Свет
Зеленски со остри критики кон Хенри Кисинџер
Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро го критикува поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер, кој посочи дека мировните преговори треба да бидат насочени кон создавање граници по должината на линијата на поделба во Донбас, која постоеше пред рускиот напад врз Украина.
Кисинџер зборуваше преку видеоврска на Светскиот форум во Давос, објави Си-ен-ен.
Зеленски во средата одговори дека што и да прави руската држава, некој секогаш ќе дојде и ќе рече: „да ги земеме предвид нивните интереси“.
„Оваа година во Давос го слушнав повторно и покрај илјадниците руски проектили што ја погодија Украина. И покрај десетици илјади убиени Украинци. И покрај масовните убиства во Буча и Мариупол. И покрај уништените градови. И покрај логорите за чистење. Тоа ги прави руската држава, каде што убиваат, мачат, силуваат и понижуваат како на подвижна лента“, рече Зеленски.
Тој додаде дека Русија ѝ го направила тоа на цела Европа.
„Меѓутоа, во Давос, на пример, господинот Кисинџер излегува од длабокото минато и вели дека дел од Украина треба да ѝ се даде на Русија“, рече Зеленски.
Кисинџер претходно изјави дека преговорите треба да почнат во следните два месеца пред конфликтот да создаде такви пресврти и тензии, кои нема да бидат лесно да се надминат.
„Идеално, линијата на поделба треба да се врати на статус кво пред конфликтот“, рече Кисинџер, очигледно сугерирајќи дека Украина треба да се согласи да се откаже од поголемиот дел од Донбас и од целиот Крим.
Зеленски ги спореди ставовите на Кисинџер со оние на нацистичка Германија во 1938 година.
Се чини дека календарот на Кисинџер не е 2022 година, туку 1938 година, а тој мислеше дека зборува со публика во Минхен, а не во Давос. Патем, во 1938 година, кога семејството на Кисинџер бегаше од германските нацисти, тој имаше 15 години“, додаде Зеленски, пренесуваат медиумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Фон дер Лајен: ЕУ смета на Кина да изврши притисок врз Русија да ја прекине војната против Украина
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека Европската унија смета на Кина да изврши притисок врз Русија да ја прекине војната против Украина.
„Сметаме на Кина да го искористи сето свое влијание врз Русија за да стави крај на руската агресивна војна против Украина“, рече фон дер Лајен по средбата со кинескиот претседател Кси Џингпинг и францускиот претседател Емануел Макрон во Елисејската палата, пренесе Ројтерс.
„Претседателот Си одигра важна улога во деескалирањето на неодговорните нуклеарни закани на Русија и уверена сум дека претседателот Кси ќе продолжи да го прави тоа во контекст на тековните нуклеарни закани на Русија“, додаде таа.
Фон дер Лајен рече дека Кина може да го ограничи „неодговорното ширење“ на ирански ракети и беспилотни летала и ги повтори повиците за прекин на огнот во конфликтот меѓу Израел и Хамас.
„Веруваме дека Кина може да одигра важна улога во ограничувањето на неодговорното ширење на балистички ракети и беспилотни летала од страна на Иран“, изјави таа за новинарите по средбата со Кси.
Фон дер Лајен нагласи дека ЕУ не може да го апсорбира прекумерното производство на кинески индустриски стоки што го преплавуваат нејзиниот пазар.
Таа додаде дека го повикала Кси да преземе чекори за решавање на проблемот со вишокот капацитет.
„Кина која игра фер е добра за сите нас“, истакна Фон дер Лејен.
Фон дер Лајен во Елисејската палата се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг и со францускиот претседател Емануел Макрон. Кси пристигна во Франција во неделата на своето прво патување во Европа од 2019 година.
Регион
(Видео) Вo Шпанија уапсен еден од најбараните наркобосови во Србија
Шпанската полиција разби српска организирана криминална група осомничена дека го нападнала домот на ривалскиот клан од Србија минатиот јануари. Во акцијата беа уапсени 11 лица, меѓу кои и лидерот, по кого Србија распиша потерница уште во 2021 година.
Во провинциите Малага, Мадрид и Барселона се извршени апсења поради вмешаност во криминални дејствија – киднапирање, грабеж со насилство, недозволено поседување оружје, телесни повреди, фалсификување документи, трговија со дрога и членство во криминална организација.
Во акцијата на шпанската полиција одземени се три парчиња огнено оружјо. На некои им беа избришани сериските броеви. Запленети се и сто парчиња муниција, седум лажни лични документи, дрон и 16.000 евра во кеш.
Извршени се и седум претреси, од кои пет во Естепона.
Меѓу уапсените е и водачот на криминална група по која Србија распишала потерница во 2021 година. Тој е еден од најбараните луѓе во Србија.
Свет
Четворица тинејџери под истрага за нападот на германскиот пратеник во Европскиот парламент Матијас Еке
Четворица германски тинејџери се под истрага за нападот врз германскиот пратеник во Европскиот парламент (ЕП) Матијас Еке, кога беше тешко повреден и му беше потребна операција, соопшти полицијата.
Полицијата соопшти дека 17-годишникот дошол во полициската станица во саботата и рекол дека бил вклучен во нападот врз Еке, а полицијата идентификувала уште тројца напаѓачи во неделата, откако ги пребарала нивните домови и собрала докази, објави Ројтерс.
Сите четворица се германски државјани на возраст од 17 до 18 години.