Македонија
Алиу: Со квалитетно образование до намалување на одливот на мозоци
Стратешка цел на Владата и на Министерството за образование и наука е преку инвестиции во квалитетно образование да поттикнеме побрз, поинклузивен и поодржлив економски раст. Искуствата од развиените земји кон кои се стремиме покажуваат дека квалитетното образование ги зголемува примањата во текот на животот и е едно од трите клучни сегменти, заедно со здравството и социјалната заштита, кои влијаат на квалитетот на живот, а со тоа и го намалуваат одливот на мозоци.
Ова го нагласи заменик-министерот за образование и наука Лулзим Алиу на отворањето на Меѓународната научна конференција „Миграција“, што веќе шеста година ја организира Универзитетот „Мајка Тереза“ од Скопје.
За да се обезбеди квалитетно образование, споредливо со она од земјите со докажани образовни системи, се одвива темелна реформа на деветтолетката, која, како што посочи заменик-министерот, има за цел учениците во текот на основното образование да стекнат вештини за критичко размислување и решавање проблеми.
„Инвестиции во образованието и создавање стручен кадар кој е брзо вработлив се клучни барања што ги слушаме од младите. Затоа правиме промени и во средното стручно образование кои овозможуваат изучување на струки што ги бараат компаниите. Преку учење низ практична работа во реални производствени услови им овозможуваме на младите луѓе да стекнат компетенции, знаења и вештини кои ги прават поконкурентни на пазарот на труд, но исто така овозможуваат проодност кон универзитетите“, рече Алиу.
Тој објасни дека и во високото образование, со сет политики и мерки се артикулира движењето на младите луѓе и на научниот кадар, со што се овозможува од една страна мобилност, како еден од начините за стекнување квалитетно академско образование и нови вештини, а од друга стана, се поставуваат услови за нивно искористување во државата.
„Министерството за образование и наука ги слуша младите и ги вградува нивните потреби во активните образовни политики. Министерството има одредено и службеник за млади, како одговорно лице за работењето на Канцеларијата за млади, што ги координира, спроведува и следи прашањата од интерес на младите, во делокруг на надлежностите на министерството“, укажа заменик-министерот Алиу, додавајќи дека очекува дебатите кои ќе се развијат на оваа Меѓународна конференција да дадат научно светло на различните перспективи за миграциите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

