Македонија
Хелсиншки комитет: Одлуката за утврдување реони за градинки во општина Карпош не може да важи за веќе запишани деца

По најавата дека од 10 јуни од градинките во општина Карпош ќе треба да се отпишат сите деца што не живеат на територијата на оваа општина, од Хелсиншкиот комитет за човекови укажуваат дека одлуката на Општината не може да се применува ретроактивно, односно не може да ги опфати децата кои претходно биле уредно запишани во градинките. Таа, нагласуваат, може да важи само од моментот на нејзиното донесување.
Во врска со ова прашање до Хелсиншкиот комитет за човекови права се обратиле повеќе родители, загрижени дека ваквата одлука негативно ќе влијае на нивните деца, од кои дел се со попреченост, по што Комитетот се обратил до Министерството за труд и социјална политика со барање за постапување во конкретниот случај.
„Од Министерството извршиле надзор врз работата на органите на општината и дале укажување дека децата кои досега се уредно запишани и ги посетуваат предучилишните установи во општината треба да продолжат со згрижувачко-воспитниот процес, согласно одредбите од Законот за заштита на деца во делот на прием на деца, како и одредбите од Конвенцијата за правата на детето и Уставот на Република Северна Македонија. Децата кои се примени во предучилишните установи во општина Карпош, а се од други општини, уредно се примени од страна на јавните установи и имаат склучено договори и посетуваат градинка подолг период. Тие моментално се соочуваат со ситуација која негативно ќе влијае врз нив и не е во нивен најдобар интерес, а ова особено ги засега децата со попреченост, имајќи ги предвид нивните специфични потреби“, се вели во денешното соопштение од Хелсиншкиот комитет.
Од таму укажуваат дека одлуката на Општина Карпош не може да се применува ретроактивно, односно не може да ги опфати децата кои претходно биле уредно запишани во градинките, односно таа може да важи само од моментот на нејзиното донесување.
Впрочем, како што велат од Хелсиншкиот комитет, тоа е наведено и во самиот текст на одлуката на Општината, која била усвоена на 20 април 2022 година.
„Поради ова, а во насока на исполнување на најдобриот интерес на децата, бараме од општината и од градоначалникот на општина Карпош да не ја толкуваат незаконски сопствената одлука и предвремено да не ги раскинуваат претходно и уредно склучените договори, а одлуката да важи од денот на донесување и само за идни уписи во предучилишните установи“, додаваат од Хелсиншкиот комитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Наскоро зонско паркирање во Автокоманда

Во скопската населба Автокоманда наскоро ќе биде воведено зонско паркирање, најави кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„ Со особено задоволство ги информирам жителите на Автокоманда дека е донесено Решение за утврдување на режим на сообраќај во Автокоманда. Со ова официјално се одобрува воведувањето на зонско паркирање – решение кое жителите на Автокоманда го очекуваат повеќе од една деценија“, рече Стефковски.
Тој додава дека во моментов интензивно се работи на изработка на проектот за обележување на улиците и поставување на потребната сигнализација, а активностите на терен ќе започнат во најкус можен рок.
Стефковски најави дека секое домаќинство ќе добие две бесплатни картички за паркирање.
Македонија
Уапсена сопругата на докторот кој беше застрелан во Куманово, била вмешана во обидот за неговото убиство

Полицијата ја уапси сопругата на докторот кој беше застрелан вчера во Куманово. Тој со повреди беше пренесен во болница, но се наоѓа во стабилна состојба. Според информациите на МВР, сопругата е осомничена дека е вмешана во обидот за неговото убиство.
„Вчера полициски службеници од СВР Куманово ја лишија од слобода А.А. (43) од Тетово, поради основи на сомнение дека е поврзана со обидот за убиство на нејзиниот сопруг З.Ш. (43) од село Слупчане, липковско“, велат од МВР.
Исто така, во врска со настанот на службен разговор во СВР Куманово се повикани шест лица, а во домот на Б.С. (50) од Куманово по судска наредба, е извршен претрес.
По целосно документирање на случајот, против сопругата ќе следува соодветна пријава, додека против Љ.Ф. (36) од Гостивар, кој се сомничи за обид за убиство и се уште е во бегство, по консултација со Основното јавно обвинителство, исто така ќе биде поднесена кривична пријава.
Од Министерството за здравство вчера соопштија дека во вооружениот напад во Куманово е повреден докторот Зекирија Шаини. Од таму известија дека повредите не се животно-загрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува.
Од ДУИ, пак, информираа дека станува збор за нивен кандидат и носител на листата во Општина Липково.
Македонија
Евакуации во објектите околу плоштадот „ВМРО“ поради куфер оставен на плочникот, полицијата утврди дека е празен

Обезбедувањето на Јавното претпријатие за државни патишта пријавило во полиција дека две лица денес оставиле куфер на плочникот пред нивниот објект сместен на плоштадот „ВМРО“ веднаш до седиштето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Полицијата веднаш излегла на терен, почнала евакуација на вработените од објектите околу плоштадот, а проверките покажале дека куферот е празен.
„Денеска (08.10.2025) во 12.55 часот лице од обезбедувањето на ЈП ‘Државни патишта’ пријавило дека на видеонадзор пред канцелариите на ЈП ‘Државни патишта’ на плоштадот ‘ВМРО’ во Скопје биле забележани две лица како го разгледуваат местото, а едно од лицата оставило куфер. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности, извршени се потребните проверки и утврдено е дека куферот е празен“, соопшти МВР.