Македонија
Почна асфалтирањето на превојот Плетвар

Градежништвото не смее да застане и затоа оваа Влада, овој тим од ресорот транспорт, силно е посветена на она што сме го зацртале во нашите програми, а тоа е подобрување на целокупната инфраструктура во државата, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, изврши увид во рехабилитација на регионалниот пат Градско – Прилеп.
Овој дел од регионалниот пат кон Прилеп, превојот Плетвар, се рехабилитира во должина од 19 километри за што се инвестираат 4 милиони евра.
„Ниту еден проект не е прекинат, напротив, се работи со силно темпо, само во овој момент инвестираме над 420 милиони евра во модернизација на патната мрежа во земјата. Денеска сме на увид во асфалтирање на превојот Плетвар, инвестиција од 4 милиони евра. Реконструкцијата на превојот Плетвар следува кога активно го градиме експресниот пат од Градско кон Прилеп. Во меѓувреме, активно работиме и на подготовка на документацијата и за проширување на патот со уште една лента на Плетвар онаму каде што не постои трета лента. Генерално, интензивно се работи на моденизација на целата патна врска“, изјави Благој Бочварски.
Директорот на ЈП за државни патишта истакнa дека овој пат се очекува да се заврши до почетокот на зимската сезона.
„Граѓаните што гравитираат кон Прилеп и Битола многу добро знаат дека овие 20-ина километри се најтешките за возење, особено во зимскиот период. За да им ја олесниме рутата и да го забрзаме протокот на возила, почнавме со рехабилитација на делницата Фариш – Прилеп во должина од 19 километри за што издвоивме средства со помош на ЕБОР во висина од 4,07 милиони евра. Изведувачот на работите, ‘Стентон градба’ и „Грин лајн’, со надзорот ‘Диви’, веќе работи на механичко сечење на асфалтот, поставување нови рабници, машинско гребење на постојниот асфалт, по што почна и процесот на афалтирање. Очекуваме на почетокот од зимата граѓаните од овој регион да возат по нова рехабилитирана делница, што ќе значи и нивна поголема сигурност и безбедност“, изјави директорот Ејуп Рустеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Аеродром и Центар денеска без вода

По добиеното известување од ЈП Водовод и Канализација, Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, информира дека денеска поради планирани зафати без водоснавбдување ќе останат:
· поради изведувње на водоводен приклучок од Ф- 100мм на ул.Пандил Шишков 9, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица на високата зона од број 1 до бр.49 и дел од корисниците на ул.Вангел Тодоровски, Руди Чаевац, и Коста Новаковиќ, водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до санирање на дефектот, општина Аеродром;
· поради изведувње на водоводен приклучок од Ф-400мм на ул.Мирче Ацев, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од Бул.Кочо Рацин, Славко Јаневски (по старо Стив Наумов), Тетовска, Славе Георгиевски Шнајдерот и дел од Бул.Крушевска Република, водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до санирање на дефектот, општина Центар.
Македонија
Претпладне променливо облачно, а попладне сончево со умерена облачност

Претпладне променливо облачно, а попладне сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 19, а максималната ќе достигне од 26 до 33 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Времето во наредните денови
Во сабота во југоисточните делови ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи. Во недела повторно на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, наместа со поинтензивни процеси во форма на невреме. Локален дожд ќе има и во понеделник претпладне, а потоа ќе настапи стабилизирање на времето.
Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.