Македонија
Шаќири: Ако вложувате во своето знаење, пазарот на трудот лесно ќе ве најде

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири присуствуваше на денешното доделување на дипломи на четвртата генерација на дипломирани студенти на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Тој во своето обраќање ја потенцираше важноста на континуираното вложување во образованието.
„Сакам да ви порачам дека мора да се обидете, како професионалци коишто ја сакаат својата земја и го посакувате успехот – за да го постигнете истиот и за оваа среќа наместо да трае три дена, туку да потрае во континуитет, мора постојано да се трудите, да вложувате напори и време во вашето знаење. Учењето не завршува денеска. Ако го надоградувате, лесно ќе се вработите. Лесно ќе ве најде пазарот на трудот, приватниот сектор, каде што платите се веќе на завидно ниво. Тоа си го должите сами на себе, на вашите родители и семејства, на вашата земја. Рим не е изграден преку ноќ, исто како и подобрата перспектива која не мора да се најде во странство“ – истакна Шаќири.
Додаде дека на неколкуте средби што ги остварил со студенти стипендисти на МОН, коишто студираат на престижни универзитети низ светот, тие сите посакуваат да се вратат во земјава.
„Тука животот е поубав, дома. Сонцето грее поинаку тука, почвата дава поинаков род, овошјето е поблаго, пријателите ги гледаме секој ден. Времето сè уште го имаме на располагање. Бидете репер за вашите врсници, а со тоа и за идните поколенија“ – рече министерот.
На дипломираните студенти им порача дека секој од нив ја има одговорноста да биде подобар и да се стреми кон правење подобри дела од оние на претходните генерации.
„Секој мора да создаде свој бран на надеж за доброто на оваа земја. И кога ќе го направите ова, кога тие бранови ќе се спојат, ќе создаде енергија што ќе нè однесе кон подобра иднина. За вас завршува едно важно патување, а од другата страна ќе започнат нови обврски. Посакувам во ова ново патување, правилно и целосно да ги искористите сите знаења, вештини и искуства стекнати за време на студирањето на универзитетот“ – оцени министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гори депонијата „Вардариште“, соопшти ЦУК

На територијата на државата евидентиран е еден пожар на отворен простор до 18:00 часот, соопшти ЦУК.
Според последните информации од центарот, гори депонијата „Вардариште“ во Општина Гази Баба.
Македонија
МВР со апел за фер и спортско навивање: било какви навреди ќе бидат најстрого санкционирани

Министерството за внатрешни работи апелира до сите граѓани и членови на навивачки групи да ги бодрат своите спортски миленици, но да навиваат спортски, исклучиво во спортски дух, без говор на омраза, без било какви навреди по лична, етничка, верска или било која друга припадност што не соодветствува на спортски натпревари и е спротивно на законот.
„Во врска со кошаркарскиот натпревар што се одржа на 02.08.2025 во Спортската сала во Куманово, во СВР Куманово веќе се повикани неколку осомничени лица со кои што е извршен службен разговор, и по извршени анализи во координација со ОЈО Куманово ќе бидат преземени конкретни законски мерки против инволвираните лица, вклучително и кривични постапки. Денеска, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода С.М. (30) од Куманово, кој се сомничи дека на полувреме од кошаркарскиот натпревар се обидел да внесе транспарент со навредлива содржина. По целосно расчистување на случајот против него ќе следи соодветен поднесок.
Во тој контекст, МВР уште еднаш нагласува дека во рамки на обезбедувањето на мирни и непречени спортски натпревари, полицијата ќе биде крајно ригорозна по однос на било какви нарушувања на јавниот ред и мир, односно било какви навредливи скандирања врз база на национална, етничка или верска припадност и тоа ќе биде најстрого санкционирано, без никаква толеранција. Само спортското фер навивање и бодрење може да ни донесе успеси, победи и спортски радости.
Македонија
Со ВМРО-ДПМНЕ исчезнува македонската култура, велат од СДСМ

Љутков и ВМРО-ДПМНЕ ја оставаат спомен-куќата на Петре М. Андреевски да скапува, тоа е нивниот патриотизам, велат од СДСМ.
Срамно е, болно и понижувачки за целата држава, додаваат од опозициската партија, кога синот на Петре М. Андреевски, еден од најголемите великани на македонската книжевност, мора да бара поддршка за да се спаси спомен-куќата на неговиот татко од влага, заборав и молк.
„Но тоа е резултатот кога министерот Љутков ја зголемува ставката за патувања и репрезентации на сметка на буџетските средства наменети за заштита на културното наследство.
Оваа спомен-куќа, оваа меморијална постановка во Слоештица, беше создадена токму во време на владеење на СДСМ – со јасна намера: трајно да се сочува споменот на творецот на „Пиреј“, творецот кој ја однесе Македонија до светските книжевни височини.
А денес? Денес тоа светилиште на македонската литература е оставено на забот на времето, игнорирано од министерот Љутков и Владата на ВМРО-ДПМНЕ, кои инаку постојано се повикуваат на „чување на македонскиот идентитет“.
Ова, според СДСМ, не е обична негрижа, туку културен вандализам под раководство на Љутков и ВМРО-ДПМНЕ.
„Ги красат бините со зборови за традиција, а ја пустошат суштината на нашата културна меморија. Ги споменуваат Карев и Делчев за дневно-политички поени, а го забораваат Петрета – кој ја воспеваше Македонија не со знамиња, туку со збор.
Оваа небрежност е културно предавство. Денес е Петре, утре ќе биде некој друг. А кога ќе ја снема културата- ќе ја снема и државата. Затоа СДСМ бара итна реакција, без разлика на кого е надлежноста, и спомен-куќата на Петре М. Андреевски да се стави под државна заштита и за истата да се обезбедат средства за одржување“.
Очигледно истакнуваат од СДСМ, ова е новата културна политика со која власта докажува дека не ја цени ниту државата ниту делото и ликот на нашите великани.
„Ако не знаете кој е Петре – прашајте ги учениците. Тие сè уште читаат „Пиреј“.
Ако не знаете што значи држава – прашајте нè нас. Зашто држава се гради со заштита и чување на културната посебност, а не со заборав.