Култура
По 11 успешни детски театарски претстави Скопје Сити Мол и Синеплекс најавуваат продолжување на Мој театар – Сити театар наесен
Скопје Сити Мол ги информира најмладите посетители и љубители на театарот дека претставите кои се одржуваа во недела во рамки на „Мој театар – Сити театар“ ќе продолжат да се организираат во текот на есента. Имено, со дополнителната единаесетта театарска претстава заврши првиот циклус на „Мој театар – Сити театар“ кој Скопје Сити Мол го организираше во партнерство со Синеплекс.
Во текот на 11 недели најмладите во Синеплекс киното можеа да проследат интерактивни, иновативни и едукативни детски театарски претстави со различни приказни и музика во живо. Освен забавува и едукација, со посетите на Мој театар – Сити театар, децата имаа можност и да ја развиваат хуманоста бидејќи средствата од продажбата на билетите се наменети за донација.
![]()
„Чест ни е што најмладите ја препознаа нашата заложба да им обезбедиме незаборавно искуство преку кое тие учат, се едуцираат, но и ја развиваат љубовта кон театарската уметност. Заради огромниот интерес кај најмладите покрај планираните десет претстави, беше организирана дополнително уште една единаесетта претстава. Скопје Сити Мол не застанува тука, по заслужениот летен одмор Мој театар – Сити театар ќе се врати наесен на уникатната сцена во киното Синеплекс со побогати и нови содржини. И во текот на летото веруваме дека децата и нивните родители ќе продолжат да уживаат во содржините во омилениот трговски центар, како што се летната сцена и новото уникатно игралиште пред Скопје Сити Мол, како и во бројни други летни изненадувања – сѐ што сакаат“ – изјави Дамјан Корубин, маркетинг менаџер на Скопје Сити Мол.
Дел од Мој театар – Сити театар е и хуманитарната акција „Од дете за дете“, преку која сите средства од продажбата на билети по симболична цена за претставите на крајот од годината, по завршувањето на вториот циклус од детскиот театар ќе бидат донирани на детска хуманитарна организација.
Повеќе информации и фотографии од детските претстави може да се најдат на Facebook фан страната на Скопје Сити Мол.
![]()
За Скопје Сити Мол
Скопје Сити Мол е првиот современ трговски центар во Македонија со потполно нов концепт кој ги обединува шопингот, забавата и дружењето веќе препознаен како обележје на модерно Скопје.
Освен модните брендови, понудата на Скопје Сити Мол ги опфаќа и сите сервисни услуги, потреби за домаќинство, козметика и убавина, книжарници, детски катчиња со забавен и едукативен карактер, тематски и
семејни ресторани, брза храна, кафулиња, кино, играчница и многу други содржини кои заедно придонесуваат купувањето и дружењето да станат вистинска, врвна забава. Оваa година Скопје Сити Мол го слави 10-от роденден. www.skopjecitymall.mk
(пр)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.
Култура
Почина Георги Сталев Поповски
Друштвото на писателите на Македонија информира дека на 30 декември 2025 година, во 95. година од животот, почина Георги Сталев Поповски, поет, прозаист, преведувач, драмски писател, научен работник и поранешен универзитетски професор, доктор по филолошки науки и најстар член на писателската асоцијација.
Георги Сталев Поповски е роден на 22 април 1930 година во Витолиште, а почина во Скопје. Високото образование го завршил на Филозофскиот факултет во Скопје. Во текот на својата богата професионална кариера, меѓу другото, бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.
Член на Друштво на писателите на Македонија бил од 1956 година, како прв член примен во Друштвото по заслуга на своите достигнувања во областа на книжевниот превод.
Поповски е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ на Друштвото на писателите на Македонија за книжевна критика и есеистика, наградата „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот „Мали и експериментални сцени“ во Сараево (1972), наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, медалот од Фондот „Лермонтов“ во Москва, како и македонските државни награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“, како и наградата на Град Скопје „13 Ноември“.
Тој останува актуелен и во 2025 година како еден од авторите на збирката раскази Она што се памети живее („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ, во која е застапен со расказот „Доста ми е власт играње“ – сеќавање на неговиот татко, Стале Попов, корифејот на македонскиот роман.

