Свет
Семејствата на Американците заробени во Украина: „Не сме се слушнале со нив со денови, исчезнаа“
Семејствата на двајцата поранешни војници од Алабама кои се бореле во Украина велат дека со денови немаат слушнато за нив.
Александар Друек (39) и Енди Хујн (27) биле заробени за време на жестока битка во близина на Харков минатата недела, велат нивните соборци. Друке и Хујн служеле како доброволци во редовната единица на украинската армија.
Американскиот пратеник Роберт Адерхолт изјави дека Хујн доброволно се пријавил да се бори во Украина и дека неговото семејство нема информации за него од 8 јуни, кога тој бил во регионот Харков, во близина на руската граница. Хујн и Друке наводно биле заедно во тоа време.
Адвокатката Тери Севел рече дека мајката на Друке стапила во контакт со нејзината канцеларија претходно оваа недела, откако изгубила контакт со нејзиниот син, пишува „Гардијан“.
Американските власти соопштија дека ги истражуваат извештаите дека сепаратистичките сили во Украина заробиле најмалку двајца американски државјани. Ако тоа се покаже дека е вистина, тоа ќе бидат првите Американци заробени од Русите од почетокот на инвазијата на 24 февруари.
Џон Кирби, портпарол на Белата куќа за национална безбедност, денеска изјави дека засега не може да ги потврди извештаите за исчезнати Американци. Тој повтори дека не е безбедно за американските граѓани да одат во Украина.
„Украина не е безбедно место за Американците. Ако сакате да ја поддржите Украина, има многу други начини да го направите тоа, кои се побезбедни и подеднакво ефективни“, рече Кирби.
Фаќањето на двајца Американци во Украина, пишува „Телеграф“, ќе биде дипломатски чувствително бидејќи Кремљ би можел да се обиде да го искористи настанот како доказ дека Америка е директно вклучена во војната. Владимир Путин, рускиот претседател, најверојатно ќе бара големи отстапки за нивно ослободување.
Еден соборец на двајцата заробени Американци, кој разговараше за „Телеграф“ под услов да остане анонимен, рече дека тие биле заробени откако налетале на голема руска единица минатиот четврток.
„Бевме на мисија и целата работа одеднаш стана целосно луда. Имавме неточни информации. Ни кажаа дека градот е чист, а се покажа дека Русите веќе го напаѓаат“, рече тој.
„Тие дојдоа по пат со два тенкови Т-72 и повеќе оклопни возила и околу 100 војници. Се што имавме таму беше нашата единица од околу 10 луѓе“, додаде тој.
„Зазедовме одбранбена позиција, а Друке и Хујнх истрелаа ракета кон руското возило и го уништија. Ова, за жал, го привлече вниманието на еден од руските тенкови, кој испука истрел во нивна насока“, изјави соборецот на заробените Американци.
Набргу потоа, тенкот бил онеспособен од противтенковска мина оставена од украинските борци на патот. Но, двајцата Американци потоа исчезнале и се верува дека биле заробени од руски војници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Напнатост меѓу Киев и Будимпешта по изјавите за мешање во изборите
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало Антал Хајзер, унгарскиот амбасадор во Киев, на разговор поради недамнешните изјави на високи унгарски политичари, меѓу кои и премиерот Виктор Орбан, за наводно украинско мешање во претстојните парламентарни избори во Унгарија.
Министерството упатило протест до унгарскиот амбасадор, негирајќи дека Украина се меша во унгарските избори. Притоа нагласило дека Киев решително се спротивставува на „секој обид на унгарската страна да ја вовлече Украина во унгарската изборна кампања“, оценувајќи дека таквите постапки му штетат на развојот на билатералните односи.
Украинското Министерство за надворешни работи ја повикало Унгарија „да престане со својата агресивна реторика против Украина“ со цел да се избегнат понатамошни негативни последици за билатералните односи. Воедно било наведено дека Украина и понатаму е подготвена за конструктивна соработка со Унгарија.
