Македонија
(Видео) Николов: Две години корона, две години хаос, сега пациентите пак се заглавија во здравствениот безизлез

И по две години целосно конфузност во здравството, најмногу жртви и несоодветно справување во периодот на пандемијата со корона, Владата предводена од СДСМ и ДУИ не се грижи за подобрување на состојбите во здравствениот систем. Единствена грижа е да се прави перцепција дека сè е во ред иако сме далеку од ред, изјави на денешната прес-конференција Игор Николов, претседател на комисија за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека пациентите деновиве се повторно заглавени во здравствена некоординација која наликува на хаос креиран од оваа хибридна Влада.
Николов прашува дали има насоки, има ли правец и правила? Има ли патеки на движење на пациентите како да стигнат до вистинската здравствена установа? Деновиве во Клинички центар „Мајка Тереза“ затворени се двата ургентни центра, и хируршкиот и интернистичкиот, а за пациентите нема одговор и нема јасни патеки на движење. Наместо јасни насоки за граѓаните каде да се обратат за здравствена услуга, секој мора да лута и на крајот решението најчесто да се обиде да го бара во приватното здравство, ако има пари.
„На Клиниката за токсикологија се бојадисува првиот, а затворено е приземјето и тоа е добро образложение зошто не треба да се примаат пациенти. Од неодамнешното со фанфари најавувано реновирање на Инфективна клиника, излезе дека само се бојадисувале собите и се инсталирале нови противпожарни апарати. Наместо ветуваниот нов клинички центар, сведоци сме само на еден вид импровизирани објекти кои повеќе наликуваат на зарзаватчилници, коишто ниту новиот министер не смее да помисли да ги елиминира од паркот на кампусот „Мајка Тереза“. Низ кампусот клиники „Мајка Тереза“ никнуваат трафики, а за истите никој нема ингеренции во рамките на кампус, а овие клиники даваат услуги на граѓаните речиси од цела Македонија”, изјави Николов.
Тој ги повика граѓаните на 18 јуни во 20 часот пред Владата на Република Македонија да се стави крај на оваа неспособност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Во потрага по храна, мечка се качи на тераса од семејна куќа во Тетовско

Мечка се качила на тераса од семејна куќа во тетовското село Отуње.
Членовите на семејството биле во внатрешноста на куќата, па со мобилен телефон ја снимиле мечката качена на маса каде имало оставено храна, пишува „Тетово инфо“.
Според објавеното и во другите блиски села како Сетоле и Једоарце летово биле забележани слични примери на камери за видеонадзор.
„Мечките во потрага по храна, се движат низ селото, уништуваат сандаци со пчели и слично“.
Македонија
ОЈО со детали за големата акција: 13 лица под истрага за даночно затајување, перење пари и даночна измама, тргувале со горива

Денешната акција спроведена на повеќе локации низ државата е резултат на двегодишна предистражна постапка што ја водеше Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во тесна соработка со Управата за финансиска полиција, соопшти обвинителството.
Постапувајќи по кривичната пријава, надлежен обвинител од ОЈО ГОКК донел Наредба за спроведување на истражна постапка против 13 лица, меѓу кои се и четворица косовски државјани и една државјанка на Република Хрватска.
Осомничените се товарaт дека од 2014 до 2023 година организирале и учествувале во криминална група со цел стекнување противправна имотна корист преку даночно затајување, даночна измама и перење пари со што осомничените го оштетиле Буџетот на државата во големи размери. Групата креирала мрежа од правни субјекти преку кои се вршела продажба и фиктивна трговија со нафтени деривати, се изготвувале фактури со невистинита содржина, со цел да се избегне плаќањето на даночни обврски и да се оствари незаконски поврат на ДДВ. Преку правни лица што не поседуваат дозволи за трговија со нафтени деривати се вршела набавка, транспорт и продажба на Еуросупер, Еуродизел и Екстралесно гориво, со намера да избегнат целосно или делумно плаќање на законски предвидените даночни обврски. Продажбата во поголем број случаи се одвивала без издавање на фискални сметки и фактури, а средствата прибрани во готово не биле евидентирани во сметководствената документација. Осомничените странски државјани, кои формално биле назначени за одговорни лица во повеќе осомничени правни субјекти, немале регулиран престој во земјава, што организаторите на групата го користеле како начин за прикривање на нивната поврзаност со криминалното дејствување.
Воедно, организаторите на групата, од продадените нафтени деривати во готово пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на паричните средства со намера да го прикријат нивното движење, со што се стекнале со противправна имотна корист во големи размери, а за која знаеле дека е прибавена со кривичното дело Даночно затајување, при што сториле и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело.
Јавниот обвинител ценејќи дека се исполнети условите до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерка притвор за сите осомничени. До сега се обезбедени седум лица за кои е прифатен предлогот на обвинителството и судот со Решение им определи мерка притвор во траење од 30 дена, за останатите – петмината странски државјани и еден македонски државјанин мерката притвор ќе биде определена во отсуство.
Македонија
Муцунски-Јан Копман: разменети мислења за спроведувањето на реформската агенда, во фокусот и иницијативата „Роаминг како дома со ЕУ“

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес и утре престојува во работна посета на Брисел, Кралството Белгија. Во рамки на посетата, денеска оствари средба со генералниот директор на Директоратот на Европската комисија за проширување и источно соседство, Герт Јан Копман.
На средбата беа разменети мислења за спроведувањето на реформската агенда, посветеноста на Владата да испорачува видливи резултати од реформските процеси, како и за Планот за раст како дел од пошироката европска поддршка за регионот. Муцунски нагласи дека Владата во изминатата година демонстрираше сериозна посветеност во исполнувањето на обврските од реформската агенда, постигнувајќи значителен напредок, особено во областите на дигитализацијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата, при што истакна дека овие приоритети остануваат во фокусот на Владата и во наредниот период.
Се разговараше и за регионалната соработка, при што беше нагласена активната улога и придонесот на Република Северна Македонија во рамките на регионалните иницијативи, како и кон стабилноста и безбедноста на целиот регион.
Соговорниците се осврнаа и на актуелните геополитички и безбедносни предизвици во Европа. Во таа насока беше потенцирана важноста од продолжување на поддршката за Украина и потребата од заеднички, координиран пристап во справувањето со последиците од руската агресија.
Во фокусот на разговорот беше и иницијативата „Роаминг како дома со ЕУ“, насочена кон постепено укинување на трошоците за роаминг помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија. Одлуката за оваа иницијатива се очекува да биде донесена на почетокот на следната година.
Муцунски уште еднаш ја потврди цврстата посветеност на Република Северна Македонија кон процесот на европска интеграција како еден од стратешките приоритети во надворешната политика. Тој ја истакна и целосната усогласеност на државата со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и значењето на стратешкото партнерство со Европската Унија во областа на безбедноста и одбраната.