За воспоставувањето на зелени работни места бара дефинирање на терминот и промени во националната квалификација на работни места.
Директор на Центарот за стручно образование и обука, Шериф Мифтари, истакна дека веќе е воведена квалификација за техничар за заштита на животна средина преку која се обезбедува стручен кадар за оваа област, а учениците се оспособуваат по завршување на секој технолошки процес да знаат како да постапат со отпадот, за да не биде штетен за околината.
„Искуството покажува дека соработката со бизнис-секторот може значително да придонесе за промоција на стручното образование. Во таа насока би споделил податоци кои покажуваат дека во 2020 година имало 11 дуални паралелки, во учебната 2021/2022 година тој број пораснал на 97 паралелки, а оваа година се очекува да има повеќе од 200 дуални паралелки. Бројот на ученици кои се запишани во средните стручни училишта за само една година е зголемен за шест проценти“, истакна Мифтари.
На трибината се обрати и активистот за заштита на животна средина и креатор на апликацијата „Мој воздух“, и советник во Советот на Град Скопје, Горјан Јовановски.
„Образовниот систем мора многу посериозно да се насочи и посвети на овие прашања. Мене ми е драго што гледам дека има поголема возбуда околу зелените теми, зелени бизниси, околу тоа како да ги насочиме студентите да размислуваат како да придонесат кон циркуларна и зелена економија. Студентите треба да знаат дека има институции кои ќе го поддржат во реализацијата на овие идеи, како што се Фонд за иновации, зелени грантови, акцелератори. Истражете ги овие можности и презентирајте ги пред студентите“, им порача Јовановски на професорите кои беа присутни на настанот.
Доц. д-р Трајче Велковски зборуваше за формирањето на Центарот за извонредност на стручно образование и обука за развој на зелени иновации, кој се воспостави на Машинскиот факултет во Скопје, како еден од вкупно четири вакви центри во Европа.
„Треба да се потенцира дека постои значајноста и потреба за насочување на младите кон развој на зелени иновации, кои придонесуваат кон креирање клучни производи, услуги или процеси за намалување на штетата, влијанието на околината, во исто време оптимизирајќи ја употребата на природните ресурси. Да ги научиме младите и идните генерации да создаваат иновации кои ќе бидат основните двигатели за креирање на иновативна, инклузивна и одржлива економија“, рече Велковски.
Радмил Поленаковиќ, професор на Машинскиот факултет, истакна дека постои позитивна атмосфера за развој на стручни вештини и зелени иновации и дека со заеднички пристап на сите засегнати страни и со поддршка на медиуми таа треба да добие поголема димензија.
„Зелени вештини, дигитални вештини, претприемачки вештини и животни вештини тоа треба да биде темелот на кој ќе се гради образованието во иднина“, истакна Поленаковиќ, која најави и обуки за наставниците за стекнување зелени вештини, кои потоа ќе може да бидат пренесени на учениците.
Европската недела за стручни вештини почна да се организира 2016 година, како иницијативата на Европската комисија со цел ги собере на едно место сите засегнати страни – наставници, организации, студенти и обучувачи – заедно под еден чадор – за да ги прикаже придобивките на стручното образовани и обука. Оваа година настанот се одржува од 16 до 20 мај во повеќе европски држави, а фокус е ставен на промоција на стручното образование и обука и зелена транзиција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
ТАВ Аеродроми: 2025 година се заокружи со 3,5 милиони патници што е 9 отсто зголемување
Во 2025 година, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид опслужија 3,5 милиони патници и 26.500 летови.
Двата македонски аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид минатата година опслужија 3,5 (3.475.288) патници што е зголемување од 9% во однос на 2024 година.
Во 2025 година двата аеродроми опслужија 26.500 летови, што е за 4% повеќе во однос на истиот временски период, од јануари до декември, 2024 година.
„Успехот што го постигнавме во 2025 година не е случаен. Тој е резултат на јасна стратешка насока, фокусирани инвестиции и силни партнерства. Зголемувањето од 9% на бројот на патници и 4% пораст на летовите на двата македонски аеродроми е директна потврда дека вложувањата во модернизација на инфраструктурата, унапредување на оперативната ефикасност и проширување на мрежата на авиолинии даваат конкретни и мерливи резултати. Дополнително, новите дестинации, континуираната соработка со авиокомпаниите, зголемената побарувачка за патувања и посветеноста на нашите вработени овозможија стабилен и одржлив раст. Овие резултати ја зацврстуваат позицијата на македонските аеродроми како сигурни и конкурентни регионални воздухопловни центри и ни даваат силна основа за уште поамбициозен развој во наредниот период,“ вели Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Само во декември 2025, статистиката на ТАВ Македонија покажува двоцифрено зголемување на процентите на опслужени патници на двата аеродроми од дури 25% во споредба со декември 2024, една година претходно, или преточено во бројки, 294.781 патници.
Во последниот месец од минатата година пак, реализирани се 2,019 летови што е за 7% повеќе од декември во 2024 година.
Стабилен пораст покажува и дневниот пресек на патници во 2025. Скопскиот аеродром дневно во просек опслужуваше 8.786 патници што е за 9% повеќе од 2024 година, а преку
охридскиот, дневно патувале 767 патници што е за 16,3% повеќе споредено со минатата година.
Одделните анализи за двата аеродроми за периодот од јанури до декември покажуваат дека преку Меѓународниот Аеродром Скопје патувале 3.211.419 што е за 8,7% повеќе споредено со истиот период во 2024 година, а додека Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид бележи двоцифрен пораст од високи 20% со услужени 263.869 патници.
Истанбул, во сите 12 месеци од 2025 беше најфреквентна дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје до двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 16,6% пазарен удел. Потоа следуваат Базел Милуз (6,2%), Франкфурт (5,7%), Цирих (4,5%) и Минхен – Меминген (4,2%).
Топ – пет земји до кои има најмногу директни летови се Германија (25,4% пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Турција (23,6%), Швајцарија (10,8%), Италија (5,5%) и Шведска (4,3%).
Од Меѓународниот Аеродром Скопје во моментов летаат вкупно 15 авиокомпании кон 49 дестинации, додека од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид три авиокомпании летаат до 7 дестинации.
Според најавите на авиокомпаниите, од март годинава, мрежата на авиолинии од двата македонски аеродрома ќе се зголеми, со отворањето на нови авиолинии и нови дестинации. Виз ер ќе почне да лета од Скопје до Неапол и ќе ја врати авиолинијата од македонскиот главен град до Будимпешта, додека од Охрид ќе почне да лета до Милано. Во мај, Аустриан ерлајнс ќе почне да лета од Охрид до Виена, а во јуни охридскиот аеродром ќе ги врати полските туристи во Охрид со отворањето на новата авиолинија од Вроцлав и враќањето на летовите од Катовице.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.