Во соопштението се повторени и повиците до Будимпешта да престане да ги блокира преговорите за пристапување на Украина во Европска унија, со образложение дека членството на Украина би било во интерес и на двата народа, како и на унгарското малцинство во Украина.
Свет
(Видео) Мелони од хеликоптер го обиколи Нишеми, градот на Сицилија што го голта свлечиште
Италијанската премиерка, Џорџа Мелони, денес го посети сицилијанскиот град Нишеми, каде што по големо свлечиште десетици куќи се наоѓаат на работ од провалија, јави Анадолу.
Поради постепеното уривање на ридот, повеќе од 1.500 луѓе се евакуирани. Свлечиштето започнало во неделата навечер и продолжило да се шири и во понеделникот.
Шефот на цивилната заштита, Фабио Чичилијано, изјави дека куќите на работ од свлечиштето се ненаселиви и дека жителите ќе бидат преселени.
Мелони го прелетала погоденото подрачје со хеликоптер, по што се сретнала со локалните власти за проценка на состојбата.
Италијанската влада прогласи вонредна состојба за Сицилија, Сардинија и Калабрија, региони тешко погодени од силни бури. За итни потреби се издвоени околу 100 милиони евра, додека локалните власти ја проценуваат штетата на повеќе од две милијарди евра.
Регион
Италија ги истражува „викенд-снајперистите“, Сараево се приклучува на постапката
Градскиот совет на Сараево денес даде согласност Градот да се приклучи кон кривичната постапка што во Милано се води против лица осомничени за снајперско дејствување врз цивили за време на војната. Одлуката е донесена откога италијанското обвинителство покрена истрага за таканаречените „викенд-снајперисти“, кои наводно плаќале за да пукаат врз цивили во опколениот град, пренесе Радио Слободна Европа.
Италијанските медиуми на почетокот на ноември минатата година објавија дека обвинителството во Милано покренало истрага врз основа на пријава од писателот и новинар Ецио Гавацени. Според неговата пријава, странци плаќале големи суми пари за со снајпер да убиваат граѓани.
Гавацени, по неколку обиди на Радио Слободна Европа да добие изјава, индиректно порача дека не сака јавно да истапува. Во меѓувреме, во Милано одржал прес-конференција на која најавил дека во февруари ќе објави книга за „снајперското сафари“.
Првите наводи за доаѓање странци на боиштето, како што вели, ги видел уште во 1995 година во текст на весникот Кориере дела Сера, по што почнал да пишува трилер на таа тема. Но, набрзо се откажал бидејќи сфатил дека знае премалку. На идејата повторно се вратил дури во 2022 година, поттикнат од документарниот филм Сараево сафари на словенечкиот режисер Миран Жупанич.
Се очекува обвинителството во Милано јавноста да ја информира за резултатите од истрагата во март оваа година. Доколку биде подигнато обвинение и се докаже вината на осомничените, тоа ќе биде прв случај во Европа некој пред суд да одговара за снајперски убиства на цивили во Сараево.
Додека се чека исходот од истрагата во Италија, и правосудството на Босна и Херцеговина ги проверува наводите, но до денес ниту еден снајперист не е процесиран за убиствата на цивили, а особено на деца, во Сараево.
За време на војната од 1992 до крајот на 1995 година, странски новинари и фоторепортери повремено престојувале на позициите на српските сили околу градот. Радио Слободна Европа контактирала некои од нив, но никој не можел да потврди дека лично видел странец кој платил за да пука врз градот.
За време на речиси четиригодишната опсада на Сараево, според податоците на здруженијата на жртви и пресудите на меѓународните судови, секое десетто дете убиено во градот загинало од снајперски истрел. Ранети се повеќе од 14.000 деца.
И покрај тоа, ниту еден снајперист до денес не одговарал по лична одговорност, ниту пред домашните, ниту пред меѓународните судови. Хашкиот суд во пресудите против највисоките функционери на Република Српска заклучи дека снајперската кампања имала една цел – „тероризирање на цивилите во Сараево“.

