Македонија
Пендаровски за Апасиев: Мислам дека тој психопат не е со сите штом може вакви работи да постира на социјалните мрежи
Претседателот Стево Пендаровски во изјавата по Советот за безбедност на новинарско прашање даде свој коментар и за фејсбук статусот и навредата кон него од пратеникот од Левица, Димитар Апасиев.
„Тој тип минатата година јавно ја пцуеше Радмила Шекеринска и од прилика знам за каква креатура се работи, каков резон има, но навистина не верував дека може да дојде до ситуација да ми пцуе починат родител. Тоа ми е една лична болка која не можам да ја разберам зошто имал потреба да ја искаже. Мојата мајка е почината пред 10 години. Мислам дека беше крајно нечовечки, пцовката сама за себе, особено да ми пцуеш гроб на почината мајка, тоа е нешто што не се простува“, одговори претседателот Стево Пендаровски на новинарското прашање за пцовката која што му ја упати Димитар Апасиев преку социјалните мрежи.
Тој смета дека ова е изјава без преседан во современа Европа.
„Таква работа, таков јавен став може да каже само човек кој е ушмркан или му фали нешто во главата. Јас навистина мислам дека тој психопат не е со сите штом може вакви работи да постира на социјалните мрежи. Тоа е настан, изјава без преседан во современа Европа. Ви гарантирам дека избран пратеник во ниту еден европски парламент не пцуе починати родители на друг колега политичар. На Балканот тие работи особено ако имаш нешто меѓу нозе ги кажуваш во очи. Тој немаше храброст да ми ги каже во очи, туку се криеше во подрум и зад некоја тастатура и испраќаше пораки. Неговите пораки за сечење, бесење, колење ги испраќа преку фејсбук. Од друга страна што можеш да очекуваш од таква гнида од човек, да ти дојде во очи и да ти го каже тоа бидејќи знае кои се консеквенсите. Не само јас, туку секој нормален човек за починат родител не би му простил и знае што ќе добие во таква ситуација. Преку глава ми е од таквите фејсбук патриоти, големи македонски мажиња кои не туркаат во обратна насока од демократија“ – додаде Пендаровски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

