Македонија
Маричиќ: Нашата цел беше да го заштитиме македонскиот јазик во рамките на ЕУ и ја исполнивме

„Нашата цел во овој процес беше да го заштитиме статусот на македонскиот јазик во рамките на Европската Унија, а не беше да ја убедиме Бугарија да го промени својот став. Целта беше да нема влијание тој став на ставот на Европската Унија“, рече вицепремиерот Маричиќ на вчерашниот брифинг со уредници на Националната радио-телевизија.
Вицепремиерот Маричиќ посочи дека е направена добра анализа и не случајно ниту, пак, наивно го претставуваат овој предлог и истакна дека се земени искуствата и од многу држави членки на ЕУ за нашите позиции, кои потоа биле користени во текот на разговорите со Бугарија за да се дојде до едно компромисно решение.
Во овој контекст вицепремиерот Маричиќ се надоврза на искуството на Ирска кое го кажа министерот за Европа, Томас Бирн, на заедничката прес-конференција на која беа испратени многу отворени и јасни пораки дека ова е моментот и ова е предлогот на кој треба да му се даде шанса.
„Особено имаше емотивен говор, според мене, министерот за европски прашања на Ирска којшто кажа дека Ирска требало да отстапи од територијални претензии кон Британија за да се зачлени во ЕУ, дека имале 10 годишна блокада од Франција во тоа време, дека навистина како народ кој бил долго време негиран од своите соседи сочувствуваат со нас, но неговиот заклучок беше нашиот идентитет процвета од кога влеговме во ЕУ“, рече Маричиќ.
Како што посочи вицепремиерот Маричиќ, ирскиот министер објасни и направи јасна споредба дека денес го користат и ирскиот јазик и англискиот јазик и дека Ирска економски и културно и идентитетски се развила од кога е во ЕУ и од држава од која сите сакаа да се иселат пред 50 години кога станале членки на ЕУ, денес е држава во која луѓето сакаат да се доселат и сакаат да живеат и работат само заради ЕУ.
Вицепремиерот Маричиќ потенцираше дека овие лекции треба да ги препознаеме моментите кога треба да ја искористиме шансата, и затоа е важно да се навлезе во суштината на овој предлог, рече Маричиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре сончево време со температура до 33 степени

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 16, а максималната ќе достигне од 25 до 33 степени, информира УХРМ.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 32 степени.
Следува период на сончево и потопло време со мала до умерена облачност. Дневната температура ќе биде во постепен пораст.
Македонија
Зајакнати капацитетите на обвинителството, истрагите и обвиненијата за корупција, констатира Европската комисија

Европската комисија во извештајот за состојбата со владеење на правото во нашата земја констатира напредок во истрагите и поднесените обвиненија за кривични дела од областа на корупцијата, додавајќи дека долгите судски постапки и недоволните ресурси го отежнуваат гонењето на висока корупција, соопштија од Јавното обвинителство.
Во извештајот се нагласува упатството за давање приоритет на предметите од областа на корупцијата што го донесе Јавниот обвинител на Република Северна Македонија.
„Јавните обвинителства покажуваат зајакнат капацитет за истражување, подобра меѓуинституционална соработка, а четирите истражни центри сега се во функција”, се наведува во извештајот со кој се скенира состојбата во оваа област, по примерот на сличните извештаи што се изготвуваат за земјите-членки на ЕУ.
Освен тоа, извештајот забележува дека за обвинителството, особено за обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција не се одобруваат доволно финансиски средства и вработувања, особено на финансиски експерти.
„Ограничените финансиски ресурси кои се доделуваат на правосудството, вклучително и на јавното обвинителство продолжуваат да влијаат на неговата финансиска независност“, констатира Европската комисија во извештајот. Во него се нотира дека Јавното обвинителство добива само 0,22%, наместо предвидените 0,4% од државниот буџет, а на судовите и на јавните обвинителства и натаму им е неопходно формално одобрување од Министерството за финансии за сите буџетски трошења што се одразува буџетска автономија.
Европската комисија во извештајот го истакнува недостатокот на човечки ресурси, како и предизвиците во однос на дигитализацијата, кои имаат ефект врз ефикасноста на правосудниот систем преку одолговлекување на судските постапки.
Ефектот на измените на Кривичниот законик продолжува значително да ги поткопува напорите за борба против корупцијата, се наведува во документот.
Мешањето и притисоците од останатите државни власти врз правосудството предизвикува сериозна загриженост по однос на независноста на правосудството, се констатира, при што особено се истакнува поведената постапка за разрешување на државниот јавен обвинител, која според Комисијата “ги разоткри недостатоците во постапката за разрешување и ризиците за нејзина политизација”.
Притоа Комисијата, коментирајќи ги основите по кои се предлагаше разрешување на државниот јавен обвинител, ја наведува формулацијата “несоодветно однесување со кое се нанесува штета на угледот на јавното обвинителство” како многу широка дефиниција за дисциплинска одговорност која создава правна несигурност и отвора можност за политизација на постапката за разрешување на државниот јавен обвинител.
Во целиот правосуден сектор се констатира дека се преземаат мерки за јакнење на транспарентноста, иако се уште има загриженост за постапките за избор на судии и јавни обвинители дека не се доволно транспарентни и аргументирани.
Македонија
Меџити на Конференција за обнова на Украина: Северна Македонија со поддршка на украинскиот територијален интегритет

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, учествува на Конференцијата за обнова на Украина 2025 (Ukraine Recovery Conference 2025 – URC 2025), која се одржува во Рим, Италија.
Станува збор за четвртата по ред голема меѓународна конференција посветена на закрепнувањето и долгорочната обнова на Украина. Настанот е коорганизиран од владите на Италија и на Украина. Целта е мобилизација на владини, финансиски и приватни ресурси за поддршка за реконструкција на земјата погодена од војната.
Во Рим, вицепремиерот Меџити го повторил цврстиот став на Република Северна Македонија во поддршка на украинскиот територијален интегритет, како и подготвеноста да придонесе во процесот на обнова.
URC 2025 е продолжение на годишната серија високи политички форуми што од 2022 година обединуваат влади, меѓународни финансиски институции и стопански комори околу визијата за „брз, одржлив и европски пат на закрепнување на Украина“.
„Присуството на Северна Македонија на највисоко ниво уште еднаш покажува дека нашата држава останува доследен поддржувач на Украина и активен учесник во зацврстувањето на европската солидарност и партнерството со НАТО и ЕУ“, соопштија од Кабинетот на Меџити.