Македонија
Почна протестот на ВМРО-ДПМНЕ, од партијата порачаа потребни се промени и предвремени избори
Под мотото „Премногу е“, симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ од повеќе градови од државата пристигнаа во Скопје на антивладиниот протест.
На протестот ќе се обрати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.



Пред почетокот на протестот се одржа Отворено студио пред Владата, каде стана збор за надворешната, внатрешната политика, образованието и економијата.
„Она што се случува е заокружување на една авантура во која оваа власт влезе пред пет години со промената на името на државата и го отвори процесот на нејзиното обезличување така што ова е едно крешчендо што се случува во односите со Бугарија. Односно заокружување на еден процес кој почна со преспанскиот договор а треба да се заврши со договорот за добрососедство со Бугарија“ истакна поранешниот амбасадор и професор Звонимир Јанкуловски во Отвореното студио пред влада на Протестот за промени – Премногу е!.
Јанкуловски оцени дека власта не довела до ситуација на маѓепсан круг во надворешните односи и безалтернативност.
„Во надворешната политика доминантен е интересот а не љубовта или довербата едни кон други така што оваа Влада токму тоа го запостави. Наместо да се концентрираме на реформите и внатре во државата целиот напор што владата го прави е надворешно политичко рекомпонирање или репозиционирање на Македонија, притоа губејќи го она суштинското она битното а тоа е идентитетот на државата, изјави тој.
Силјановска-Давкова: Собранието личи на сопственост на претседателот на Собранието
![]()
Според универзитетската професорка и пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова, Собранието личи на сопственост на претседателот на Собранието, а тој не личи на Претседател на Собранието туку на Каудиљо.
„Човек кој доаѓа 2 саати по предвиденото време, кој си дава збор кога сака и зборува колку сака тогаш тој е човек кој не верува во демократијата. Собранието е затворено. Единствената комисија која е Уставна е комисијата за заштита на слободите и правата. Таа не може да се состане бидејќи требало согласнот од Претседателот“, рече Силјановска Давкова во Отвореното студио пред влада на големиот протест за промени – Премногу е!
„Потребни се промени и предвремени парламентарни избори, граѓаните сами да одлучат за својата иднина“
Игор Николов, претседател на комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ вели дека се праќа јасна порака дека на народот му е доста и бараат компетентно и професионално решавање и на здравствената и на останатите кризи и дека едно е сигурно, вака не смее да продолжи.
Линковско вклучување во Отвореното студио имаше и пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков вели време е владата да се освести и веднаш да се оди на предвремени парламентарни избори, како и дека молкот не опција, масовниот протест покажал дека граѓаните сакаат сами да одлучат за својата судбина и иднина.
Граѓаните од внатрешноста со автобуси на протестот на ВМРО-ДПМНЕ: „Кога ги каневме одзивот беше огромен, се бараше превоз плус“

Голем број граѓани од државата со автобуси пристигнаа на денешниот протест на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Ели Панова, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, во Отвореното студио пред Владата рече дека одзивот е видлив, а пристигнуваат автобуси од цела Македонија со луѓе кои се незадоволни.
„Самиот одзив кога ги каневме граѓаните да дојдат да ни се придружат и да присуствуваат на овој сенароден протест беше огромен. Се бараше превоз плус за да може да пристигнат повеќе луѓе кои сакаат на овој начин да покажеме дека навистина е премногу и навистина е доволно. Доаѓаат многу автобуси, колони автомобили. Многу е големо незадоволство, има многу големи проблеми кои се наталожени и мислам како поминуваат годините мислам таму конечно ќе падне тој бастион кој беше на СДСМ“, кажа Панова.
Елена Маркова претседател на Комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ во Отворено студио пред Влада, нагласи дека состојбата во енергетиката е катастрофална, укажувајќи дека тимот на власта кој што ја води енергетиката ја довел земјата до катаклизмична ситуација од која ќе треба многу години за да од минусот се стигне до нула, а потоа да се надгради.
Претседателка на комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска истакна дека со СДСМ се случува катастрофа во образованието.
