Економија
Георгиевска: Раст на просечната плата и платите во сите сектори, СДСМ го цени и вреднува трудот на работниците
Раст на просечната плата и платите во сите сектори, СДСМ го цени и вреднува трудот на работниците, изјави на прес-конференција, пратеничката од СДСМ, Марија Георгиевска.
Нагласи дека поддршка на стандардот на граѓаните и зголемување на платите во сите сектори се политики на кои СДСМ е посветена и кои даваат значајни и видливи резултати.
„Успеавме да реализираме едно од клучни ветувања дадено пред граѓаните – просечна плата од 30.000 денари или 500 евра. СДСМ го цени, го почитува и го вреднува трудот на сите работници. Со посветеност успеваме политиките за повисоки плати да ги реализираме и во период на најголема светска економска и енергетска криза. Од месец март оваа година минималната плата е 18.000 денари или 300 евра, што е двојно зголемување во однос на 2017 година кога минималната плата во одредени дејности беше под 9.000 денари“, рече Георгиевска.
Како што потсети, постигнат е и договор за рекорден раст на платите од 15 отсто во образованието. За пет години, како што изјави Георгиевска, платите во образованието вкупно пораснаа за 36 отсто. Во истиот период платите на вработените во детските градинки се зголемени во просек за 21 отсто.
„Во здравството, за помалку од пет години основната плата на лекарите специјалисти ја зголемивме за 40 отсто, а на медицинските сестри помеѓу 20 и 23 проценти, на општите лекари за 25 отсто, додека на здравствените соработници за 15 отсто. Повисоки плати денес добиваат и вработените во одбраната, во полицијата и правосудството“, рече Георгиевска.
Пратеничката најави дека следува усогласување на сите плати со растот на минималната плата согласно закон, односно најдоцна до месец септември. Тоа значи уште повисоки плати во сите сектори, за повисок животен стандард и полесно надминување на последиците од економската криза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.
Економија
Отворен Економскиот бизнис форум помеѓу Северна Македонија и Словачка
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје, заедно со министерот за финансии на Словачката Република, Ладислав Каменицки, го отвори Економскиот бизнис форум помеѓу Република Северна Македонија и Словачката Република, на кој присуствуваа голем број домашни и словачки компании.
„Настанот, организиран од двете министерства со вклученост на повеќе економски институции, беше одлично посетен од претставници на стопанските комори и бизнис-заедницата. Присутните имаа можност за директни средби и вмрежување со словачките компании од секторите енергетика, градежништво, здравство и медицина, туризам, ИКТ, трговија и други услужни дејности“, соопштија од Министерството.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека форумот претставува потврда не само на политичката блискост меѓу двете држави, туку и на заедничката верба во силата на економското партнерство.
„Економската дипломатија не е дополнување на надворешната политика – таа е нејзино јадро. Силните политички односи мора да бидат придружени со силни економски темели“, нагласи Муцунски, изразувајќи благодарност до словачките партнери и компании за нивното присуство, кое, како што посочи, претставува знак на доверба.
Тој истакна дека Северна Македонија нуди стабилност, отвореност и предвидливост како основа за инвестирање, при што континуираното усогласување со европското законодавство претставува заложба за транспарентност и правна сигурност. Посебно ги нагласи потенцијалите во автомобилската индустрија, производството на компоненти, ИКТ-секторот, обновливите извори на енергија и агробизнисот.
Министерот посочи дека достигнувањата на Словачка во автомобилското производство, иновациите и енергетската транзиција создаваат природна основа за продлабочување на партнерството преку заеднички инвестиции, интеграција на синџирите на снабдување и трансфер на технологии.
Во рамки на форумот беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и словачката агенција SARIO, со што се отвора дополнителен простор за директна институционална соработка и заедничка промоција на економските потенцијали.
Муцунски истакна дека Владата останува цврсто посветена на поддршка на бизнис-заедницата преку дипломатската мрежа, институциите за промоција на инвестиции и механизмите за олеснување на трговијата, со цел идентификување нови можности и отстранување на административните пречки.
Форумот, како што беше оценето, претставува конкретен чекор кон продлабочување на економската соработка и создавање нови можности за инвестиции, иновации и одржлив раст во интерес на двете држави.
Економија
Компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска со донација за погодените семејства од поплавите во Кичево
По поплавите во Кичево што доведоа до евакуација на околу 250 луѓе од 63 домаќинства, компанијата Зегин и Фондацијата д-р Верица Механџиска уште еднаш ја потврдија својата општествена одговорност преку донација на средства за лична хигиена за лицата кои се привремено згрижени во градската спортска сала „Христо Узунов“.

Пакетите, кои содржат основни производи за секојдневна хигиена, како и вода и храна се наменети за најзагрозените домаќинства со цел да им помогнат полесно да се справат со последиците од природната непогода.


Со оваа хуманитарна иницијатива, компанијата испраќа силна порака за солидарност и поддршка во моменти кога заедништвото е најпотребно, останувајќи доследна на својата општествено одговорна мисија.
(ПР)

