Економија
Бектеши: Глоби до 10.000 евра и забрани за вршење дејност за трговците што работат со нечесни практики
Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска, на прес-конференција информира дека по предлог на неговото министерство, Владата го усвоила новиот предлог-закон за заштита на потрошувачите.
Како што посочи министерот, главната цел на политиката за заштита на потрошувачите во Република Севернa Македонија е да се подобри квалитетот на животот на граѓаните.
„Сите граѓани треба да уживаат високи стандарди на заштита на потрошувачите, како и заштита на интересите на економски послабите учесници, односно ранливите категории граѓани во деловните трансакции на пазарот“, нагласи Бектеши.
Предлог-законот го претстави како модерна рамка, која обезбедува високо ниво на заштита на правата за потрошувачите, а истовремено гарантира полесни услови за деловно работење.
„Она што е новина и клучно во ова ново законско решение е што се воведуваат, односно се дава посебно внимание на нечесни трговски практики, измамнички трговски практики и агресивни трговски практики при продажба на стоките и услугите вклучувајќи ги и недвижностите, дигиталните услуги и дигиталните содржини, како и правата и обврските“, посочи министерот.
Тој објасни дека одредена трговската практика е нечесна доколку материјално ги нарушува економскиот интерес и однесувањето на просечниот потрошувач во однос на производот.
„Кога трговецот дава неточни информации за пазарните услови или за достапноста на стоката со намера да се наведе потрошувачот да ја набави стоката под услови што се понеповолни од вообичаените пазарни услови“, истакна Бектеши.
Одредена трговска практика се смета за измамничка, пак, доколку содржи лажни информации го доведува во заблуда просечниот потрошувач, дури и кога информациите фактички се точни, а во кој било од случаите предизвикува или е веројатно дека ќе предизвика просечниот потрошувач да донесе пазарна одлука што инаку не би ја донел.
„Агресивна трговска практика е онаа која по пат на вознемирување, принуда, вклучувајќи и употреба на физичка сила или прекумерно влијание, значително ги нарушува слободата на избор на просечниот потрошувач или неговото постапување во врска со стоката“, нагласи министерот.
Тој истакна дека потрошувачите чии права се повредени со користење нечесни трговски практики, измамнички и агресивни трговски практики од страна на трговецот имаат право на надомест на штетата што ја претрпеле, имаат право и на сразмерно намалување на цената и раскинување на договорот, а за трговците следуват глоби, санкции и забрана за вршење дејност.
„За прекршување на одредбите од овој закон предвидени се и глоби, и тоа:
– за микротрговци глоба во износ од 500 до 1.000 евра, а 150 евра за одговорното лице;
– за мал трговец глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра, а 250 евра за одговорното лице;
– за среден трговец глобата изнесува од 2.000 до 5.000 евра, а 350 евра за одговорното лице;
– за големите трговци глоба во износ од 5.000 до 10.000 евра, а 500 евра за одговорното лице;
– глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице, односно на трговецот поединец за прекршокот.
Во делот на прекршочните санкции предвидена е привремена забрана за вршење дејност, и тоа во траење од три месеци до две години, од страна на надлежен суд за среден трговец и голем трговец и од 15 до 30 дена за микро и мал трговец од страна на Комисијата за одлучување по прекршок.
За одговорните лица, пак, кај правните лица, е предвидена забрана за вршење професија, дејност или должност во траење од три месеци до една година,од страна на надлежен суд, а кај трговецот поединец во траење од 15 до 30 дена од страна на Комисијата за одлучување по прекршок“, објасни Бектеши.
Министерот информира и дека по предлог на Министерсвото од страна на Владата денеска е усвоена и информација за да се изготви нов посебен закон за нефер трговски практики, со кој целосно ќе се транспонираат европските директиви за нефер трговски практики во односите „бизнис до бизнис“ во синџирот на снабдување со земјоделство и храна, во национален закон, за да се уреди состојбата од појава на нерамнотежа во преговарачката моќ помеѓу доставувачите и купувачите на земјоделски и прехранбени производи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Средба Муцунски – Aзески: Фокус на извозот и економската дипломатија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работна средба со претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, предводени од претседателот Бранко Азески.
На средбата беа разгледани иницијативи и конкретни форми на поддршка за извозно ориентираните компании, вклучително и организација на тематски посети со активно учество на деловната заедница, унапредување на комуникацијата со дипломатско-конзуларните претставништва, како и промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор во државата.
Министерот Муцунски нагласи дека целта на овие средби е директно да се слушнат ставовите и размислувањата на коморите, како и да се добијат конкретни иницијативи за поддршка на компаниите, зајакнување на економската дипломатија и унапредување на извозот, што директно придонесува кон зајакнување на економијата и забрзување на економскиот развој.
