Македонија
Николоски: Бугарија да собере храброст и на следниот самит да го тргне ветото за почеток на преговори на Македонија со ЕУ
“Денеска во рамки на ВМРО-ДПМНЕ организираме трибина на која што ќе зборуваме за она што можеби е најактуелно во моментов, а тоа е европската перспектива на Македонија, состојбите со европските интеграции, меѓународните односи како тука е неизбежен спорот со Република Бугарија, но и владеењето на правото и борбата со организиран криминал и корупција како два основни темели на кои што се темели напредокот на Македонија” изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека Македонија не напредува во изминативе години, и за жал Македонија стои во место.
“Причините се најмалце две, една секако е ветото кое што Бугарија го става на европските интеграции на Македонија и повикувам еве тука од Битола да Бугарија собере храброст и сили и на следниот самит кој што ќе се одржи за неколку недели во Луксембург да го тргне тоа фамозно вето за почеток на преговори на Македонија со ЕУ и Македонија да почне преговори со ЕУ, затоа што тоа пред се го заслужуваат граѓаните на Македонија.” изјави Николоски.
Тој наведе дека втората причина е застојот во реформите, јасни се барањата на европските институции пред се во делот на владеењето на правото, понатака во борбата со организираниот криминал и корупцијата, и во реформите кои што или не се случуваат или назадуваат, сведоци сме сите на состојбата во државата и тука нема ниедно друго решение освен промена на Владата и брзи предвремени парламентарни избори.
Николоски ги повика сите граѓани на Битола, на пелагонискиот регион да се приклучат на 18-ти јуни, на големиот сенароден митинг на кој што ќе побараме предвремени избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски објави видео: Скопското Кале целосно исчистено и уредено
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео на своите официјални профили на социјалните мрежи, со порака дека скопското Кале е целосно исчистено и уредено.
Преку својата изјава, градоначалникот Ѓорѓиевски истакнува дека грижата за културното наследство и јавните простори останува еден од приоритетите на Град Скопје.
Тој потенцира дека Скопското Кале, како симбол и гордост на градот, заслужува континуирано внимание, одржување и заштита, со цел да се зачува неговата историска вредност и да се обезбеди пријатна и безбедна средина за сите посетители.
Од Град Скопје велат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон унапредување, одржување и промоција на културно-историските знаменитости во главниот град.
Македонија
Облачно со дожд и снег, магла по котлините – врнежливо и во наредните денови
Времето утре облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен прaвец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 10 степени.
Во Скопје, облачно и магловито, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 6 степени.
До почетокот на следната седмица следува период на претежно облачно време со локални врнежи од дожд на пониските и дожд и снег на повисоките места.
Македонија
Средба Сали – Кочиу: Забрзување на ONE STOP SHOP и нов импулс за институционалната соработка меѓу Македонија и Албанија
Првиот заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари средба со министерката за внатрешни работи на Република Албанија, Албана Кочиу
За време на средбата беа разгледани билатералните односи меѓу двете држави, проектот ONE STOP SHOP, за кој се очекува во блиска иднина да започнат подготовките за имплементација, додека самата имплементација на системот се очекува да започне во летната сезона, како и можностите за продлабочување на меѓуинституционалната соработка и развојот на економските инвестиции.
Во овој контекст беше нагласена важноста на политичката и институционалната координација за реализација на стратешките проекти. Двете страни се согласија за интензивирање на дијалогот и секојдневната соработка меѓу надлежните институции, со цел унапредување на конкретните проекти кои го зајакнуваат партнерството меѓу двете земји и придонесуваат за стабилноста, економскиот развој и европската перспектива на регионот.

