Македонија
Од БГНЕС тврдат дека имале увид во францускиот документ: „Петков ги погази бугарските услови“
Советот на Европската Унија договори финален документ кој содржи рамка за преговори за пристапување на С Македонија во ЕУ, како и декларација за отворање на првата меѓувладина конференција со Скопје, пренесе бугарската агенција БГНЕС.
Од документот до кој дошла агенцијата, како што велат од таму, јасно се гледа дека ништо од досегашната официјална бугарска позиција не фигурира во предлог-одлуката на Европскиот совет за почеток на преговори со С Македонија.
„Ниту еден од бугарските услови наведени во Рамковната позиција од 2019 година не се појавува во предлог-одлуката на Европскиот совет за почеток на преговори со С Македонија за членство во ЕУ. Единствено условот, кој не е дел од Рамковната позиција и кој е објавен во 2021 година, за вклучување на Бугарите во Уставот на С Македонија, се гледа во заедничкиот став на Советот“, пишува агенцијата.

Според БГНЕС, сите други услови, особено оние кои се однесуваат на објективизација на заедничката историја и како што велат, говорот на омраза во учебниците и медиумите, рехабилитацијата на жртвите на комунистичкиот режим врз граѓаните со бугарски идентитет, воопшто не фигурираат во предлог-одлуката.
„Не се предвидува ниту еден од бугарските услови во самата преговарачка рамка, а оттука и нема гаранции за спроведување на преземените обврски од страна на Скопје“, посочуваат од бугарската агенција.
Предлог-одлуката се однесува на два дополнителни билатерални документа, чија содржина засега не е позната, објави БГНЕС.
„Едниот е веројатно поопшт документ наречен протокол, кој преклопува некои од точките што Кирил Петков му ги опиша на пратеникот на ‘Има таков народ’ (ИТН), Балабанов. Без оглед на неговата специфична содржина, гаранциите за имплементација на овој протокол не се предвидени во самата преговарачка рамка, како што сведочи предлог-одлуката на Советот“, наведува бугарската агенција.
Се додава дека другиот билатерален документ, што најверојатно ќе биде објавен, се однесува на формулацијата на македонскиот јазик, што значи и негово де факто признавање.
„Во документот се наведува дека Бугарија и С Македонија ќе дадат еднострани декларации за македонскиот јазик, а самите декларации ќе бидат приложени кон записникот од првата меѓувладина конференција“, се посочува во текстот.
Како што вчера објави БГНЕС, Франција најави дека ќе достави формален предлог до сите земји-членки за укинување на ветото за Северна Македонија, а потоа бугарскиот премиер Кирил Петков ќе го испрати францускиот предлог до Народното собрание.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.
Македонија
„Сè беше легално и со дозволи“: како Македонија учествувала во проектот со мозоци што беше споменат во документите за Епстин
Македонија била вклучена во меѓународен научен проект кој се споменува во документите поврзани со починатиот американски милијардер Џефри Епстин,пишува Дојче веле.
Станува збор за проект во кој американски научници поврзани со Универзитетот „Колумбија“ создале голема банка од човечки мозоци наменета за истражување на самоубиства, шизофренија и други психијатриски нарушувања. Во документите се споменува и Македонија како една од земјите што придонеле со примероци.
Поранешниот директор на Институтот за судска медицина во Скопје, професорот Алексеј Дума, за ДВ објаснува дека Македонија учествувала со ограничен број примероци и дека сè било спроведено според закон, а секој примерок морал да има одобрение од македонскиот и американскиот Етички комитет.
„Примероците најлегално патуваа со авион, поминуваа царина и за нив имаше целосна документација. Без дозвола — примерок не можеше да влезе во САД“, вели Дума и ја отфрла можоста за профит од целата постапка.
Тој појаснува дека од Македонија биле испраќани околу 10 до 15 примероци годишно, и дека бројката од околу 1.000 мозоци се однесува на целата меѓународна колекција, а не на македонските примероци.
Проектот, според Дума, донел значајни научни резултати, нови сознанија за поврзаноста меѓу шизофренијата и самоубиствата, како и опрема, лаборатории и можности за докторски студии за македонски научници.