Беше потврдена одличната досегашна соработка и изразено заемно задоволство од постигнатите резултати, при што се разговараше и за нејзино натамошно продлабочување, со цел обезбедување конкретни придобивки за компаниите и позитивно влијание врз вкупниот економски развој на државата.
Нагласувајќи ја важноста на дипломатско-конзуларните претставништва и на дипломатската мрежа во целост, претседателот на Стопанската комора истакна дека иницијативите за зајакнување на економската дипломатија доаѓаат во вистински момент, во насока на поддршка на стопанството и економското закрепнување.
На средбата беа разгледани и конкретни иницијативи и настани планирани за наредниот период, како можности за понатамошна соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Стопанската комора.
Економија
Мој ДДВ не се укинува – налозите за исплата во февруари се подготвуваат, извести УЈП
Управата за јавни приходи ги демантира написите во дел од медиумите дека се укинува мерката „МојДДВ“.
„Јасно и недвосмислено истакнуваме дека не постои одлука за укинување на „МојДДВ“ – мерката се спроведува континуирано, а сите граѓани можат да ја користат апликацијата и да ги остваруваат своите права согласно законските одредби. За спроведување на мерката „МојДДВ“ се предвидени средства во Буџетот за 2026 година, со што се обезбедува нејзино непречено и континуирано спроведување“, велат од УЈП.
Во текот на 2025 година за редовна исплата исплатени се 3.458.885.995 денари, што е 56,2 милиони евра средства вратени на сметките на граѓаните по основ на „МојДДВ“.
Гледано по квартали, повратот на средства преку „МојДДВ“ во текот на 2025 година е следен:
•За К4 2024 година (исплата во февруари 2025) исплатени се 870.329.146 денари за 496.442 корисници;
•За К1 2025 година исплатени се 784.442.146 денари за 491.770 корисници;
•За К2 2025 година исплатени се 882.137.038 денари за 503.655 корисници;
•За К3 2025 година исплатени се 921.977.665 денари за 515.182 корисници;
•За К4 2025 година налозите се во обработка и согласно законските одредби исплатата на средства е предвидена за февруари 2026 година.
Во текот на 2025 година беа извршени и дополнителни исплати (од изминатите години) кон корисниците кои немале точни податоци во периодот кога биле редовните исплати:
•За скенирани сметки во 2020 година исплатени се 2.658.049 денари;
•За скенирани сметки во 2023 година исплатени се 7.552.401 денари;
•За сметки скенирани во 2024 година исплатени се 4.076.525 денари.
На сметките на граѓаните во 2025 година по основ на редовна и дополнителна исплата на средства преку „МојДДВ“, исплатени се вкупно 3.473.172.970 денари или 56,4 милиони евра.
УЈП ги известува граѓаните дека веќе ги подготвува налозите за исплата на средства за скенирани сметки во последниот квартал од 2025 година, која треба да се реализира во февруари 2026 година.
„Апелираме граѓаните да не потпаѓаат под шпекулации и да ги следат исклучиво официјалните информации и соопштенија на Управата за јавни приходи. Истовремено, УЈП ја информира јавноста дека апликацијата „Мој ДДВ“ функционира редовно. Во рамки на тековните технички подобрувања на системот, можно е повремено забавување при најавување на апликацијата од страна на корисниците или при вчитување на фискалните сметки. Овие појави се привремени, а надлежните технички служби континуирано работат на нивно отстранување, со цел да се обезбеди подобро корисничко искуство. Со ова уште еднаш потврдуваме дека апликацијата „Мој ДДВ“ останува во функција и не се разгледува нејзино укинување“, се додава во соопштението на УЈП.
Економија
Малите и средни претпријатија се ’рбетот на економијата – претставена Националната стратегија за МСП 2025–2030
Министерството за економија и труд денес ја презентираше Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2025–2030, стратешки документ кој ја дефинира насоката за развој, конкурентност и отпорност на малите и средни претпријатија во Република Северна Македонија во наредните години.
Малите и средни претпријатија претставуваат ’рбет на националната економија, сочинувајќи околу 99 проценти од вкупниот број претпријатија и обезбедувајќи егзистенција за речиси три четвртини од вработените. Тие имаат клучна улога во економскиот раст, иновациите и социјалната стабилност на државата.
На настанот, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши истакна дека Стратегијата е повеќе од формален документ и дека таа претставува јасна определба за поддршка на домашните претприемачи.
„Малите и средни претпријатија не се само дел од нашата економија – тие се нашата економија. Секој нивен успех значи посигурна иднина за едно семејство и посилна држава. Со Стратегијата за МСП 2025–2030 создаваме услови тие да бидат лидери на промените, а не нивни следбеници,“ истакна министерот.

