Македонија
Османи: Лага е дека има фуснота за јазикот, ако не прифатиме илјадници ќе заминат, ќе има меѓуетнички тензии
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи тврди дека е лага за постоењето фуснота за македонскиот јазик во францускиот предлог и дека ќе се испушти најголемата историска шанса за македонскиот јазик и за влез во ЕУ.
Според него, се следно ќе биде потешко и полошо. Да, треба да го смениме Уставот, но тоа е во наш интерес, вели тој.
„Сите шпекулации дека има фуснота се лажни, да има изјава од Бугарија, но не во рамката туку во записникот. Но тоа не влегува во документот, не влегува во документите, еднаш се кажува и никогаш повеќе“ – рече Османи.
Тоа што го има во португалскиот предлог ќе стои како изјава на бугарската страна, тие ќе го кажат тој став. Тие ќе кажат својот став како издвоено мислење на состанокот, ЕУ не го прифаќа тој став, замислете ЕУ да го прифатеше тој став?
Мислам дека нивната изјава е според португалскиот предлог, дека пред 1945 година не постоел македонски јазик, одговори Османи на новинарско прашање.
„Протикот е продукт, тоа е документ, не сакав тој документ да биде таму. Но договорот и член 12 тоа е иста реченица, рече Османи.
„Нема ништо различно посебно во најспорниот дел дека биле внесени историските прашања, каде се внесени тие историски прашања? Човековите права не се внесени, малцинските права не се внесени“ – рече Османи на брифинг со новинарите во МНР.
„Нас ни се забранува да се мешаме во внатрешните работи на Бугарија зашто не го признаваат нашето малцинство во Бугарија, а ние сме обврзани за малцински и човекови права? Оваа рамка е што треба да исполни Северна Македонија во рамката не се третираат прашања за земјите членки како што е Бугарија туку само за нас. Ова е за исполнување на наши услови, рамката е за нас, нема врска со малцинство, немалцинство, ова е само за исполнување на нашите услови за да станеме членка на ЕУ“ – рече Османи.
Министерот за надворешни работи укажа и дека не е никаков проблем Бугарите да влезат во Уставот на државава.
„Кој е аргумент од хрватска црногорска заедница да прашат зашто не се во Уставот, нема аргумент освен класична дискриминација. Во наш интерес е да ги внесеме и Хрватите и Црногорците како Хрватска што ги внесе сите, 25 заедници. Не смееме да гајиме чувства на гнев кон другите, немаме проблеми такви за да ги мразиме другите, не можеме да не ги внесеме Бугарите во Уставот, 3.000 се колку се толку се, сите тие ги имаат истите права и привилегии. Овој е добар предлог, кој ни го отвора патот да го фатиме возот кон ЕУ. Ако не почнеме, Албанија ќе почне со преговори, Бугарија ќе оди на избори, ова прашање ќе заглави, ние ќе влегуваме во кризи, ќе бегаат луѓето од овде. Ако кажеме не, ако Албанија ги почне преговорите, верувајте илјадници ќе заминат од државата, ќе почнат тензии меѓуетнички, ќе ја имаме најголемата криза со храна и енергија“ – рече Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, разговараа за предизвиците на превозниците
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес, соопштија од Министерството.
„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.
Македонија
Мицкоски: Ако заѕиданите пари биле од продажба на нива, што би барале во ѕидот?
Којзнае колку илјадници евра биле заѕидани, изедени и потрошени, ова е последица на антиуставниот имплант СЈО, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Презумција на невиност мора секој да почитува и никој не е виновен додека тоа не биде правосилно. Но од друга страна, сега зборувам како човек, ако навистина е точно дека тие заѕидани средства се предмет на легална трансакција, продажба на нива и слично, тогаш што би правеле во ѕидот?! Логично е тие да се наоѓаат на друго место, а не во ѕидот. И ако е така, кога ќе ви дојдат дома истражители и ќе ви ја пребаруваат куќата, тогаш логично е да им кажете, видете јас за да се обезбедам од крадци ги заѕидав парите во ѕид, ако тука копате ќе најдете 350 илјади евра. Но кога ќе ги најдете треба да знаете дека тие ми се од таа и таа продадена нива. Логично, а не да чекате после два дена да бидат откриени“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на пратеничкото прашање упатено до него за коментар на состојбите во правосудството и актуелната афера за најдените пари заѕидани во ѕид во куќата на родителите на судијата Ѓоко Ристов.
Според премиерот подраматично што овој случај може да е еден од стотици, можеби илјадници случаи во историјата на независноста на државата.
„Суштината на проблемот лежи во два процеси. Првиот процес е изборот на стотици судии во Собранието во периодот 1994-1998, мислам дека беше 1996, кога се бираа по пат на едноумие, бидејќи за жал тогаш опозицијата реши да го бојкотира вториот изборен круг на изборите во 1994 година, па немаше свои претставници и тука во Собранието имаше едноумие. И денес тие судии му пресудуваат на народот на Македонија и на правдата на државата. Тоа е првиот, според мене, лош пример. И вториот лош пример е оној антиуставен имплант СЈО, кое до ден денес претставува проблем за правдата во Македонија“, посочи Мицкоски и дополни дека ова со 350 илјади евра заѕидани во ѕид се само последица.
„Којзнае колку има заѕидани такви илјадници евра и потрошени и изедени и испиени и не знам што. И затоа е таква перцепцијата на сите оние кои треба да бидат заштитници на правдата. Не се сите такви, мал дел се, но тој мал дел ги контаминира сите“, изјави Мицкоски и забележа дека тоа е главната причина зошто нема правда во Македонија и се чувствува правна несигурност кај граѓаните и инвеститорите.
„Да оставиме судот да пресуди и тој што е виновен да одговара. Но да ве потсетам, овој случај имаше и прво полувреме, ова со заѕиданите пари е второ полувреме. Мораме да ги гледаме холистички работите“, заклучи премиерот Христијан Мицкоски и истакна дека за Владата друга опција и друг избор освен борбата за правда нема.

