Македонија
Сончево време со температури до 37 степени
Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од северен правец, информираат од УХМР.
Од таму додаваат дека попладне ќе има локална појава на пороен дожд и грмежи, како и услови за изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 37 Целзиусови степени. УВ=9
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
И в недела ќе се задржи многу топло време, попладне со локална појава на пороен дожд и грмежи, како и услови за изолирана појава на град.
Во текот на следната работна седмица на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд (за кратко време поголема количина), силни електрични празнења, силен ветер (над 70 км/час) и појава на град. Температурата ќе биде во опаѓање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова од денеска престојува во САД
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова од денеска престојува во Соединетите Американски Држави, каде ја предводи македонската државна делегација на 79. Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк.
Сиљановска Давкова во четврток е предвидено да се обрати на Генералната дебата на 79. сесија на Генералното собрание на ОН, што се одржува на тема „Не оставајќи никого зад себе: дејствувајќи заедно за унапредување на мирот, одржливиот развој и човечкото достоинство за сегашните и идните генерации“.
Како што јавува известувачот на МИА од Њујорк, во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН, предвидено е претседателката Сиљановска Давкова да оствари средба и со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Шефицата на државата ќе се обрати и на Самитот на иднината, што ќе се одржи во седиштето на ОН, на тема „Мултилатерални решенија за подобро утре“ со учество на шефови на држави и влади. Сиљановска Давкова ќе учествува и на Годишниот состанок на Платформата на жени – лидери на Генералното Собрание на Обединетите Нации, на тема „Еднакво учество на жените во процесот на донесување одлуки: обезбедување на мир, социо-економски можности, одржлив развој и човечко достоинство за сегашните и идните генерации“, додека на покана на претседателот на САД, Џо Бајден ќе присуствува на состанок на тема „Глобална коалиција за справување со заканата од синтетички дроги“.
За време на учеството на Генералното собрание на ОН, претседателката Сиљановска Давкова ќе оствари повеќе билатерални средби.
Посетата на САД, претседателката Сиљановска Давкова ја започнува денеска во македонската православна црква „Свети Никола“ во Тотова, Њу Џерси, каде ќе присуствува на литургија по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица (Мала Богородица). Попладне претседателката заедно со делегацијата во Фрихолд исто така во Њу Џерси ќе ја посети џамијата во рамки на граѓанската заедница „Дебар“, која во себе обединува нашинци по потекло од дебарскиот крај.
Во состав на македонската државна делегација се министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски и вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Македонија
Сончево време со температури до 27 степени и можност за локален дожд
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Од пладневните часови во западните делови ќе има услови за локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 15, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Од УХМР информираат дека утре претежно во западните делови од земјата ќе има појава на краткотраен дожд. Потоа времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Дневната температура ќе биде во постепен благ пораст.
Македонија
Невреме во Тетово: Поплавени улици, домови, гаражи
Силно невреме го зафати Тетово, поплавени се улици, домови, гаражи.
Невреме со силни врнежи од дожд, град и грмотевици попладнево ја зафати Општина Тетово и околината.
„Врнежите предизвикаа поплавување на дел од улиците, посебно кај касарната на влезот на Тетово и на неколку куќи во Мала Речица-Општина Тетово“, информира вечерва Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Тетово.
За невремето известени се и ТППЕ-Тетово, ЈКП-Тетово и одговорни лица во Општина Тетово.