Економија
„Отворен Балкан“: Усогласување на ветеринарните сертификати и олеснување на трговијата на животни

Во рамки на дводневниот самит на „Отворен Балкан“ кој се одржа во Охрид, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, беше домаќин на министрите за земјоделство на Република Србија и Албанија, Бранислав Недимовиќ и Фрида Крифца.
Делегации на трите држави, предводени од министрите за земјоделство, одржаа работна средба на техничко ниво каде се разговараше за забрзување на процесот за усогласување на ветеринарните сертификати со цел олеснета размена на живи животни и производи од животинско потекло помеѓу трите држави од „Отворен Балкан“. На средбата е договорено дека Агенцијата за храна и ветеринарство во рок од 15 дена треба да направи измени во Правилникот кој го регулира извозот и увоз на живи животни и производи од животинско потекло, со цел непречена трговија помеѓу државите.
„Отворен Балкан е симбол на нашата меѓусебна доверба и почит. Преку „Отворен Балкан“ овозможуваме достоинствен живот денес, но и сигурна иднина, за граѓаните на трите држави. Меѓусебната почит и реципроцитет во односите меѓу трите земји, значи заеднички да одиме напред, помагајќи си меѓусебно онаму каде што е најпотребно за секој од нас. Денешните здравствени и економски кризи, со кои се соочени нашите земји, но и светот, се уште една потврда за потребата и продобивките од иницијативата „Отворен Балкан“. Благодарение на успешната соработка, преку оваа иницијатива заеднички, успеавме да обезбедиме стабилно снабдување со основните прехрамбени производи меѓу нашите држави, директно помаѓајќи им на граѓаните“, истакна министерот Николовски во своето обраќање.
Преку посветена работа на сите министерства и тимовите во работните групи, од започнувањето на Иницијативата, до денес, направен е голем напредок во делот на соработката меѓу трите држави во областа на земјоделството.
Зелените коридори на граничните премини за земјите од „Отворен Балкан“ веќе функционираат, што претставува големо олеснување за економските оператори. Признати во сите три земји се фитосанитарните сертификати и трговијата со растенија и растителни производи се одвива непречено.
Министерот Николовски упати благодарност до двајцата министри, за соработката помеѓу државите во овие кризни моменти и заедничката посветеност кон полесно надминување на кризата.
Тимовите на министерствата и работните групи од трите држави, продолжуваат посветено, преку разговори да работат на решавање и на отворените прашања меѓу државите дел од „Отворен Балкан“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Три концесии за експлоатација на минерални суровини еднострано раскинати

Владата, по предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), донесе три одлуки за едностран раскин на Договори за концесија за експлоатација на минерални суровини и една одлука за одбивање на ново барање за концесија. Одлуките се веќе објавени во Службен весник на Република Македонија.
Од формирањето на Министерството до денес, вкупно се донесени 34 одлуки за едностран раскин на концесии поради непочитување на законските одредби за експлоатација на минерални суровини, неплаќање на концесиски надоместоци согласно утврдениот тарифник, непочитување на мерките за заштита на животната средина, пренесување на концесијата на друг субјект без согласност и експлоатација надвор од одобрениот експлоатационен предел.
Од Министерството информираат дека во моментов се во тек и повеќе постапки за раскин или одбивање на продолжување на концесии по исти или слични причини. Во истиот период констатиран е и раскин на 11 дозволи за експлоатација поради истек на договорот за концесија.
МЕРМС води и регистар на одземени концесии и тој од следниот период поради поголема транспарентност ќе биде јавно објавен на сајтот на министерството.
Министерката Сања Божиновска истакна:
„Нашата цел е транспарентно и одговорно управување со природните ресурси. Со засилената контрола и примената на законските мерки, обезбедуваме фер и одржлива експлоатација, која носи економски придобивки за државата и поддршка за локалните заедници. Овие одлуки се директна последица на посветените активности и системската работа на Министерството за воспоставување на највисоки стандарди за транспарентно и фер управување со природните ресурси, подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите. “
Економија
Мицкоски: Неколкукратно е зголемена бројката на апликанти за мерката млад земјоделец во вредност од 70 милиони денари

Поради изборните ограничувања, мерката млад земјоделец не можеме да ја промовираме, иако огласот е завршен, филтерот е направен, 117 корисници односно апликанти за околу 70 милиони денари, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата на Република Северна Македонија одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот Мицкоски истакна дека за разлика од 2023 година кога имало само 44 апликанти, односно само 18 корисници, истата денеска е зголемена неколкукратно односно на 117 апликанти.
Можеби бројката 117 не значи многу грандиозно, но ако се има предвид дека во 2023 година од 44 апликанти, само 18 имаме корисници, тогаш станува збор за неколкукратно зголемување. Така што веднаш по завршување на локалните избори кога веќе ќе ги немаме оние законски ограничувања, и формално ќе биде ставена во функција оваа мерка за поддршка на младите земјоделци.
Економија
Во јули годишен раст од 13,0 отсто на вкупните депозити и од 13,0 отсто на вкупната кредитна поддршка

Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити бележат раст од 13,0%, којшто во поголем дел се должи на растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при помал раст и на депозитите на корпоративниот сектор, извести Народната банка.
На годишна основа, вкупните кредити бележат раст од 13,0%, поради повисоките кредити на двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на линкот