Македонија
Град Скопје го објави јавниот повик за субвенции за набавка на инвертери
Градот Скопје го објави јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима-уреди за затоплување за 2022 година, а граѓаните може да аплицираат онлајн.
На повикот може да аплицираат лица што набавиле инвертер клима-уреди почнувајќи од 1.1.2022 година и се жители на Град Скопје (општини Гази Баба, Аеродром, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај) и кои ги исполнуваат предвидените услови. Повикот ќе биде отворен до 1.11.2022 година или до денот на исцрпување на средствата. Јавниот повик ќе се реализира по редослед на аплицирање, односно по датум и време на аплицирање и по испратена потврда за предадена печка.
Согласно условите од јавниот повик граѓаните за да добијат субвенции за инвертери ќе треба доброволно и без надомест да ги предадат постојните печки на дрва, јаглен, нафта или мазут. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во нето износ не повеќе од 62.000 денари.
На јавниот повик немаат право на учество жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект со приклучок на градско централно греење без оглед на тоа дали го користат, како и лица кои претходно добиле субвенции за набавка на печки на пелети или инвертери.
Документацијата потребна за онлајн аплицирање e достапна на интернет-страницата на Град Скопје www.skopje.gov.mk , а аплицирањето се врши преку платформата – uslugi.skopje.gov.mk
Во буџетот на Град Скопје за 2022 година за оваа намена се предвидени 24 милиони денари.
Повеќе информации за јавниот повик на македонски јазик на линкот –
https://skopje.gov.mk/mk/apliciraj/subvencii/
Повеќе информации за јавниот повик на албански јазик на линкот –
https://skopje.gov.mk/sq/apliciraj/subvencii/
Аплицирајте на – uslugi.skopje.gov.mk
Овие субвенции се дел од мерките што Градот Скопје ги има предвидено во Планот за подобрување на квалитетот на воздухот и Акциониот план на Стратегијата за климатски промени на Градот. Согласно со многубројните истражувања за квалитетот на воздухот во Скопје најголемо учество во емисијата на ПМ10 и ПМ2,5 честичките има затоплувањето на домовите кои немаат централно греење. Ова се јавува, пред сè, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, лошиот квалитет на дрвото, начинот на неговото чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки. Инвертерите за затоплување се економични, еколошки, не користат фосилни горива, а истовремено се ефикасни при затоплувањето на домовите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла
Времето денеска, променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до -1, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно и претежно тивко. Претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 6 степени.
До понеделник ќе се задржи стабилно и претежно тивко време. Наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност. Во вторник се очекуваат локални врнежи од дожд.
Македонија
Без струја делови од скопски Аеродром, Сопиште, и Сарај
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска ( Четврок ) без електрична енергија ќе останат:
– од 08:00 – 09:00 часот, корисниците од бул.Јане Сандански бр.70 (Општина Аеродром )
– од 08:45 – 14:00 часот, дел од село Кондово, потрошувачите околу пругата и околу градинката. (општина Сарај)
– од 09:00 – 11:00 часот, корисниците од ул.14 Сопиште (Општина Сопиште )
– од 10:00 – 13:00 часот, корисниците пат за село Долно Лисиче после “Ливрам“ (Општина Аеродром).
Македонија
Намалена видливост поради магла на патот Неготино-Демир Капија
Намалена видливост поради магла до 100 метри има на патниот правец Неготино-Демир Капија, соопшти АМСМ.
За време на рехабилитација на државниот пат А2,секција од клучка Волково во должина од 250м во правец кон клучка Кондово поставена е сигнализација каде за сообраќај е затворена левата сообраќајна лента за претекнување. Сообраќајот се одвива по лентата за движење(средна) и лентата за принудно запирање(десна лента).
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Фото: депозитфотос

