Култура
Пеца Поповиќ промовира три книги во Скопје

Најзначајниот музички новинар во регионот, легендарниот рок-критичар Петар (Пеца) Поповиќ, некогашен уредник на влијателните списанија „Џубокс“ и „Рок“, на 1 јуни, во 19.30 часот, во кафе-книжарница „Буква“, ќе промовира три свои книги, објавени во изминатите три години – „Пролет во Топчидер“, „Траги во бескрајот“ и актуелната „Чуварот на ‘бувља пијаца’“.
Настанот е во организација на СПОНА – Српскиот културно-информативен центар во Македонија.
Со Пеца Поповиќ пред македонските љубители на пишаниот збор, со акцент на музички, ќе биде и професорот Михајло Пантиќ, кој се потпишува како уредник на неговите книги, објавени под закрилата на Книжевната општина Вршац (КОВ), а модератор на настанот ќе биде новинарот Иван Беќковиќ.
Како музички гости, промоцијата ќе ја збогатат Елена Христова и Сибо од познатиот музички состав „Баклава“.
Поповиќ, кој како музички новинар остави важен белег на регионалната сцена како критичар и хроничар, во неколку наврати беше главен и одговорен уредник на влијателната дискографска куќа ПГП-РТС, за домашна и лиценцирана програма, како и уредник на музичкото радио „101“ и на првата независна ТВ-куќа – „ОК канал“.
Во негова режија се случија и два најголеми музички карвана во Југославија кога во Загреб и во Скопје ги донесе најголемите регионални музички ѕвезди. На негова идеја за голем бесплатен концерт во Белград, Горан Бреговиќ и „Бијело дугме“ на 28 август 1977 година го одржаа антологискиот „Концерт код Хајдучке чесме“, настан што и денес се смета за југословенски Вудсток.
Активен и во осмата деценија од животот, Пеца Поповиќ ги потпишува книгите: „Ракописи“ (2008), „Кикинда short 04 – две приказни“ (2010), „Да се биде рокенрол“ (2011, заедно со Михајло Пантиќ), „Пролет во Топчидер“ (2020), „Траги во бескрајот“ (2021) и „Чуварот на ‘бувља пијаца’“ (2022).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Сараево во исчекување: „Народен пратеник“ и „12“ на сцената на Народното позориште

По големиот успех на МНТ во Р Црна Гора, сараевската публика е во исчекување вечерва на 11 април на сцената на Народно позориште, Сараево, со почеток во 19:30 часот, да ја погледне урнебесната комедија која одлично ги прикажува политичките амбиции и ситните страсти во драмата „Народен пратеник“, едно од најважните дела на Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин.
Во срцето на оваа комедија е семејната драма – амбицијата на таткото Јеврем Прокиќ и адвокатот Ивковиќ, кои истовремено се натпреваруваат за функцијата пратеник. Семејниот конфликт, политичките игри и смешните ситуации ја прават ова претстава незаборавна.
Играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (глас снимен), Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халил.
Моќната „12“ во Сараево: Театарска елита на големата сцена на Народно позориште
Утревечер, на 12 април со почеток во 19:30 часот, на големата сцена на Народно позориште, Сараево ќе биде изведена моќната претстава „12“, адаптација на култното дело на Реџиналд Роуз, во режија на Синиша Евтимов.
Сараевската публика ќе има ретка можност да ја проследи оваа интензивна драма, изведена од врвна актерска екипа: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев.
„12“ е претстава што не остава никого рамнодушен – психолошка длабочина, социјална критика и актери во врвна форма. Сараево не пропуштајте ја!
Култура
Јубилејна изложба „90 години од раѓањето на Стефан Маневски (1934 – 1997)“

Националната галерија на Македонија ја подготвува јубилејната изложба „90 години од раѓањето на Стефан Маневски (1934 – 1997)“.
Одбележувањето на 90-годишнината од раѓањето на Стефан Маневски (1934 – 1997), еден од најинвентивните македонски скулптори, чие творештво е особено важно за еволуцијата на македонската скулптура, е во сообразност со задачата на Националната галерија да ги чува и презентира најсеопфатно можно достигнувањата на најзначајните македонски уметници земајќи ја предвид улогата што ја имале во создавањето и трасирањето на тековите на македонската модерна и современа уметност.
Изложбата ќе биде отворена на ден 23.4.2025 година (среда), во 20 часот, во објектот Даут пашин амам.
Култура
Љутков: Остануваме доследни за максимална грижа и вложување во заштитата на македонското културно наследство

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков и државниот секретар Марија С. Ѓоргова денеска го посетија манастирскиот комплекс „Трескавец“ во Прилеп каде што треба да започне реализацијата на проектот за конзервација и реставрација на архитектурата и живописот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Во изминатиот период овде беа реконструирани и опожарените конаци, а со тоа по повеќе од десет години се овозможи враќање на монашкото братство во овој комплекс.
– Во македонскиот духовен центар, манастирскиот комплекс „Трескавец“, наскоро треба да започне реализацијата на капиталниот проект на Владата и на Министерството за култура и туризам за конзервација и реставрација на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Основниот проект за санација и конструктивна консолидација на црквата, отстранување на влагата и реконструкција на подот е во завршна фаза. Очекувам во периодот што следува да се обезбедат сите дозволи за да можеме да почнеме со реализација на овој капитален проект, за кој за почеток обезбедивме 4 милиони денари. Во текот на 2026, пак, ќе се работи и на проектот за конзервација на живописот во црквата – рече Љутков.
Тој додаде дека овој комплексен проект ќе биде реализиран од мешани тимови од стручни лица од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп, Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Република Грција, Заводот и музеј – Битола, Националниот конзерваторски центар, ИЗИС и од Градежен факултет – Скопје.
– Сакам да им се заблагодарам на сите учесници во проектот, како и на докажаните експерти во областа на заштитата од Република Грција кои денеска и лично допатуваа овде, во Трескавец, за да се запознаат со состојбата и да направат увид во досегашната изведба на проектот – рече Љутков.
Претходно, Љутков ги посети и црквата „Св. Благовештение“ и археолошкиот локалитет „Стибера“.
– Работите на капиталниот проект за конзервација и реставрација на црквата „Св. Благовештение“ треба да завршат до крајот на годинава. Треба да се изврши уште конструктивно зацврстување на носечката конструкција на иконостасот и конзервација и реставрација на резбата, за што се обезбедени 2,1 милиони денари, додека за соодветна туристичка презентација и промоција на археолошкиот локалитет „Стибера“, во тек се активности за тековно одржување. Археолошките истражувања на ова наше културно добро од највисок ранг ќе продолжат кон крајот на август.
Во врска со Центарот за култура „Марко Цепенков“, министерот информираше дека во најкраток рок ќе биде постапено по забелешките од Државниот завод за заштита и спасување и објектот повторно ќе биде ставен во функција.