Македонија
(Видео) Ковачевски: Не можам да кажам дека има напредок со Бугарија во однос на заемно прифатлив документ
Во моментов не можам да кажам дека постои напредок во преговорите, во однос на постигнување на заедно прифатив документ со Бугарија, рече премиерот Димитар Ковачевски по средбата со бугарскиот премиер Кирил Петков во Рим.
На состанокот, како што истакна Ковачевски, присуствувале и министрите за надворешни работи од двете земји, Бујар Османи и Теодора Генчовска, кои ги информирале премиерите за текот на преговорите на министерско ниво.
„Разговорите продолжуваат со цел да се дојде до документ којшто би бил прифатлив за двете држави и ќе претставува основа за решение. Не разговаравме за нови услови од бугарска страна. Станува збор за оние прашања кои беа отворени и претходно, за нив веќе постои т.н. португалски предлог, којшто уште е основа за разговори помеѓу министерствата за надворешни работи и во овој момент не можам да кажам за напредок во однос на постигнување на заемно прифатлив документ, со оглед на тоа што додека не се дојде до таков документ не можеме да зборуваме за напредок“, изјави Ковачевски.
![]()
Генералната оценка на Ковачевски е дека средбата поминала во конструктивна атмосфера.
Претходно, бугарскиот премиер Кирил Петков рече дека со Ковачевски си ветиле оти конструктивниот дијалог ќе продолжи. Првиот човек на бугарската Влада нагласи дека дека двете земји не поставиле рокови и повика да не се подлегнува на провокации од различни групи кои се обидуваат да ги ескалираат тензиите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

