Свет
Тајланд го легализира одгледувањето марихуана, владата донира садници
Одгледувањето и поседувањето марихуана во Тајланд од денеска е декриминализирано, а министерот за здравство на таа земја најави дека од утре ќе подели милион садници од ова растение, пренесува АП.
Тајланд е првата земја што донесе ваква одлука во Југоисточна Азија, регион познат по строгите закони за дроги, но употребата на марихуана за рекреативни цели сè уште не е дозволена.
Тајландската влада соопшти дека промовира канабис само за медицинска употреба, предупредувајќи ги оние кои сакаат забава, дека пушењето на јавно место сè уште може да се смета за кривично дело, со потенцијална казна од три месеци затвор и 25.000 тајландски бати (780 долари).
Владата се надева дека локалната трговија со канабис ќе придонесе за развој на земјоделството и туризмот, а за да ги поттикне жителите да го одгледуваат ова растение, одлучи да донира дури милион садници.
„Тоа е можност за луѓето и државата да генерираат приходи од марихуана и коноп. Ако ја имаме вистинската свест, канабисот е како злато, нешто вредно и треба да се промовира“, рече Анутин Чарнвиракул, вицепремиер и министер за здравство.
Клиниките ширум земјата можат послободно да нудат канабис како третман, а владата рече дека планот за легализација има за цел да ослободи околу 4.000 затвореници осудени за злосторства поврзани со канабис.
Статусот на марихуаната сè уште не е целосно законски дефиниран, бидејќи иако таа повеќе не се третира како опасна дрога, тајландските пратеници допрва треба да донесат закон со кој би се регулирала трговијата со марихуана, според АП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Политико: Бугарија ја разгледува можноста да бара ослободување од санкциите на САД против „Лукоил“
Бугарија ја истражува можноста да побара ослободување од новите санкции на Соединетите Американски Држави против двете најголеми руски нафтени компании, Роснефт и Лукоил, објави Политико, пренесе бнр.бг.
Рафинеријата за нафта во Бургас, во сопственост на Лукоил, снабдува 80 отсто од горивото во земјата.
Според изданието, бугарската влада испратила барање до Вашингтон со цел да ја разбере можната реакција на американската администрација во случај на барање за ослободување од санкциите откако ќе стапат во сила на 21 ноември. Изданието се повикува на извори кои побарале анонимност.
Бугарските власти се загрижени за опасноста санкциите да доведат до затворање на рафинеријата во Бургас, што пак би можело да предизвика недостиг на гориво и последователни протести во земјата, коментира изданието.
Министерството за енергетика одби да даде коментар за Политико. Претседателската институција, исто така, не одговори.
Свет
Слаб одѕив на светските лидери за климатскиот самит во Бразил, САД без претставник
На климатскиот самит што следната недела ќе се одржи во бразилскиот град Белем, досега учество потврдиле 57 шефови на држави и влади, што е значително помал број во споредба со минатогодишниот COP29 во Азербејџан, на кој присуствуваа 75 лидери, јави Хина.
САД нема да испратат претставници поради повлекувањето од Парискиот договор, додека Кина ќе ја претставува потпретседателот Динг Сјуејсианг. Присуство потврдиле францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер, како и лидерите на Колумбија и Либерија.
Самитот, кој ќе се одржи на 6 и 7 ноември, е подготвителен настан пред конференцијата COP30 (10–21 ноември). Бразилскиот претседател Лула да Силва инсистираше конференцијата да се одржи во Амазонија, симболично нагласувајќи ја нејзината улога во борбата против климатските промени.
Организаторите наведуваат дека ограничениот хотелски капацитет и високите трошоци во Белем создаваат логистички предизвик за очекуваните 50.000 учесници.
Регион
Грција затвора 204 пошти
Грција затвора 204 филијали на државната пошта ЕЛТА, што претставува околу 45 проценти од вкупната мрежа. Компанијата го оправдува потегот со низок обем на работа и финансиски загуби, додека локалните жители и опозицијата жестоко реагираат.
Пензионерите од руралните средини, кои преку пошта ги примаат пензиите и лековите, предупредуваат дека ќе останат без основни услуги.
Во повеќе градови се одржуваат протести пред поштенските канцеларии, а клиентите ќе бидат пренасочени кон приватни курирски компании.
Поради растечкото незадоволство, во вторник е закажана вонредна седница на парламентот, на иницијатива на опозицијата.

