Македонија
Ковачевски ќе ja предводи владината делегација во Ватикан и Рим, најавена е и средба со Петков
Премиерот Димитар Ковачевски придружуван од ќерката Тамара Ковачевска на 23 и 24 мај ќе предводи делегација на Република Северна Македонија во Италија и Ватикан во официјална и работна посета во рамките на одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј.
Како што информираат од владината прес-служба, премиерот Ковачевски програмата на посетата на Светата Столица ќе ја започне на 23 мај со тет-а-тет средба со неговата светост папата Франциско.
„Програмата во Ватикан потоа продолжува со аудиенцијата кај папата Франциско на која заедно со премиерот Ковачевски ќе присуствуваат и ќерката Тамара Ковачевска, како и членовите на делегацијата Бујар Османи, министер за надворешни работи, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура, Мартин Попов, шеф на Кабинет на премиерот, Ана Андреева, секретар за комуникации, односи со јавност и протокол на премиерот, Даријан Сотировски, директор на комисијата за односи со верски заедници, Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ, Пимен Илиевски, митрополит на МПЦ-ОА, Јосиф Тодоровски, митрополит на МПЦ-ОА и Зоран Стојанов, декан на струмичка епархија на Католичката црква“, се наведува во соопштението.
Премиерот потоа, заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи, ќе имаат средба со државниот секретар на Светата Столица, Пјетро Паролин и со секретарот за односи со државите, Пол Ричард Галагер.
„Програмата во чест на Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, на 23 мај, делегацијата на Република Северна Македонија ќе ја заокружи со полагање венец на спомен-плочата на македонски јазик во папската базилика Санта Марија Маџоре и со пригодна културно-уметничка програма во која ќе учествуваат и наши истакнати уметници што живеат и работат во Италија“, се додава во соопштението.
Од владината прес-служба додаваат дека како дел од работната посета, на 23 мај Ковачевски ќе се сретне и со премиерот на Бугарија, Кирил Петков.
На 24 мај официјалниот дел од програмата започнува со оддавање почит пред гробот на Свети Кирил во базиликата Сан Клементе, каде што митрополитите Пимен и Јосиф ќе одржат молебен во чест на Св. Кирил на кој ќе присуствува целата делегација на Република Северна Македонија, предводена од премиерот.
Работниот дел од посетата на Италија во текот на 24 мај ја вклучува и средбата на Ковачевски со претседателот на Советот на министри на Италија, Марио Драги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Голем одрон кај село Ратево, магла на патниот правец Тетово – Гостивар
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај село Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Тетово – Гостивар до 70 метри, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без вода денеска објектите на хотел Континентал и Ист Гејт
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач на булеварот Александар Македонски бб (кај Континентал), прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на хотел Континентал и Ист Гејт.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремен дожд, а на планините снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе дува слаб ветер од променлив превец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во недела кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места. Од понеделник во текот на денот ќе настапи постепено стабилизирање на времето со опаѓање на утринските температури, а дневните ќе бидат во пораст.

