Македонија
Пендаровски: Ние во Скопје немаме видено француски предлог

Ние во Скопје немаме видено француски предлог, изјави претседателот Стево Пендаровски во рамки на заедничката конференција со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во Охрид.
Претседателот рече дека разговори меѓу Софија и Скопје на ниво на Министерствата за надворешни работи се случуваат со месеци.
„Дали има или не францускиот предлог е интерна работа на ЕУ бидејќи во овој момент станува збор за преговори што тие ги прават меѓу себе, во функција на подготовки за заклучоците за 23 јуни на самитот што Франција како претседавач е должна да ги поднесе на усогласување до сите земји членки. Ние во Скопје тука немаме видено француски предлог“, рече Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање.
Тој не сакаше да ги коментира случувањата на политичката сцена во Бугарија, бидејќи тоа, како што рече, е внатрешна работа на Софија.
Утрово, бугарската новинска агенција БГНЕС објави дека бугарскиот премиер Кирил Петков до Народното собрание ќе го испрати францускиот предлог за укинување на ветото на Северна Македонија за почеток на преговорите за членство во Европската Унија. Ова го споделил самиот Петков пред своите најблиски соработници.
Како што пренесува бугарската новинска агенција, Петков се пофалил дека „детално е запознаен со шемата како ќе се случи сето ова“.
„В четврток, на 16 јуни, официјално ќе биде испратен до сите земји членки на ЕУ, а јас лично утре го испраќам до парламентот“. Ова биле токму зборовите со кои се пофалил и дека „Лично Емануел Макрон и Олаф Шолц стојат цврсто зад мене“, напиша БГНЕС.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Одобрено обвинението против сопственикот на фирмата за обезбедување на „Пулс“

Кривичниот суд информира дека е одобрено и второто обвинение за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, со што предметот преминува во судска постапка. Станува збор за обвинението против реалниот сопственик на фирмата за обезбедување на дискотеката.
„Обвинителниот акт беше поднесен на 4 – ти септември од страна на обвинителниот тим кој постапува по истрагата за пожарот, а се однесува против едно лице – А.Н. кој е осомничен за кривичното дело од чл. 292 ст.2 в.в. со чл. 288 ст.3 в.в. со ст. 2 в.в. со чл. 22 од КЗ, а согласно соопштението на Јавниот обвинител, истиот се јавува како одговорно лице – реален сопственик на обвинетото правно лице Друштво за обезбедување на имот и лица РУБИКОН СЕКЈУРИТИ СОЛУШН увоз-извоз ДООЕЛ Скопје“, соопшти Судот.
Согласно одобрениот акт, формиран е кривично правен предмет кој согласно АКМИС – системот е веќе распределен кај судија Биљана Смаќовска на понатамошно постапување.
Македонија
Мециновиќ: Oчекуваме влез во втор круг за Град Скопје

Kандидатот за градоначалник на Град Скопје, Амар Мециновиќ од Левица, на последната прес – конференција од првиот круг за локалните избори вели дека очекува влез во вториот круг.
„Очекуваме дека има реални шанси да влеземе во вториот круг и да се натпреваруваме за престолнината за град Скопје. А јас повторно ќе нагласам дека мојата мотивација за влез во оваа трка беше затоа што токму во овој Совет кој беше крајно дисфункционален и деструктивен по своите граѓани, а бев член на тој совет пред да станам пратеник и од таа побуда од побудата за подобрување на условите во Скопје, знаејќи како се однесувал досега Советот и градските власти, сметаме дека, навистина, нешто може да тргне во позитивна насока”, рече Мециновиќ.
Тој ги потенцираше клучните заложби за оваа кампања.
„Број еден и најбитен приоритет за нас во идниот мандат би бил јавниот превоз. Клучно прашање е прашањето на зачување на животната средина, а тука е и борбата со загадувањето на воздухот. Како што сум нагласил повеќепати, досега градските власти само ги третирале симптомите, не изворите на загадувањето. Изворите на загадувањето се од различна природа. Тоа е буквално од прашината која не се чисти од нашите улици, од инспекциските служби кои не можат да ја вршат својата работа на вистински начин и крајно – и преку давање на еден вистински модел на јавен превоз кој ќе им дозволи на скопјани да бараат алтернатива покрај личните возила како што се автомобилите“, додаде кандидатот на Левица за Град Скопје.
Мециновиќ кажа дека нема да дозволи приватизација на ниеден капацитет на град Скопје, на ниедна педа на град Скопје.
„Напротив, ние сметаме дека тие капацитети треба да се окрупнуваат и мислам дека цела оваа порака добро резонира со граѓаните на град Скопје, затоа што ние сме сведоци дека во изминатите неколку децении дел по дел, кришка по кришка, градските капацитети се намалуваат и град Скопје е сè повеќе и повеќе зависен од волјата на централната власт”, рече Амар Мециновиќ во однос на јакнењето на капацитетите на јавните претпријатија.
Македонија
Лабудовиќ: Центарци знаат што сакаат, време е за промени

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, на последниот ден од кампањата им се обрати на своите сограѓани, упатувајќи повик за излезност и избор на промени во недела.
„Ви се обраќам со срце исполнето со благодарност, одговорност и верба дека Центар може повторно да блесне,“ истакна Лабудовиќ.
„Ова не е само повик за избори – ова е повик за промена, надеж и иднина што ќе ја создадеме заедно. Центар не е само општина – тоа е нашето срце. Стојам пред вас со јасна визија за тоа во каква општина сакаме да живееме. Јас сум човек кој сака да направи промена – со знаење, тим и искреност. Не ветувам невозможни работи. Ветувам посветеност, план и резултати. Ветувам дека секој проект, секоја идеја и секоја промена ќе има една цел – подобар живот за сите нас“, нагласи Лабудовиќ.
Тој потсети дека програмата е создадена со една јасна мисла – да се изгради Центар што е почист, поуреден, позелен и похуман. „Да создадеме општина што дише, што се грижи, што инспирира,“ додаде тој.
„Ова не е само моја визија – ова е наша заедничка задача. Верувам во заедништвото. Верувам во секој од вас што верува дека Центар може подобро. Затоа, ве повикувам: Излезете и гласајте за нова енергија, за чесност, за визија што се гледа во дела. На гласачкото ливче заокружете број 2 – за Центар што заслужува луѓе со срце, визија и дело. За Центар што повторно ќе блесне.“ порача Лабудовиќ.