Македонија
(Видео) Мицкоски: Му понудив на Ковачевски да го отфрли предлогот, а јас да се повлечам од барање предвремени избори

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски понудил три решенија за францускиот предлог. Тој не добил никаков одговор на барањата од премиерот Димитар Ковачевски.
Според Мицкоски, барањата се разумни. Останува на ставот кој го дели со партијата дека предлогот во ваква форма треба да се одбие.
„Ковачевски го презентираше тоа што секој ден го гледавме во јавноста. На сметка на тоа јас дадов свое гледише на текстот и ги извлекувам заклучоците: овие два документи не се прифатливи за мене и ВМРО-ДПМНЕ, му понудив на Ковачевски да излезе и да го отфрли предлогот, а јас да се повлечам од барање предвремени избори и да ги надминеме заедно предизвиците кои ги имаме пред нас зимава, последица на кризата. Само треба да го одбие ова. Ова не е преговарачка рамка со која ние не обезбедуваме европска иднина туку се бугаризираме. Третата работа која ја понудив, ако смета дека ова е така, дека идентитетот е обезбеден, да бидат избришани членот 11 и членот 14 од Протоколот, а потоа во преговарачката рамка каде имаме принципи врз кои се водат преговорите да ги избришат членовите каде се годишните прегледи и делот каде се повикуваат на протоколот на првата меѓувладина конфенреција. Нека ги избришат ако ова обезбедува европска иднина”, кажа Мицкоски.
Според него, предлогот е да се направи чекор назад и да се застане во одбрана на македонскиот идентитет.
Кристијан Ландов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Крадци корнат бисти од гробишта – по Бутел, бронзена биста украдена и во Ѓорче

Нов случај со кражба на бронзена биста од гробишта бил регистриран во полицијата во текот на вчерашниот ден.
Скопјанка пријавила попладнето дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста.
Само два дена претходно, истото се случи и на гробиштата во Бутел. Тогаш од МВР информираа дека со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти.
„Макфакс“ претходно објави и дека во текот на минатата седмица беше откорнатата плоча од споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ во Скопје. Украден е релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, отстранети се и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случаите.
Македонија
Дрво падна кај Млечен, оштетени три автомобили, скинати кабли од бандера

Дрво попладнево падна на улицата Анкарска кај популано именуваниот реон „Млечен ресторан“.
Паднатото дрво има оштетено три автомобили.
Од Центарот за управување со кризи, информираа дека полицијата е на лице место и настанот е пријавен во ЈП ,,Паркови и зеленило” за да го отстранат паднатото дрво од улицата.
Исто така, дрвото, при паѓањето, има скинато кабли од бандера.
Известени се надлежните институции за санација на скинатите и откачени кабли.
Фото: Илустрација
Македонија
Села му одговори на Таравари: Без доверба и чест нема ниту куќа, ниту врата

Едниот од лидерите на поделената Алијанса за Албанците, Зијадин Села, преку социјалните мрежи му одговори на неговиот поранешен сопартиец, Арбен Таравари за можноста за повторна соработка.
„Според албанската традиција и обичајното право, домот не е едноставно место каде што живееш, туку тоа е име и идентитет! Дали вратата или куќата е голема или мала го прави сопственикот на куќата. Честа, довербата, дадениот и одржан збор и мажественоста се атрибутите кои овој сопственик мора да ги има. А кога ги нема, тоа не се нарекува ниту куќа, ниту врата, а камоли голема“, се вели во објавата на Села.
Таравари претходно вчера рече дека кој сака е добредојден да им се придружи. Одговарајќи на новинарско прашање дали е можно повторно спојување со лидерот на другото крило од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, тој изјави: „Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“.

„Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“ – Арбен Таравари
Алијансата за Албанците на Таравари одлучи на локалните избори да излезе со посебни листи за општински советници.