Македонија
(Видео) Ковачевски: Поддршката на информатичкиот сектор ќе продолжи
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, присуствуваше на свеченото доделување на дипломи на студентите за завршени дипломски и магистерски студии на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Тој посочи дека во изминатите 11 години, од формирањето на ФИНКИ, во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, факултетот бележи само растечки тренд и растечки интерес за упис на нови студенти.
Премиерот ја искористи денешната пригода да ги поздрави и да им честита и на студентите, кои ги земаат дипломите на сите други факултети.
„Сакам да нагласам дека тоа се должи и на фактот што ФИНКИ ја прифати и сесрдно ја поддржа Националната стратегија за интензивирање на студиите по технички науки во насока на задоволување на потребите на економијата базирана на знаење и потребата на растечката информатичка и компјутерска индустрија која е двигател на растот на економијата“, додаде Ковачевски.
Тој упати пофални зборови кон професорите на овој факултет, благодарејќи на кои годинава запишувањето во средните училишта е целосно дигитализирано и над 97 проценти од идните средношколци се запишале преку платформата обезбедена токму од кадарот на ФИНКИ.
Новина идната година е и надградениот софтвер, со кој управуваат наставниците од средно образование преку кој интерактивно комуницираат со родителите на учениците.
Ковачевски подвлекувајќи ја отвореноста на Владата за практична примена на знаењата на експертите од оваа област упати покана за вклучување во претстојниот Хакатон ( hackathon) кој тематски ќе треба да ги поддржи со идејно решение за апликација актуелните активности за измените на тарифните модели за електрична енергија, преку која граѓаните ќе имаат увид за трошење на електричната енергија, со што ќе им се помогне за рационално трошење и штедење на електричната енергија.
Тој најави дека од денеска вработените од неговиот кабинет се отворени за контакт и соработка со факултетот за сите прашања околу апликацијата.
Ковачевски истакна дека поддршката на информатичкиот сектор ќе продолжи со дополнителни владини мерки како дополнителен стимул за младите уште повеќе да се насочат кон оваа индустрија, која од ден во ден отвора сè повеќе работни места.
Во оваа насока тој спомена дека тој ја користи секоја пригода да ги мотивира инвеститорите да го искористат потенцијалот на земјата во информатичката технологија, како составен дел од развојот на зелената економија, дигитализацијата, иновациите и новите технологии, човечкиот капитал и развојот на инфраструктурата.
„Затоа преку Фондот за иновации и технолошки развој Владата поддржа над 780 проекти со инвестиција од околу 87 милиони евра. Од овие 780 проекти 392 се старт-ап компании претежно основани од млади луѓе кои со својата иновативност и креативност ги надминуваат предизвиците од минатото и сегашноста се создаваат промени за подобро утре“, рече Ковачевски подвлекувајќи дека со тоа младите луѓе учествуваат во развојот на македонската економија и придонесувајќи за подобар животен стандард на сите граѓани.
Ковачевски додаде дека Владата ја препознава важноста на условите за работа и учење на студентите и ќе се заложи за доизградба на зградата на ФИНКИ.
Грижата за овие кадри, додаде Ковачевски е нашата држава да обезбеди услови и наместо да извезува квалитетни кадри, да започне да извезува готови и иновативни продукти, развиени на ова поднебје, како резултат на вашето образование стекнато тука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Судот го потврди пуштањето на Јанева, сценариото на ДПМНЕ се реализира
Денеска Кривичниот суд и официјално потврди дека на Катица Јанева ѝ е одобрен условен отпуст од затвор, велат од СДСМ.
„Отпустот започнува од 21.12.2025 година и трае до 21.08.2026 година. Од вкупната затворска казна од 7 години, дозволен е условен отпуст од 8 месеци.
Овие факти и периодот токму сега и до летото наредна година, во целост го потврдува сценарио од стратегијата на ДПМНЕ кое целосно го разоткивме.
Зошто сега?
Затоа што темата со мигрантите за пари стана национална тема, корупциските скандали за наместени тендери покажуваат како се крадат 14,5 милиони евра преку 161 тендер, затоа што кога нема пари во буџетот за плати и пензии а граѓаните тоа го чувствуваат секој ден.
Затоа што сега и гори на власта под нозе“.
Нивното сценарио, додаваат од партијата, е до изборите кои ги планираат наредната година.
