Македонија
Маричиќ-Радман: Ќе биде штета ЕУ да не ја искористи оваа историска шанса за почеток на преговорите

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денес имаше средба со министерот за надворешни и европски работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман.
Вицепремиерот Маричиќ и министерот Радман разговараа актуелните политички случувања и иднината на регионот и потврдија дека секое одолговлекување на интеграцијата на регионот во ЕУ отвора можност Западен Балкан да се насочи во друг правец.
„За нас е клучно што сме видливи од страна на ЕУ во спроведувањето на реформската агенда и што продолжуваме да управуваме со процесите. Од интерес е и на ЕУ отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија, што ќе се даде поттик и на другите земји од Западен Балкан да останат фокусирани на европските реформи за постигнување на демократските стандарди. Штета ќе биде ЕУ да не ја искористи оваа историска шанса“, рече Маричиќ на средбата.
Притоа, вицепремиерот Маричиќ истакна дека европските реформи и имплементацијата на европските стандарди во земјава продолжува со цел да им се овозможи подобар живот на граѓаните.
Маричиќ се заблагодари на Шефот на хрватската дипломатија, Радман, што Хрватска покажува европско лидерство и што дава целосна поддршка за напредок во проширувањето на ЕУ и нашите евроинтеграции.
„Хрватска е наш искрен пријател и партнер со кој имаме традиционално добра соработка, која уште повеќе ќе ја зајакнеме во процесот на преговарање, бидејќи хрватското искуство за нас ќе биде од голема корист“, истакна Маричиќ.
На средбата соговорниците разговараа за отворање нови можности за зајакнување на соработката во спроведувањето на европските програми, како и Интеррег програмата за транснационална соработка кои се финансираат од ИПА-фондовите на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
32-годишен скопјанец осомничен за разбојништво во Бучимци: маскиран и со ловечки нож ограбил соселанец

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци. Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари.
Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни.
Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на граничните премини Табановце и Богородица

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП „Табановце“ времето на чекање за влез е околу 20 минути, за излез е околу 40 минути.
На ГП „Богородица“ времето на чекање за излез знесува околу 20 минути, додека на останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
Македонија
Вицепремиерот Николоски во Будимпешта на прослава на Националниот ден на Унгарија

Вицепремиерот Александар Николоски на покана на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, присуствува на Националниот ден кој се слави во чест на Свети Стефан основачот на унгарската држава и христијанството во Унгарија.
Покрај учеството на прославата на националниот ден, предвидени се повеќе средби со високи претставници на владата на Унгарија, неколку министри и потенцијални инвестиции. На средбите е предвидено да се разговара за динамиката на проектите во Македонија како и за идната засилена економска соработка помеѓу двете држави.
Посетата на вицепремиерот е уште една потврда за одличното пријателство и соработката помеѓу Македонија и Унгарија, се додава во соопштението на Министерството за транспорт.