Македонија
Ковачевски: Манастирот Св. Јован Бигорски е живо сведоштво за автентичниот македонски идентитет
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска го посети манастирот Св. Јован Бигорски, каде што беше пречекан од игуменот на манастирот, eпископ aнтаниски г. Партениј. Премиерот Ковачевски беше придружуван и од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, и заменик-министерот за транспорт и врски Беким Реџепи.
Во обиколката на манастирскиот комплекс, премиерот Ковачевски беше запознаен со историјата и мисијата на манастирот Св. Јован Бигорски, како еден од најзначајните монашки и духовни центри во историјата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Епископ антаниски г. Партениј, како игумен на манастирот, на премиерот Ковачевски му ги презентираше најважните и исклучително значајни артефакти во манастирската црква Св. Јован Крстител во која доминантно место има прекрасниот и единствен од ваков вид иконостас во православието, врвно дело на мијачките копаничари, Петре Филиповски – Гарката од с. Гари, со својата тајфа и Макариј Фрчковски од Галичник.
За време на разгледувањето на манастирските содржини, премиерот Ковачевски истакна дека сега со историската одлука за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА, убавините и вдахновената духовна атмосфера на манастирот Св. Јован Бигорски, стануваат достапни за верниците од сите сестрински православни цркви за да го сведочат единството и црковно заедништво како една од најсуштинските вредности на православното христијанство.
Премиерот Ковачевски нагласи дека во признавањето на МПЦ-ОА како канонска автокефална црква се вградени и големите дела на сите црковни и духовни големци во нашата историја кои учествуваа во создавањето и афирмацијата на идентитетот на македонскиот народ и на прифаќањето возобновена Охридската архиепископија во лицето на МПЦ како еднаква и официјално прифатена во заедницата православни цркви.
Премиерот Ковачевски ја посети и манастирската библиотека во која се чуваат уникатните и оригиналните книги како што поучната творба „Огледало“ на македонскиот преродбеник Кирил Пејчиновиќ, издадена во Виена во 1816 година, поемата „Арматолос“ („Сердарот“) на Григор Прличев, издадена во Атина во 1860 година, реткиот примерок на црковнословенскиот месецослов, кој потекнува од времето на руската царица Екатерина Велика, отпечатен во 1793 година, како и едно од првите изданија на Светото писмо на народен јазик од 1874 година.
Книгите се најсилното оружје во одбраната на македонскиот јазик и идентитет, рече за време на посетата на манастирот премиерот Ковачевски, и истакна дека делата на македонските преродбеници од 19 век, црковните книги и зачуваните писма на бигорските игумени и монаси говорат дека македонскиот народ има многувековна црковна и долга историја, култура.
Обиколката на манастирот Св. Јован Бигорски заврши во конакот со својот автентичен внатрешен амбиент се издвојуваат големиот синодикон и приемната одаја за гостите кои во огромен број го посетуваат овој црковен бисер на МПЦ-ОА.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајка меѓу патничко возило и трактор на регионалниот пат Градско – Прилеп, сообраќајот пренасочен
Денеска околу 19:00 часот поради случена сообраќајна незгода помеѓу патнички автомобил и трактор, регионалниот пат Градско – Прилеп кај клучка Манастирец е пренасочен по регионален пат Р1107 кон Кавадарци, соопшти АМСМ.
Македонија
МВР: Шалтер за „Безбеден град“, граѓаните од утре ќе можат да ги променат контакт-податоците
Од Министерството за внатрешни работи известуваат дека граѓаните од утре (17.12.2025), на посебен шалтер во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ (приземје) во Скопје, кој ќе работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот ќе можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците кои ги доставиле при регистрација на возилата, доколку има настаната промена или во случај да имаат добиено известување со неточни податоци.
„Истото, ќе може да се изврши и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде што е распореден деташиран референт на МВР.
Исто така, граѓаните по електронска пошта на [email protected] ќе можат да достават писмена забелешка доколку имаат нејаснотии, прашања или проблеми поврзани со функционирањето и примената на системот „Безбеден град“, при што сите доставени забелешки ќе бидат евидентирани и разгледани согласно утврдените процедури, со цел унапредување на работењето и поефикасна комуникација со граѓаните“, соопшти МВР.
Македонија
Димитровски: Нов импулс за економска соработка со Шведска
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска имаше поздравно обраќање на настанот во организација на Шведско-Македонската Стопанска Комора, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. На настанот се обрати и Ола Сулстром, Амбасадор на Кралството Шведска во нашата земја, со што беше потврдена заедничката определба за натамошно унапредување на билатералните односи.
Шведско-Македонската Стопанска Комора се воспоставува како силен институционален мост меѓу деловните заедници на двете земји и како јасна политичка порака за продлабочување на економското партнерство меѓу двете земји.
Во своето обраќање, заменик-министерот Димитровски истакна дека формирањето на Комората означува нова фаза во економските и деловните односи меѓу двете земји, со фокус на конкретни резултати, инвестиции и заеднички развој.
„Формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора испраќа силна порака дека економската соработка меѓу нашите држави се издигнува на повисоко, постратешко ниво. Ова е практичен механизам за поврзување на бизнисите, за поттикнување инвестиции со додадена вредност, за иновации и трансфер на знаење, но и за градење доверба која е основа на секое сериозно економско партнерство,“ истакна Димитровски.
Македонско-шведските економски односи бележат стабилен и охрабрувачки развој, со јасен потенцијал за понатамошна експанзија. Зголемениот интерес од компаниите и инвеститорите од двете земји ја потврдува потребата од институционална платформа која ќе ги поврзе деловните заедници и ќе ја забрза реализацијата на заедничките економски проекти. Во тој контекст, Комората се позиционира како катализатор за зголемување на билатералната трговија и проширување на секторите на соработка, се истакнува во соопштението.
„Шведско-Македонската Стопанска Комора ќе делува како платформа за активна соработка меѓу приватниот и јавниот сектор, обезбедувајќи системска поддршка за компаниите, застапување на нивните интереси и создавање амбиент на доверба, транспарентност и институционална стабилност. Преку ваков пристап, Комората ќе придонесе кон развој на одржливи, долгорочни и взаемно корисни деловни партнерства.
„Со формирањето на Шведско-Македонската Стопанска Комора, испраќаме јасна порака дека ние сме подготвени за посилна економска соработка, за привлекување квалитетни инвестиции и за градење партнерства засновани на европски стандарди, доверба и заедничка визија за економски раст и развој”, заклучи Димитровски.

