Македонија
Ковачевски на средба со дипломатскиот кор: Северна Македонија е членка на НАТО, нејзиното местото е и во ЕУ

Премиерот Димитар Ковачевски заедно со министерот за надворешни работи Бујар Османи како дел од најавената широка консултација која започна веднаш да се реализира по добивањето на европскиот предлог остварија средба со дипломатскиот кор во земјава. На средбата присуствуваа амбасадорката на САД – Кејт Мари Брнз, амбасадорот на ЕУ – Дејвид Гир, амбасадорот на Франција – Сирил Бомгартнер, в.д амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска – Џулија Смит, в.д амбасадорот на Италија – Марио де Роса, како и заменик амбасадорот на Германија – Ото Граф.
Премиерот Ковачевски и министерот Османи ги информираа амбасадорите за текот на широките консултациите кои Владата ги води со медиуми, експертски групи, политички аналитичари, коалициски партнери, опозицијата и останати партнери и соработници.
Ковачевски и Османи ги изнесоа позициите дека предлогот претставува солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за можноста која се отвора за нашата земја.
Процесот за носење конечна одлука е транспарентен и со јавноста се споделуваат сите детали со цел информирањето да биде објективно од институциите на државата.
Амбасадорите присутни на состанокот дадоа поддршка за транспарентниот начин на спроведување на процесот, како и за силните заложби на Северна Македонија и стратешките определби за соработка и партнерство со САД и Европската Унија.
Беше заклучено дека неопходно е и натаму да се градат и поддржуваат демократските вредности како единствена определба која води кон напредок, просперитет и подобри услови за живот на граѓаните во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Регионална иницијатива за превенција од пожари на Западен Балкан

Во услови на зголемени ризици од пожари, започна регионална иницијатива за подигање на свеста за управување со пожари на ниво на предел во земјите од Западен Балкан. Иницијативата, поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, има за цел да го поттикне интегрираното и одржливо управување со екосистемите, наместо традиционалниот пристап што се фокусира исклучиво на гаснење.
Пожарите оставија сериозни последици врз природата, економијата и животот на граѓаните, а над 90% од нив се предизвикани од човечка невнимателност — факт што укажува дека превенцијата е клучна.
Преку интерсекторска соработка, јакнење на локалните капацитети и активности на терен, иницијативата тежнее да создаде предели и заедници отпорни на пожари.
„Природата е наша заедничка одговорност. Со здружени напори можеме да постигнеме нула пожари предизвикани од човечки фактор,“ велат од Министерството.
Македонија
Гром го предизвикал пожарот во велешката фабрика, велат од „Мирана“

Удар од гром е причината за пожарот што синоќа избувна во дел од производствениот погон на „Биокосмос“ во Велес, информираат од компанијата „Мирана“ преку официјално соопштение.
Од ударот се оштетени дел од просториите на „Биокосмос“ и, како што посочуваат од таму, тие привремено ќе бидат надвор од употреба додека не се санира штетата.
Фабриката „Мирана“, која се наоѓа во истиот индустриски комплекс, не била зафатена од пожарот и производствениот процес таму продолжува непречено.
Во пожарот нема повредени лица.
Центарот за управување со кризи, претходно денес информира дека пожарот бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите на ЦУК, огнот зафатил магацински простор со фрижидери и канцеларии со документација, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Македонија
(Видео) Едниот качен на хауба, друг вози без дозвола – поднесени пријави за скопјаните кои дивееа низ улиците

Министерството за внатрешни работи поднесе пријави против двајца млади скопјани, откако на социјалните мрежи се појави видео од опасна и непромислена „возачка забава“ по скопските булевари.
Во видеото се гледа како едно лице стои на хаубата од автомобил во движење, а возачот, покрај тоа што управува без дозвола, вози и без регистарски таблици. Станува збор за 20-годишниот С.З. и 19-годишниот Р.Ѓ., двајцата од Скопје. Против нив се покренати поднесоци по неколку основи, вклучително и управување без возачка дозвола, загрозување на сопствената и туѓата безбедност, како и дозволување управување на лице без дозвола.
Од МВР информираат дека лицата биле веднаш повикани на службен разговор, а полицијата презема и дополнителни активности за целосно расчистување на случајот.