Македонија
Од утре нема да работи жичарницата на Водно

Од утре, петок (24.06.2022 година) Жичарницата и автобуските линии до Средно Водно (25, 25А и 25Б) нема да бидат во функција.
Времениот прекин на работа е согласно воведената делумна забрана за движење во шумите, побарана од ЈП „Национални шуми“ – Скопје, а одобрена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со оглед на зголемената опасност од појава на шумски пожари на отворен простор.
Жичарницата и трите автобуски линии нема да работат сѐ до проценката на надлежните дека е намален ризикот од појава на шумски пожари, односно до отповикување на делумната забрана за движење во шумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Три активни пожари во државата, еден под контрола, а 27 се изгаснати

Во последното денонноќие, до 07:00 часот утрово, на територијата на Р.С. Македонија имало вкупно 31 пожар на отворен простор, од кои три се активни пожари, еден е под контрола, а 27 се изгаснати, извести Центарот за управување со кризи.
Активни се пожарите во: општина Берово – Дрџински рид, м.в. Стојковото, село Русиново (каде што гори дабова, букова шума и папрат); Општина Липково – село Никуштак (гори нискостеблеста деградирана шума и дабова шума); Општина Сопиште – Студеничани – село Умово кон селата Драчевица и Варвара (гори мешана вегетација)
Како што информираше ЦУК, под контрола е пожарот во општина Гази Баба – Вардариште (каде што гори ѓубриште), а изгаснати се 27 пожари.
Македонија
Сиљановска-Давкова по повод 8 Септември: Денес, 34 години потоа, сè уште водиме битка за суверена, рамноправна, модерна, стандардна, европска, правна држава, членка на Европската Унија

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод 8 Септември – Денот на независноста.
„На 8 Септември 1991 година, легално и легитимно, врз основа на неотуѓивото и непотрошно право на самоопределување на секој народ, на референдумот за самостојна и независна Македонија излегоа 75,74% од електоратот, а „за“ гласаа 72,16% од запишаните!
Така, ние, македонските граѓани, ја крунисавме вековната борба на илинденците и партизаните со унитарна, независна и самостојна држава!
Денес, 34 години потоа, во свет заснован на сила, а не на право, сè уште водиме битка за суверена, рамноправна, модерна, стандардна, европска, правна држава, членка на Европската Унија.
Изминативе три децении се соочивме со бројни внатрешни поделби и кризи, со надворешни притисоци и предизвици, со отстапки и компромиси неусогласени со референдумската одлука од 1991 година, па и со меѓународното и национално право.
Политиката, за жал, нè учи дека неправдите не се отстрануваат со потег на перото, туку со макотрпна домашна и меѓународна борба, со правни аргументи и внимателни политички активности, со макотрпно градење пријателски сојузи, а не со непромислени и избрзани акти, со внатрешно единство, а не со поделби, со самопочит, но и со меѓусебна почит.
Патот кон правото и правдата води преку европеизирана држава, втемелена на копенхагенски критериуми, преку демократска власт, ограничена со систем на ефикасни спреги и кочници, преку компетитивна и просперитетна економија, преку партиципативна политичка култура, преку силно граѓанско општество и слободни медиуми.
Младите не се задржуваат и стимулираат со партизација и политизација, туку со образование и наука што стимулираат, почитуваат и наградуваат знаење, труд и заслуги.
Ако домата ни е европска, сигурна сум дека нашите деца и внуци ќе сакаат да работат, творат и растат семејства тука, во нивната дома, или постојано да соработуваат со татковината, ако се надвор, привремено или трајно. Само во европски амбиент се креира европска иднина!
На крајот, не сум се откажала и никогаш нема да се откажам од македонските национални интереси. Мора да продолжиме да ги реафирмираме и да се бориме за нив дома и надвор, во европските и меѓународни институции, на правен и политички, демократски начин, потсетувајќи се и повикувајќи се на националното и меѓународното право, на 8 Септември.
Нека ни е честит 8 Септември – Денот на независноста!“, се наведува во честитката на Претседателката.
Македонија
Министерот Мисајловски со честитка до македонските граѓани по повод 8. Септември – Денот на независноста

Министерот за одбрана Владо Мисајловски им упатува честитки на македонските граѓани, по повод 8. Септември, Денот на независноста.
Во честитката, министерот повикува „со гордост (да) се навраќаме на историскиот чин пред 33 години со кој нашата држава го трасираше патот кон самостојноста, независноста и сувереноста. Денот на независноста е симбол на нашата одлучност самостојно да ја градиме својата иднина, но и обврска да ја чуваме и развиваме татковината за идните генерации.“
Целата честитка од министерот Мисајловски до граѓаните во продолжение:
„Денеска, на 8. Септември, со гордост се навраќаме на историскиот чин пред 33 години со кој нашата држава го трасираше патот кон самостојноста, независноста и сувереноста. Денот на независноста е симбол на нашата одлучност самостојно да ја градиме својата иднина, но и обврска да ја чуваме и развиваме татковината за идните генерации.
Во таа мисија, македонската Армија е еден од најсилните столбови на нашето општество. Нашите војници, со својата посветеност и пожртвуваност, не само што ја гарантираат безбедноста и територијалниот интегритет на државата, туку и го претставуваат најдобриот пример за дисциплина, чест и љубов кон татковината.
Денес Армијата е модерна, професионална сила, рамноправен дел од сојузничките сили во НАТО. Таа е доказ дека независноста не е само збор од историјата, туку секојдневна одговорност и должност што ја носиме пред себе и пред светот.
Нашата независност е вредност за која се живее и се работи секојдневно. Со почит кон минатото, со верба во иднината и со љубов кон Македонија, заедно ќе продолжиме да ја градиме државата што сите ја заслужуваме.
Нека е честит 8 Септември – Денот на независноста!“