„Јанева треба да биде искористена како алатка на ДПМНЕ во нивната црна кампања и во нападите врз СДСМ.
Кривичните пријави и политичкиот прогон, лажните вести и манипулациите, нападите врз медиумите и спроведувањето на српското сценарио во Македонија веќе не се доволни. Власта ја губи контролата и затоа мора да ги засилува нападите.
Како? По добро познати српски рецепти.
Исто како случајот со Дијана Хркаловиќ во Србија. Копи-пејст медиумска стратегија, со истите методи, истите наративи и истата цел: дефокус од суштинските проблеми и напад врз опозицијата“.
СДСМ, како што истакнуваат, јасно порачува: „Нема да ви помине Катица. Нема да ви поминат мигрантите за пари. Нема да ви помине ниту едно сценарио за манипулација и дефокус. Народот ви подготвува крај“.
Македонија
Стојкоски: Стоп за дезинформации и паника, во општина Ѓорче Петров нема, ниту ќе има мигрантски кампови
Стоп за дезинформации и паника. Советот на Општина Ѓорче Петров јасно и недвосмислено ја отфрла секоја лага и манипулација поврзана со наводно прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови, напиша на социјалните мрежи Александар Стојкоски, градоначалник на општината Ѓорче Петров.
„Во нашата општина нема, ниту било побарано, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови или трајно сместување мигранти.
Свесното ширење дезинформации создава страв, несигурност и ја нарушува стабилноста и соживотот во локалната заедница. Тоа не е политика – тоа е неодговорност“.
Стоиме цврсто во заштита на безбедноста, јавниот ред, меѓуетничката стабилност и мирниот живот на нашите граѓани, порачува Стојкоски.
Ги повика сите политички чинители на одговорен јавен говор и почитување на фактите.
„Мнозинството во Советот предводено од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија ги усвои следните заклучоци:
Нема мигрантски кампови во општината;
Не е побарано ниту не е договорено прифаќање мигранти;
Ннема да биде дозволено трајно сместување мигранти;
Заклучоци:
Се осудуваат лажните информации и политичките манипулации
Се констатира дека дезинформациите создаваат паника и несигурност
Се потврдува јасна политика против нелегалната миграција
Се дава поддршка на мерките на Владата за безбедност и стабилност
Се штитат меѓуетничките односи, мирот и соживотот.
Општината останува цврсто посветена на безбедноста и мирниот живот на граѓаните“.
Македонија
Тошковски: МВР успешно го заокружи проектот со ОБСЕ за хибридно образование
Министерството за внатрешни работи денес официјално го одбележа завршувањето на проектот „Градење на хибриден образовен систем во Министерството за внатрешни работи на Македонија“, со кој се поставуваат темелите на современ, одржлив и технолошки напреден систем за полициска обука.
Проектот, реализиран во партнерство со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и со финансиска поддршка од Сојузна Република Германија, Кралството Норвешка и дополнителни придонеси од Финска, во изминатите години овозможи суштинска трансформација на начинот на стручно усовршување и професионален развој во рамки на Министерството.
Во рамки на проектот беше воспоставен модерен хибриден модел на образование кој комбинира дигитални алатки, современи дидактички методи и долгорочен пристап „обука на обучувачи“. Развиена е програма за хибридна обука, селектирани и обучени се национални обучувачи со високи дигитални и педагошки компетенции, воспоставен е Мултимедијален центар за обука во Тренинг центарот во Идризово, како и Систем за управување со учење (LMS) кој овозможува флексибилна и квалитетна едукација.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обраќајќи се на завршниот настан, истакна дека овие резултати претставуваат јасен показател за институционална зрелост и определба за континуирано вложување во знаење и професионализација на полициската служба. Тој нагласи дека воспоставените капацитети отвораат можности за понатамошна соработка со меѓународните партнери и за активно вклучување во регионалните образовни мрежи, вклучително и Регионалната асоцијација на полициски академии и центри за обука од Југоисточна Европа.
Министерството за внатрешни работи упати благодарност до Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и до меѓународните партнери за континуираната поддршка, нагласувајќи дека со овој проект не се става крај, туку се отвора ново поглавје во кое хибридното образование станува составен дел од секојдневното функционирање на Министерството и важна алатка за подготовка на полицијата за идните безбедносни предизвици.

