Македонија
Одржан втор јавен состанок на АВМУ за 2022 година

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес го одржа вториот јавен состанок за оваа година, на кој директорот на Агенцијата д-р Зоран Трајчевски направи пресек на реализираните активности согласно Годишната програма за работа во изминатите три месеци.
Присутните имаа можност да слушнат за активностите поврзани со спроведените надзори врз радиодифузерите, операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, давателите на АВМУ по барање, издавачите на печатени медиуми, изработените истражувања, активностите на полето на меѓународната соработка.
На состанокот беа презентирани и податоците за законските одредби кои радиодифузерите во 2021 и првата половина на 2022 година најчесто ги прекршиле и поведените прекршочни постапки од страна на Агенцијата.
Најчестите прекршувања како што посочи м-р Ивона Муфишева од Секторот за правни работи и јавни набавки се однесуваат на обврските за емитување изворно создадена програма, не објавување информации кои треба да се направат достапни за корисниците и правилата за заштита на малолетната публика. За оваа тема беше отворена дискусија која како што истакна Заменикот на претседателот на Советот на Агенцијата Селвер Ајдини, има за цел да ги утврди причините за прекршувањата и да даде препораки на што радијата и телевизиите да посветат повеќе внимание во иднина за да се зголеми степенот на почитување на законските обврски.
За досегашната примена на медиумската регулатива и предлозите за нејзина измена во насока на подобрување на состојбите кај локалните и регионалните медиуми говореше Димитар Мицев од ТВ Канал Вис.
Посебен акцент беше ставен на потребата за создавање на фонд за медиуми, укинување на забраната за рекламирање од членот 102 од ЗААВМУ, високите глоби, правилата за доделување дозволи за радио и ТВ емитување.
Беше покренато и прашањето за лошата финансиска состојба во која се наоѓаат медиумите и можностите за обезбедување поддршка на нивното работење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Бројот на вработени намален за 17.000 – погубни економски политики на ВМРО-ДПМНЕ

Фрапатни се податоците кои покажуваат дека по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во 2024 година во земјава има над 17.000 помалку вработени, обвини СДСМ.
Според партијата, тоа е директен резултат на погубните економски политики, хаосот и несигурноста, како и напуштање на политиките кои ги востастави СДСМ за стабилна и одржлива економија.
„Со оваа неспособна Влада: пазарот на труд се стеснува, продуктивното население е разочарано и заминува, Фондот за пензиско осигурување е под притисок, бидејќи денес 1,63 вработени обезбедуваат една пензија, наместо 1,74 како што беше пред само една година. Владата нема стратегија, нема визија, нема мерки за задржување и отворање на нови работни места“, велат од СДСМ.
Од таму обвинија дека ова се последици од владеењето на Мицкоски и дека се зголемува несигурноста за младите, пензискиот систем се доведува во ризик, а приватниот сектор е оставен сам да се снаоѓа.
Македонија
Регионална иницијатива за превенција од пожари на Западен Балкан

Во услови на зголемени ризици од пожари, започна регионална иницијатива за подигање на свеста за управување со пожари на ниво на предел во земјите од Западен Балкан. Иницијативата, поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, има за цел да го поттикне интегрираното и одржливо управување со екосистемите, наместо традиционалниот пристап што се фокусира исклучиво на гаснење.
Пожарите оставија сериозни последици врз природата, економијата и животот на граѓаните, а над 90% од нив се предизвикани од човечка невнимателност — факт што укажува дека превенцијата е клучна.
Преку интерсекторска соработка, јакнење на локалните капацитети и активности на терен, иницијативата тежнее да создаде предели и заедници отпорни на пожари.
„Природата е наша заедничка одговорност. Со здружени напори можеме да постигнеме нула пожари предизвикани од човечки фактор,“ велат од Министерството.
Македонија
Гром го предизвикал пожарот во велешката фабрика, велат од „Мирана“

Удар од гром е причината за пожарот што синоќа избувна во дел од производствениот погон на „Биокосмос“ во Велес, информираат од компанијата „Мирана“ преку официјално соопштение.
Од ударот се оштетени дел од просториите на „Биокосмос“ и, како што посочуваат од таму, тие привремено ќе бидат надвор од употреба додека не се санира штетата.
Фабриката „Мирана“, која се наоѓа во истиот индустриски комплекс, не била зафатена од пожарот и производствениот процес таму продолжува непречено.
Во пожарот нема повредени лица.
Центарот за управување со кризи претходно денес информира дека пожарот бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите на ЦУК, огнот зафатил магацински простор со фрижидери и канцеларии со документација, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.