Македонија
Бочварски: Преку капитални проекти ги развиваме туризмот и локалната економија во Берово

Градежништвото во овие времиња на светска економска мора да го држиме на високо ниво заради стабилизирање на економскиот раст на државата. Затоа за нас најважно е капиталните инвестиции во континуитет да се реализираат, истакна министерот Бочварски, кој денеска престојуваше во работна посета на општина Берово.
Министерот и градоначалникот на општина Берово, Звонко Пекевски, извршија увид во изградба на водоснабдителниот систем за туристичката населба Беровско Езеро.
Проектот, кој е во вредност од 7,3 милиони денари, се работи во соработка со Општината. Водоводниот систем е целосно изграден, следната недела ќе се изврши испитување на новата мрежа. Дополнително, ќе се гради нова секундарна водоводна мрежа до постојните објекти, со што ќе се поврзат со чиста вода за пиење.
„Берово и Малешевијата се значаен регион, каде што е потребно во континуитет да го развивме туризмот од сите аспекти и истовремено и да им ги подобриме условите за живеење на граѓаните. Еден од тие проекти што е од особено значење за подобрување на условите за развој на туризмот е реконструкција на водоводната мрежа во туристичката населба Беровско Езеро. Ова е заокружување на претходно изградената фекална канализација, исто за оваа населба, со што веруваме дека значително се подобрени условите за развој на туризмот во овој дел од градот“, изјави Бочварски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.