„Сакаа да ја укинат македонската историја и да се пишува според потребите на туѓи интереси, а исто така со неа се укина правото на учениците да имаат бесплатно образование, а дигитализацијата воопшто испадна дека не е дигитализација, и Направија и драстична дискриминација помеѓу сиромашните и богатите“, рече Јаневска.
Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ за време на отвореното студио истакна дека ова ќе биде еден од најголемиот протести кои што и се случиле на Македонија, а во организација на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Нема одговор како 5 тони дрога поминале преку граница
Нема одговор како 5 тони дрога поминала преку граница – има вистина дека ВМРО го овозможи бизнисот со канабис, велат од СДСМ.
„Помина една недела од објавата на големиот картелски скандал со 5 тони дрога, запленета во соседна Србија која дошла од Македонија. Сè уште нема одговор како 5 тони дрога поминале преку македонската граница? Кој ќе одговара за овој картелски скандал и кој од власта е вмешан? Бидејќи на сите им е јасно, без поддршка на структури во власта, МВР, Царина, невозможно е 5 тони дрога да се шверцуваат преку граница. СДСМ со денови алармира за поврзаноста на криминални структури во Македонија и во Србија. Власта молчи, исто како што молчи за сликите на Мицкоски со криминалецот Симе. Сега граѓаните гледаат медиумска кампања со заплени на канабис и обиди на власта да дефокусира од главното прашање: кој дозволи 5 тони дрогата да помине преку граница?“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека законскиот основ за производство на медицински канабис во Македонија го направиле ВМРО и Никола Груевски со измени на Законот на 9 ти февруари 2016 година.
„Првата лиценца за одгледување медицински канабис во Македонија била издадена во февруари 2017 во време на ВМРО. Производството на канабис почнало во мај 2017. Доколку само поради нивната медиумска кампања и сензационализам, се запленуваат и легални количини државата може да се случи на кај државата да плаќа и отштета. Затоа ова бркање вештерки по компании е фарса а истото се случува и во Србија. Целата кампања повторно ја прават по рецептот на Вучиќ – сè е copy-paste“, велат од СДСМ.
Македонија
„Да се забрани производство на марихуана за наводни медицински цели“, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз бара Парламентот на Македонија по скратена постапка да донесе измена на законите со кои ќе се забрани производство на марихуана (Cannabis sativa) за наводни медициски цели.
„Досега, од 2017 година надлежното Министерство за здравство, во соработка со други институции (Мин.за земјоделство, Меѓуресорската комисија и други) издало 61 лиценца на фирми кои можеле да произведуваат марихуана за медицински цели.
Повеќе од јасно е дека контролата затаила поради што се случија фингирани кражби, пресметки помеѓу нарко-мафијата, заплени на канабис од полицијата итн., но криминалниот бизнис продолжи, бидејќи нарко-мафијата во која беа вклучени и носители на највисоки државни функции од претходната власт се стекнаа со огромна финансиска моќ и политичко влијание“, велат од ДС.
„Демократски сојуз силно ја поддржува акцијата на МВР за заплена на канабисот и инсистира да постапува неселективно и јавно да бидат објавени сопствениците (формални и неформални) на фирмите кои произведуваат канабис, кој и кога ги издал лиценците за производство на канабис итн.
Министерството за здравство во соработка со другите надлежни институции да објави колку количини на канабис се произведени, каде се тие количини (продадени, на залиха, украдени итн.) и колку профит е остварен.
Запленетите 32 тона канабис (5 во Србија и 27 тони во Македонија), тоа е засега гребење по површината на овој нарко-бизнис кој има тешки последици по здравјето на младите генерации, политичката стабилност, владеење на правото и меѓународниот углед на државата.
Бараме да се прошири одговорноста и кон носителите на функции од надлежните министерства кои издавале лиценци и кои затаиле со контролата на спроведување на законите за да се спречат злоупотребите.
Одземените количини се премногу за Балканот, а не за медицинските потреби на Македонија. Очигледно е дека првобитната хумана цел е злоупотребена и затоа се потребни итни законски промени“, соопштуваат од Демократскиот сојуз.
Македонија
Утре без вода делови од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради промена на воздушен вентил на улицата Јустинијан Први (кај мостот), утре прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од село Драчево, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.

