Македонија
Опозицијата вечерва на протест, Владата утре на координација

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ за вечерва најави антивладин протест во Скопје, на кој повторно ќе биде упатена пораката за предвремени парламентарни избори, додека владината коалиција утре ќе се состане за да ги потврди ставовите дека редовни избори ќе се одржат за две години.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски повика на масовен протест во 20 часот со цел, како што рече, обединување против лошата власт која ги загорчува животите на илјадници луѓе.
„Кога државата се соочува со предизвици, удари, со понижувања, со сиромаштија, одрекувања и порекнувања ВМРО-ДПМНЕ природно и разбирливо е предводник на знамето кое обединува, и тоа е обврската која јас ја прифаќам со чест и со целото мое срце. И ако праша некој зошто? Затоа што ВМРО-ДПМНЕ и јас нема да молчиме кога народот страда, кога чувствува несигурност, гнев и трпи понижувања. Тоа се работите кои без малку ги чувствува секој еден човек без разлика на верата и нацијата. Нема да молчиме бидејќи сега треба да бидеме гласни. И ние таа битка ќе ја водиме. И за таа цел вратите на народот се широко отворени. ВМРО-ДПМНЕ е партија на народот, но и главната сила која во периодот што следи ќе ги предводи промените“, вели Мицкоски.
Toj синоќа на социјалните мрежи објави дел од подготовките за вечерашниот протест.
„Дел од подготовките за големиот масовен собир. Осветлено Скопското Кале. Скопје пулсира. Протест за промени! Затоа што навистина премногу е. Се гледаме Македонијо…Пред Влада, 20 часот!“, напиша Мицкоски.
Од друга страна, премиерот Димитар Ковачевски најави дека в недела ќе има средба на коалициските партнери кои се дел од Парламентот и од Владата, на која меѓудругото ќе се реафирмира ставот за одржување редовни избори во 2024 година заедно со претседателските.
На таа средба, вели Ковачевски, секој ќе го каже своето мислење, а целта е да се направи рекапитуалција на се тоа што беше направено во однос на справување со кризата во изминатите месеци од формирањето на новата Влада.
Додаде оти ќе се осврнат и на важноста на водењето севкупни политики во државата во насока на задржување на стандардот на населението и унапредување на системот на Република Македонија и усогласување со системот на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Карпош и Сарај денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од ул. Пелистерска 4-1/8. (општина Карпош)
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од улиците бр. 3 и бр. 5 како и околните објекти во нивна близина во Сарај.(општина Сарај)
Македонија
Без вода дел од Центар

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на улицата Димитрие Чуповски бр.10 без вода ќе останат корисниците од улицата Никола Вапцаров лоцирани на потегот од Министерство за правда до Плоштад Македонија, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 08.00 часот па се до отстранување на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен северен ветер (локално над 60 km/h), а температурата ќе се задржи под просекот за овој период од годината. Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со пораст на дневната температура.